3/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Крсте Мисирков“ Кавадарци донесена од Советот на општина Кавадарци број 07-811/3 од 15 октомври 2004 година, објавена во „Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.37 од 20 октомври 2004 година.

2. Манчо и Блажо Манчеви од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одлука било утврдено постоење на улица како продолжение на улицата „Крсте Мисирков“ која водела спрема семејните станбени згради на подносителите на иницијативата. Оваа престапна уличка се наоѓала исклучиво во државно земјиште, но истата била узурпирана од лицето Душан Манојлев, за кое се водела судска постапка. Имено, оспорената Одлука не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи против предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Кавадарци бил поднесен приговор од подносителите на иницијативата по кој не било одговорено, односно надлежниот орган не се произнел писмено за прифаќање односно неприфаќање на забелешките. Измената на пристапната уличка со сега оспорената одлука не била резултат на јавна анкета. Имено, во конкретниов случај, не било постапено во смисла на член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи стручната комисија не ја исполнила законската обврска писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложена причина за негово прифаќање, односно неприфаќање.

Поради наведените причини, подносителите на иницијативата, сметаат дека со оспорената одлука се повредени членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди дека членот 1 од оспорената одлука утврдува дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план на локалитетот „Крсте Мисирков“ во град Кавадарци.

Членот 2 од Одлуката определува дека просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план е со површина од 11,45 ха и е со граници и мери дадени во графичкиот дел на Деталниот урбанистички план.

Во членот 3 од Одлуката е даден опис што содржи Деталниот урбанистички план.

Според членот 4 од Одлуката Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општина Кавадарци и потпис на претседавачот на Советот.

Во членот 5 од Одлуката се предвидува дека заверениот Детален урбанистички план на локалитетот „Крсте Мисирков“ во град Кавадарци се овластува да го чува и спроведува Подрачната единица на Министерството за транспорт и врски – Сектор за урбан изам на општина Кавадарци.

Членот 6 од Одлуката утврдува дека истата влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на општина Кавадарци“.

4. Во текот на претходната постапка, Судот ја утврди следнава фактичка состојба:

– склучен Договор бр.03-1285/1 од 1.10.2002 година за изработка на Детален урбанистички план за локалитет „Крсте Мисирков“ – измени и дополнувања со изготвувач „Дизајн Центар Инженеринг“ Кавадарци,
– Стручна ревизија бр.03-28/2 од 13.01.2003 година изработена од страна на Архитектонскиот факултет,
– Одговор на Стручна ревизија бр.03-1197 од 11.03.2003 година даден од изготвувачот „Дизајн Центар Инженеринг“ Кавадарци,
– Стручно мислење бр.24-20/1 од 27.01.2003 година дадено од Министерството за транспорт и врски,
– Одговор на Стручно мислење бр.03-1197 од 11.03.2003 година дадено од изготвувачот „Дизајн Центар Инженеринг“ Кавадарци,
– Одговор за организирање на Јавна анкета бр.24-20/3 од 11.04.2003 година донесена од Градоначалникот на општина Кавадарци,
– Соопштение за организирање на јавна анкета бр.24-20/4 од 14.04.2003 година објавено во јавни медиум,
– Потврда од Радио телевизија Кавадарци од 3.07.2003 година,
– Анкетни листови од спроведена јавна анкета,
– Решение за запирање на постапката за донесување на измени и дополнување на ДУП за урбан блок „Крсте Мисирков“ 08-1439/1 од 27.10.2003 година,

Во постапката за донесување на предметниот ДУП, до фаза – одржана јавна анкета, градоначалникот на општина Кавадарци донел Решение за запирање н а постапката од следните причини: поради отсуство на главниот архитект Планот бил работен без програма и задачи за изработка на планот, неажурирани геодетски подлоги, односно на подлогите од нацртот не била прикажана најновата постојна состојба на изграденост на објектите во опфатот, овие причини довеле до потполно незадоволително и неприфатливо урбанистичко решение, особено на локацијата на колективно домување со огромно незадовлство кај станарите. После консултација со Министерството за транспорт и врски и Архитектонскиот факултет, неопходно потребно било да се донесе цитираното решение и постапката да се врати во фаза на нацрт.

Во повторената постапка, на нацрт ДУП изработена била Стручна ревизија бр.317 од 9.12.2003 година од страна на Архитектонскиот факултет Скопје.

Со Записник бр.23-49/2 од 22.01.2004 година и Заклучок бр.23-49/3 од 22.01.2004 година од страна на Одделението за урбанизам бил утврден текстот на Нацртот на измени и дополнување на ДУп за урбан блок „Крсте Мисирков Кавадрци, по што Нацрт-планот бил доставен на Стручно мислење во Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

Од Министерството за транспорт и врски било добиено Стручно мислење бр.03-173/2 од 20.01.2004 година, по што е покрената постапка за организирање јавна анкета и тоа донесени се:

– Одлука за организирање на Јавна анкета бр.03-49/4 од 22.01.2004 година по нацртот на измените и дополнување на ДУП урбан блок „Крсте Мисирков“ Кавадарци,
– Соопштение за организирање на Јавна анкета бр.03-49/ 5 од 25.01.2004 година,
– Потврда од телевизија Кавадарци од 9.02.2004 година,
– Извештај бр.03-49/7 од 14.06.2004 година од спроведената јавна анкета за ДУП за урбан блок „Крсте Мисирков“,
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета бр.03-49/9 од 14.07.2004 година доставено до Министерството за транспорт и врски,
– Согласнот бр.03-49/10 од 20.07.2004 година на Предлог ДУП за урбан блок „Крсте Мисирков“ издадена од Министерството за транспорт и врски, а потоа е донесена,
– Одлуката бр.07-811/3 од 15.10.2004 година за донесување на Деталниот урбанистички план за урбан блок „Крсте Мисирков“, донесена од страна на Советот на општина Кавадарци.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Репуб лика Македонија, покрај другите темелни вред-ности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапреду-вањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) влезе во сила со денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а се применува од 1 јули 2005 година.

Во членот 84 од овој закон е утврдено дека со денот на влегувањето и примената во сила на истиот престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002).

Со оглед на тоа што постапката за донесување на оспорената одлука започнала и се водела во време на важењето на претходниот закон за просторно и урбанистичко планирање, во конкретниов случај се применуваат одредбите на тој закон.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистиeки план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е опреде-лено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистиeки план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистиeки план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфа-тените забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистиeките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши струeна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното доне сување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 ставовите 6 и 7 и член 23 од овој закон, урбанистиeките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за урбан блок „Крсте Мисирков“ – Кавадарци бр.07-811/3 од 15 октомври 2004 година, донесена од Советот на општина Кавадарци е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи во постапката за изработување и донесување на оспорената одлука за наведениот Детален урбанистички план се испочитувани сите фази на постап-ката предвидени во овој закон. Од овие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорените одлуки со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, наводите истакнати во иницијативата дека, доносителот на актот не постапил согласно член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), каде е предвидена обврска стручната комисија формирана од градоначалникот писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, не можат да бидат земени во предвид бидејќи постапката за донесување на конкретниов детален урбанистички план е во дена и завршена според одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, што бил во правниот поредок во време на донесување на одлукaтa, каде таква обврска не е предвидена. Ова дотолку повеќе што од увидот во Извештајот за спроведената јавна анкета бр. 03-49/7 од 14 јуни 2004 година се констатира дека подноси-телите на иницијативата воопшто не учествувале на јавната анкета и не дале свои сугестии, забелешки и приговори. Од наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспоренaтa одлукa со Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во времето на неговото донесување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2008
21 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски