207/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 17 од Правилникот за пуштање на пазар и ставање во употреба на моторни возила, приклучни возила, опрема и делови кои можат да се вградат и/или да се користат на нив („Службен весник на Република Македонија“ бр.134/2006, 9/2007, 156/2007 и 42/2008).

2. Друштвото за производство, промет, застапување и посредување Ман Импортер Македонија ДОО Скопје, преку полномошникот Бранко Гроздановски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 17 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се ограничувало добивањето на сообразност (хомологација), максимум за три примероци од ист тип на возила со што се повредувал принципот на слободата на пазарот и претприемништвото утврдено во членот 55 став 1 од Уставот и како темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија, како и членот 20 став 4 од Законот за безбедност на производите.

Имено, во наведениот закон не постоеле ограничувања по однос на количината на производите, туку само во однос на тоа дека производите не смееле да се пуштат на пазар или стават во употреба ако не биле сообразни со пропишаните технички барања од техничките прописи, ако не била извршена оцена на сообразноста според пропишаната постапка, ако не биле означени на пропишан начин и ако не биле проследени со документите определени во техничките прописи. Тоа биле единствените ограничувања и забрани кои ги утврдувал Законот за безбедност на производите, па согласно тоа оспорениот правилник не можел да предвиди други ограничувања кои што не биле предвидени во Законот.

Поради наведеното подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 17 од оспорениот Правилник.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 17 од Правилникот, за произведените и увезените возила во Република Македонија од ист изведен тип на возило, на производителот, застапникот или увозникот за секое поднесено барање му се издава изјава за сообразност на возилата за единечно произведени возила од ист изведен тип на возило.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Правилникот во делот кој се оспорува со иницијативата е изменета со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за пуштање на пазар и ставање во употреба на моторни возила, приклучни возила, опрема и делови кои можат да се вградат и/или да се користат на нив („Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2007) со кој во оспорениот член 17 зборовите: „до три примероци“ се бришат, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по истата, поради што согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.207/2007
21 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски