46/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

а) член 47 став 1, во делот: „Глоба во износ од 10% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието (изразена во апсолутен износ), остварен во деловната книга што претходи на годината во која е сторен прекршокот, ќе му се изрече на правно лице, ако со умисла или небрежност:“, и

б) член 48 став 1, во делот: „Глоба во износ до 1% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието (изразена во апсолутен износ), остварен во деловната година што претходи на годината во која е сторен прекршокот, ќе му се изрече на правно лице, ако со умисла или небрежност“ од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 70/ 2006 и 22/2007).

2. Александар Матески од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 под а) и б) од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која дополнително е прецизирана, со оспорените одредби била повредена правната заштита на сопственоста на правните лица и била нарушена слободата на пазарот и претприемништвото. Ова од причина што несигурноста, непредвидливоста и арбитрерноста можеле да креираат само лабилност на пазарот, намалени инвестиции и страв кај субјектите.

Со оспорените одредби, исто така се вршела повреда на член 20 од Уставот, односно се опструирало остварувањето на економските права и интереси, бидејќи постојано била присутна опасноста од арбитрерност при евентуална повреда на законот.

Според подносителот на иницијативата, во членот 55 од Уставот, било предвидено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, но со оспорените одредби нема еднаква правна положба и со предвидените мерки во Законот се кочел економскиот развој, со што се повредувал членот 57 од Уставот. Имено, според наводите во иницијативата повредата – прекршокот се казнувал според видот на повредата, а не според рентабилноста на претпријатието, ангажираноста и инвентивноста на работниците, пробиеноста на странски пазар, материјалните ефекти од маркетингот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 47 од Законот за заштита на конкуренцијата, глоба во износ од 10% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието (изразена во апсолутен износ), остварен во деловната книга што претходи на годината во која е сторен прекршокот, ќе му се изрече на правно лице, ако со умисла или небрежност:

1) склучи забранет договор или на друг начин учествува во договор, одлука или договорна практика со кои се спречува, ограничува или нарушува конкуренцијата во смисла на член 7 од овој закон,
2) стори злоупотреба на доминантна позиција во смисла на член 13 став (2) од овој закон,
3) не постапи по решение на Комисијата од членовите 10, 14 и 38 на овој закон,
4) не достави известување за концентрација, кога се исполнети условите во смисла на членот 16 став (1) од овој закон,
5) спроведе концентрација спротивна на членот 21 од овој закон,
6) спроведе концентрација за која со решение е утврдено дека не е во согласност со одредбите на овој закон, согласно со членот 22 став (3) од овој закон или не изврши некоја мерка согласно со членот 22 став (4) или (5) од овој закон и
7) не исполни некој услов или обврска согласно со членот 20 став (1) точка 2, членот 21 став (3) или членот 22 став (2) од овој закон.

Глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на физичко лице, кое согласно со одредбите на овој закон има својство на претпријатие.

Глоба во износ од 2.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член и на одговорното лице во правното лице.

При извршување на висината на глобата во предвид се земаат природата, тежината и времетраењето на прекршокот.

Во членот 48 од истиот закон се предвидува глоба во износ до 1% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријаието (изразена во апсолутен износ), остварен во деловната година што претходи на годината во која е сторен прекршокот, ќе му се изрече на правно лице, ако со умисла или небрежност:

1) достави неточни или невистинити податоци согласно со членот 19 од овој закон, а во смисла на членот 18 од овој закон,
2) не постапи по заклучок на Комисијата за доставување на податоци или достави неточни, нецелосно и невистинити податоци во смисла на челнот 35 од овој закон,
3) не дозволи увид во трговските книги и друга документација во смисла на членовите 35 и 36 од овој закон,
4) даде неточен или невистинит одговор или не постапи по барањето на Комисијата за дополнување или исправка на неточен, нецелосен или невистинит одговор, даден од страна на вработен во претпријатието, во определениот рок согласно со членот 35 став (3) точка 5 од овој закон,
5) не постапи или одбие да даде целосен одговор за фактите поврзани со предметот и целта на увидот, согласно со заклучокот од членот 35 став (4) на овој закон, и
6) ги отпечати запечатувањата извршени согласно со членот 35 став (3) точка 4 од овој закон.

Глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на физичко лице, кое согласно со одредбите на овој закон има својство на претпријатие.

Глоба во износ од 500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

При утврдување на висината на глобата, предвид се земаат природата, тежината и времетраењето на прекршокот“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од т емелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според алинеја 5, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монопоското однесување на пазарот.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот, определувајќи се за слобода на пазарот и претприемништвото и заштита на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот како темелни вредности на уставниот поредок, а заради потикнување на економскиот развој и интересите на потрошувачите обезбедува слободна конкуренција на домашниот пазар и презема мерки за спречување на ограничување на конкуренцијата. Имено во Законот е промовирана општата забр ана на договори и одлуки со кои субјектите на пазарот ја спречуваат, ограничуваат и нарушуваат конкуренцијата на пазарот што како последица повлекува ништавност на таквиот договор.

Покрај наведеното општо правило за забранетост на договорите и одлуките кои имаат за цел спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата на пазарот, законодавецот направил исклучок од ова правило, при што одредбите од договорите или одлуките на субјектите на пазарот нема да се сметаат за ништавни ако тие придонесуваат за унапредување на производството или дистрибуција на добрата и услугите или промовирање на техничкиот и економскиот развој ако од тоа имаат сразмерна корист и потрошувачите.

Договорите од мало значење се дефинирани во членот 9, став 2 како такви, но од аспект на нивното влијание на конкуренцијата на пазарот. Имено, според членот 9, став 2 „За договор од мало значење се смета договор во кој заедничкиот пазарен удел на учесниците во договорот и претпријатијата под нивна контрола на пазарот, не го надминува прагот од 10% доколку договорот е склучен меѓу претпријатија кои работат на исто ниво на производство или трговија (хоризонтален) или прагот од 15% доколку договорот е склучен помеѓу претпријатија кои работат на различно ниво на производство или дистрибуција (вертикален)“. Оттаму, со членот 9, став 2 не се прави поделба на договорите на договори со мало, односно големо значење од аспект на нивната содржина, туку единтвено од аспект на нивното влијание на релевантниот географски пазар на пр оизводи, а со тоа и на конкуренцијата. Исто така, со членот 9, став 4 се предвидува содржината на подзаконскиот акт со кој се пропишани условите во договорите од мало значење, ограничувањата, како и одредбите кои не може да бидат содржани во договорите.

Со цел да не се злоупотреби оваа законска можност од субјектите на пазарот, законодавецот таксативно ги утврдил видовите на договори од одделни области кои не може да се подведат под категоријата на договори со кои се спречува, ограничува или нарушува конкуренцијата на пазарот и тоа доколку исполнуваат определени услови.
Судот смета дека Законот ги утврдил видовите на договори за групно изземање и општата рамка односно условите што тие договори треба да ги исполнат, при што имајќи ги предвид специфичностите на секој одделен вид на договор кој потпаѓа под категоријата групно изземање препуштил поблиските услови да бидат утврдени со Уредба на Владата, а на предлог на Комисијата.

Самата Уредба (членовите 4, 5 и 6) содржи, односно доразработува услови кои се веќе инкорпорирани во член 9, став 2 од Законот. Дополнително Уредбата (членовите 7, 8, 9 и 10) содржи, односно доразработува ограничувања кои не смеат да бидат содржани во договорите, а кои се веќе инкорпорирани во член 7, став 1 од Законот, со што се доразработува законската норма од членот 9, став 2 на законот.

Со Законот за заштита на конкуренцијата односно во оспорените членови 47 став 1 и 48 став 1 е предвидена глоба (според Законот за прекршоците) за правните лица во висина од 10%, односн о 1% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието остварен во деловната година што претходи на годината во која е сторен прекршокот за определени забранети дејствија и однесување на правното лице на пазарот. Имено, казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоци што можат да ги сторат субјектите кои вршат определена дејност. Според Судот, при утврдувањето на прекршочни санкции за сторен прекршок право е на законодавецот и на доносителот на друг пропис да ја определи висината на прекршочната санкција во зависност од општествената опасност на казнивите дела и видот на сторителот.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот утврдувањето на висината на прекршочната санкција односно висината на глобата не претставува елемент на пазарот и претприемништвото поради што тој принцип, на кој се укажува во иницијативата, не може да биде доведен во прашање.

Ова од причина што според Судот воведениот начин на пропишување на санкции за прекршоци е прашање на законодавната и казнена политика и дека со тоа не се доведува во прашање начелото на еднаквост на субјектите на пазарот и слободата на пазарот и претприемништвото, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на деловите на оспорените членови со Уставот.

По однос на наводите на подносителот на иницијативата за неуставност на членовите 47 став 1 и член 48 став 1 од Законот за заштита на конкуренцијата, според Судот оспорените одредби се изготвени сог ласно член 23 од Регулативата на Советот на министри на Европската унија – 1/2003 од 4.01.2003 година според кои јасно и недвосмислено е утврдено дека правните лица кои сториле прекршоци се должни да платат глоба во износ до 10% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието (изразена во апсолутен износ), остварен во деловната година што претходи на годината во која е сторен прекршокот како што е утврдено со член 47 став 1, односно во износ до 1% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието како што е утврдено во член 48 став 1 од Законот.

Во однос на наводите во иницијативата дека со ваквиот начин на утврдување на висината на глобата за прекршок се доведени во нееднаква положба субјектите на пазарот кои рентабилно работат на пазарот и остваруваат поголема добивка во однос на претпријатијата кои остваруваат помала добивка, со што се губи смислата на казната и санкцијата, Судот оцени дека е прашање на законодавната и казнената плитика, а не прашање за кое е надлежен Уставниот суд. Ова дотолку повеќе, што законодавецот при утврдувањето на глобата за прекршок се раководел од уставното начело на еднаква правна положба на субјектите на пазарот и утврдил висина на глоба – ист процент на глоба за секој од субјектите без оглед на различната позиција на пазарот која субјектите ја имаат. Во таа насока висината на глобата како санкција за прекршок за правните лица е врзана за нивниот вкупен годишен приход како објективен критериум, а не на добивката или пак на загубата на правното лице во текот на реализираната деловна книга.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.46/2007
21 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски