225/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 алинеја 6 и член 64 алинеја 5 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Законот за надворешни работи, се вршело ограничување на правата на граѓаните без да се има уставна основа за тоа. Исто така, во оспорените законски одредби не биле конкретно наведени кривичните дела, ниту изречените казни за нив, што лицето го прави недостојно за вршење на функцијата генерален конзул, односно за работа во Министерството за надворешни работи. Овој недостаток на оспорените законски одредби, според подносителот на иницијативата, дозволувал целосна дискреција при одлучувањето за ова прашање, со што поединецот не бил заштитен од самоволно попречување да ја врши функцијата генерален конзул, односно работење во Министерството, дури и во случаи кога кривичното дело не било во никаква врска со наведената функција. Поради тоа, овие делови од формулацијата на оспорените од редбби не биле доволно проецизни и јасни и не обезбедувале правна сигурност на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според член 49 од Законот за надворешни работи, за генерален конзул може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:

– да е државјанин само на Република Македонија,
– да има завршено високо образование,
– активно да владее два странски јазика, од кои задолжително еден од јазиците во службена употреба во

Организацијата на Обединетите нации. Доколку службениот јазик на земјата на приемот е различен од јазиците во службена употреба во Организацијата на Обединетите нации, да има основни познавања од него,
– да има стекнато високо дипломатско звање,
– да има здравствена и психофизичка способност,
– да не е осудуван за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеца, за кривично дело во врска со службената должност, или за друго кривично дело што го прави недостоен за генерален конзул и
– да има соодветен безбедносен сертификат.

Во членот 64 од истиот закон е предвидено дека работен однос во Министерството може да заснова лице кое покрај општите услови, утврдени во Законот за државните службеници, ги исполнува и следниве посебни услови:

– за лице кое се вработува како стручен или раководен државен службеник, активно да владее два странски јазика, од кои задолжително еден од официјалните јазици на Организацијата на Обединетите нации (ООН),
– за лице кое се вработува како стручно-административен државен службеник, активно да влад ее еден од официјалните јазици на ООН,
– да има здравствена и психофизичка способност,
– да има основна информатичка оспособеност,
– да не е осудувано за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеца, за кривично дело во врска со службената должност, или за друго кривично дело што го прави недостоен за работа во Министерството и
– да има соодветен безбедносен сертификат.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија зако ните мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од анализата на наведените уставни одредби како и содржината на оспорените законски одредби Судот оцени дека во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон.

Тргнувајќи од овие причини, при оценување на уставноста на оспорениот дел од законските одредби како основен критериум е постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Со други зборови, тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Притоа, ако се има во вид фактот дека со оспорениот дел од законските одредби се врши ограничување на правото за генерален конзул да биде именуван, односно за засновање на работен однос во Министерството за надворешни работи да биде именувано, односно вработено лице кое било осудувано за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци, за кривично дело во врска со службената должност или за друго кривично дело кое го прави недостоен за генерален конзул, односно за работа во Министерството, според Судот, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа што во случајов произлегува дека со оспорениот дел од законските одредби, по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, лицето не може да врши одредена функција, односно работа (генерален конзул или вработен во Министерството за надвворешни работи), тогаш се доведува во прашање согласноста на оспорените делови од законските одредби на членовите 49 и 64 од Законот за надворешни работи, со одделни уставни принципи.

Имено, во конкретниов случај, освен што се врши ограничување на правата на граѓаните, без да се има уставна основа за тоа, според Судот во оспорените делови на законските одредби не се конкретно наведени кривичните дела, ниту изречената казна за нив, што лицето го прават недостојно за вршење на функцијата генерален конзул, односно вработување во Министерството. Овој недостаток во оспорените законски одредби, според Судот, дозволува целосна дискреција при одлучувањето за овие прашања, при што поединецот не е заштитен од самоволно посредување да ја врши функцијата – односно работата дури и во случаи кога кривичното дело не е во некаква врска.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека овој дел од формулацијата на оспорените законски одредби не е доволно прецизен и јасен и не обезбедува правна сигурност на граѓаните, со што може да се доведува во прашање нивната согласност со членот 8 став 1 точки 1, 3 и 4 од Уставот.

Имајќи го во вид фактот дека со оспорените законски одредби ограничувањето на достапноста на функцијата генерален конзул, како и на вработен во Министерството за надворешни работи, настапува како правна последица од осуда по сила на законот, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува суд во рамките на видовите на казни, односно санкции, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со членовите 13 став 1, 14 став 1, 23, 25 и 51, а во врска со член 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2007
21 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски