Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.23 од 11 мај 2007 година донесена од Управниот одбор на здравствената станица на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје.
2. Златко Солев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведу-вање постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека врз основа на Програма на Министерството за здравство како специјалист-стоматолог по протетика бил изземен од приватизацијата во примарната здравствена заштита заедно со ординацијата во која работел. Меѓутоа, раководителот на здравствената станица, по сопствена иницијатива распишал конкурс за давање под закуп на ординацијата на подносителот на иницијативата, а Управниот одбор на здравствената станица, спротивно на Законот и Статутот го укинал неговото работно место на 11 мај 2007 година. Потоа е донесено и решение со кое му е даден отказ, но не поради укинување на работното место, туку поради непријавување на конкурсот.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со одлуката е повреден Уставот со кој му било загарантирано правото на работа, Законот за работните односи, по однос на незапазување на постапката за укинување, а исто така бил повреден и Статутот на здравствената станица по однос на неможноста за негово изменување. Ова од причина што Статутот не бил изменет и во него постоело стоматолошко одделение и неговото работно место. Имено, правно не било одржливо и било недозволено со интерен акт-одлука на орган кој управува со Јавна здравствена установа да се врши измена на Статутот како највисок управен акт во установата, кој бил донесен од основачот (Собранието на Република Македонија), без негово одобрение и согласност. Таквата одлука била противуставна и незаконска. Ова од причина што со неа се укинувало целото стоматолошко одделение со негова општа и специјалистичка дејност и единствено неговото работно место, во кој случај се направила измена без согласност на основачот, што било невозможно. Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека Уставниот суд како највисока правна инстанца треба да ја укине-поништи наведената одлука и да ја поврати правната сила на Правилникот за систематизација на работните места која постоела пред донесувањето на одлуката.
3. Судот на седницата утврди дека, Управниот одбор на Здравствената станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, врз основа на член 28 став 1 алинеја 3 од Статутот на Здравствената станица, член 200 од Законот за здравствената заштита, како и решението на министерот за здрав ство бр.22-7538/5 од 23 јануари 2007 година на седницата одржана на 11 мај 2007 година донел одлука, (бр.23 од 11 мај 2007 год.) за донесување на Правилник за измена на Правилникот за систематизација на работи односно работни задачи (работни места) на Здравствената станица.
Според членот 1 на Одлуката, во Правилникот за систематизација на работи односно работни задачи-работни места на Здравствената станица на Универзитетот „св. Кирил и Методиј“ Скопје, во глава IV, се брише точка „2. Одделение за стоматологија“, како и од глава „V“ од Систематизација на работи односно работни задачи-работни места се бришат членовите 43, 46, 55, 56, 57 и 58.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека истата се донесува врз основа на Програмата за спроведување на Законот за здравствената заштита доставена од Министерството за здравство на 9 јануари 2007 година, како и решението на министерот за здравство означено во уводот на одлуката.
Во членот 3 од Одлуката е определено дека овој Правилник влегува во сила осмиот ден по неговото објавување.
Судот, исто така, врз основа на увидот во иницијативата и нејзината целина, утврди дека подносителот на иницијативата оспорениот акт го означува како одлуката бр.23 од 11 мај 2007 година донесена од Управниот одбор на здравствената станица на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје за укинување на работното место стоматолошка протетика во специјалистичкото одделение за стоматолошко-протетска дејност. Меѓутоа, од доставе-ната документација се утврди дека станува збор за одлука под наведениот број и датум со која не се укинува конкрет-ното работно место на подносителот на иницијативата, туку се вршат измени во Правилникот за систематизација на работните места.
4. Согласно членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши бришење на одделни делови и одредби од Правилникот за систематизација на работи односно работни задачи-работни места на Здравствената станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, што е во функција на извршување на работите од надлежноста на Здравствената станица. Од таму, оспорената одлука има карактер на интерен акт, односно акт што ги уредува внатрешните односи, што значи дека не содржи општи норми на однесување, не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото. Според тоа, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис подобен за уставносудска оцена.
Со оглед на фактот што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, за каков што го смета и самиот подносителот на иницијати-вата, Судот оцени дека не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот и со законите, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.67/2008
21 мај 2008 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски