9/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на издавањето под закуп и за критериумите за утврдување на висината на закупнината за просторот и опремата на јавните здравствени установи кои се издаваат под закуп („Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004).

2. Светлана Атанасовска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот правилник не биле пропишани поблиските критериуми за утврдување на висината на закупнината, како што било предвидено во членот 200-ќ став 2 од Законот за здравствената заштита, туку изворно и непосредно биле пропишани основните критериуми и директно била определена и самата висина на закупнината за просторот и опремата што се издаваат под закуп. Ова се гледало и од самиот наслов на оспорениот акт, како и од неговите член 1, член 6, член 7, член 8 и член 9, а во членот 10 се утврдувале права и обврски за граѓаните и правните лица која материја можела да биде уредена само со закон, но не и со подзаконски акт. Според тоа, оспорен иот правилник ги повредувал членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот на Република Македонија, членот 200-ќ од Законот за здравствената заштита, како и членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 200-ќ од Законот за здравствената заштита, министерот за здравство го донел оспорениот правилник бр.13-7146/2 од 14 септември 2004 година, кој има 11 членови.

Според содржината на членот 1 од Правилникот, со овој правилник се утврдува начинот на издавањето под закуп на простор и опрема како делови во јавните здравствени установи кои претставуваат организациона, просторна, техничка и функционална целина и крите-риумите за утврдување на висината на закупнината на органи-зационите единици кои се издаваат под закуп.

Во членот 2 од Правилникот е определен начинот на огла-сување на конкурсот за издавање под закуп, а во членот 3 се определени елементите на конкурсот.

Во членот 4 од Правилникот е определено кој го спроведува конкурсот, е утврден начинот на обработка на прибраните пријави и се дадени елементите на решението за издавање на просторот под закуп.

Во членот 5 од Правилникот се утврдени елементите на записникот за предавање на просторот на користење.

Според членот 6 од Правилникот, висината на закупнината за просторот и опремата кои се издаваат под закуп се утврдува според следните критериуми:
1) големината на просторот издаден под закуп;
2) локација та на објектот, односно местоположбата на просторот;
3) староста на објектот, и
4) опременоста на просторот.

Во членот 7 од Правилникот е определено дека, според големината на просторот во објектите на јавната здравствена установа висината на закупнината се определува за еден метар квадратен корисна површина во која се врши основната дејност ако просторот е:
– до 50 м 2 100 денари за м2.
За просторот поголем од 50 м2 закупнината се плаќа во намален износ и тоа:
– за простор над 51-100 м2 – 60 денари за м 2
– за простор над 101-200 м2 – 40 денари за м 2
– за простор над 201 м2 – 30 денари за м 2.
– за подрумски и помошни простории кои припаѓаат кон просторот од ставовите 1 и 2 на овој член закупнината се намалува за 50%.

Во членот 8 од Правилникот е определено дека, според локацијата, односно местоположбата на просторот во објектите на јавните здравствени установи висината на закупнината се определува на:
– во градските населби 100% од закупнината според член 7 на овој правилник;
– во селските населби 50% од закупнината според член 7 на овој правилник.

Во членот 9 од Правилникот е определено дека, според староста на објектот во кој се наоѓа просторот што се издава под закуп висината на закупнината се определува:
– во објекти до 20 години старост-100% од закупнината според членовите 7 и 8 на овој правилник;
– во објекти над 20 години старост-80% од закупнината според членовите 7 и 8 на овој правилник.

Според членот 10 од Правилникот, за користењето на опремата која заедно со просторот се издава под за куп не се пресметува и не се плаќа закупнина според овој правилник, само ако со договорот за закуп закупецот презел обврска дека одржувањето на опремата ќе го врши сам со свои средства.

Во членот 11 од Законот е определено дека истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 91 алинеја 1 и 5 Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според членот 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 200-ќ став 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995-пречистен текст, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007), при утврдувaњето на висината на закупнината ќе се има предвид локацијата, големината и староста на објектот и опремата кои се издаваат под закуп. Според ставот 2 од истиот член од Законот, министерот за здравство поблиску го пропишува начинот на издавањето под закуп и поблиските критериуми за утврдување на висината на закупнината од ставот 1 на овој член.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од содржината на членот 200-ќ став 1 од Законот за здравствената заштита произлегува дека во него се дадени основните критериуми од кои зависи висината на закупнината за просторот и опремата што се издаваат под закуп како што се: локацијата, големината и староста на објектот и опремата кои се издаваат под закуп. Идентична содржина има и членот 6 од оспорениот Правилник.

Натамошните одредби на Правилникот (член 7, член 8, член 9 и член 10) според својата содржина преставуваат разработка на секој одделен критериум во функција на разработка на наведената законска одредба според големината на просторот (до 50м 2 и над 50м2 ), според староста (понов или постар од 20 години), според местоположбата (градски или селски населби). По однос на опремата е определено да не се плаќа закупнина доколку закупецот презел обврска дека одржувањето на опремата ќе го врши сам со свои средства.

Имајќи ја предвид содржината на наведената законска одредба произлегува дека е неоснован наводот од иницијативата дека во конкретниот случај изворно и непосредно биле пропишани основните критериуми и директно била определена и самата висина на закупнината за просторот и опремата што се издаваат под закуп. Ова од причина што законски определените критериуми локацијата, големината и староста на објектот и опремата кои се издаваат под закуп, според оцена на Судот, преставуваат доволна рамка за да врз основа на неа се определи висината на закупнината. Притоа, треба да се има предвид и тоа што фиксно определување на закупнината во законска одредба и фактички е невозможно заради спецификите на секој конкретен простор и опрема што се издаваат под закуп. Според тоа, оспорениот правилник не може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласнот со членот 200-ќ од Законот за здравствената заштита.

Од истите причини оспорениот правилник не може да се доведе под сомнение и по однос на неговата согласност со членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи со него се утврдува и р азработува членот 200-ќ од Законот за здравствената заштита и во него не се содржани одредби што утврдуваат права и обврски за граѓаните и правните лица.

Оттаму, овластувањето на министерот за здравство поблиску да го пропише начинот на издавањето под закуп и поблиските критериуми за утврдување на висината на закупнината не може да се доведе под сомневање од аспект на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и уставно утврдената положба и улога на Владата на Република Македонија како носител на извршната власт да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Тргнувајќи од напред наведеното, според Судот оспорениот правилник е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот на Република Македонија, со членот 200-ќ од Законот за здравствената заштита, како и членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.9/2008
21 мај 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски