35/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членот 26 став 2 и членот 27 став 1 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1998, 11/1998, 12/2000, 2/ 2003, 3/2004 и 16/2006).

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 26 став 2 и членот 27 став 1 од Колективниот договор, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителoт на иницијативата по цитирање на оспорениот член 26 од Колективниот договор наведува дека прашањето на законитост на ставот 2 на оваа одредба основано се поставувало по изоставање на поимот „организациона единица на Министерството“ (сектор или одделение) кој бил содржан во ставот 1 на истата одредба, од каде произлегувало дека работникот можел да биде распореден на секое работно место во Министерството зависно само од степенот на стручната подготовка, а не и работното место да одговара на степенот на стручната подготовка, иако наведениот услов бил содржан во членот 56 став 1 ид Законот за внатрешни работи.

Понатаму, во иницијативата се наведува де ка уставноста и законитоста на оспорениот член 26 став 2 од Колективниот договор се доведувала во прашање ако се имал предвид членот 27 став 1 од Колективниот договор, според кој распоредувањето на работниците во случаите од членот 26 на Колективниот договор се вршело на работни места во иста или друга организациона единица (сектор или одделение) на Министерството без запазување на условот работното место да одговара на стручната подготовка на работникот, содржан во членот 56 став 1 од Законот за внатрешните работи.

Според тоа, потребата од оцена на уставноста и законитоста на двете одредби добивала на јачина ако се имало предвид дека во даден период во Министерството, врз основа на јавен оглас, биле примени кадри со VI-ти и VII-ми степен на образование со различна стручна подготовка (електро, сообраќајни инженери и други профили) за извршување на работите во Министерството.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 1 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работадавачот, како договорни страни на овој договор, како и се уредува склучувањето, содржината и престанувањето на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Според член 26 став 1 од Колективниот договор, работникот работи на работно место во организациона единица на Министерството за кое засновал работен однос.

Според оспорениот став 2 на членот 26 од овој договор, работникот во текот на работниот однос може да биде распореден на секое работно место утврдено со актот на систематизација на работните места, кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка во следните случаи:

1). Поради поефикасно извршување на функцијата на Министерството, а особено ако:

– со знаењето и стекнатата работна способност ќе се остваруваат подобри резултати во работата на друго работно место, или
– со знаењето и стекнатата работна способност на дотогашното работно место не покажува потребни и очекувани резултати во работата, или
– тоа значи подобрување на организацијата на работата во рамките на иста или сродна по природата на делокругот организациона единица;

2). Ако на работното место на кое дотогаш работел е намален обемот на работите, истото се укинува или изменува во актот за систематизација на работните места во Министерството;

3). Замена на отсутен работник додека трае отсуството;

4). Ако работното место на кое се распоредува е слободно или упразнето и ако условите за работа се соодветни на претходното работно место;

5). По положување на стручен испит за приправници.

Како исклучок од став 2 на овој член, а во случаите на точката 1 алинеја 1 и точка 4 од истиот став, работникот може да се распореди на работно место со еден степен повисока стручна подготовка од стручната подготовка што ја поседува работникот, доколку истиот се цени дека се стекнал со потребна работна способност за извршување на утврдените работни задачи (став 3).

Според член 27 став 1 од Колективниот договор, распоредувањето на работниците во случаите од член 26 на овој договор се врши на работни места во иста или друга организациона единица на Министерството.

4. Согласно членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 56 став 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 19/95, 55/97, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005), работник со решение може да биде распореден во организа-циона единица надвор од седиштето на организационата единица на Министерството во која дотогаш работел, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка заради:

– немање на работници со соодветна стручна подготовка и работна способност за конкретните работи и задачи;
– стручна помош во извршувањето на работните и задачите на организационата единица и
– поефикасно извршување на функцијата на Министерството.

Поаѓајќи од надлежноста, видот, сложеноста и значењето на работите што се во надлежност на Министерството за внатрешни работи определени во Законот за внатрешни работи, како и во одредбите од Законот за полицијата и Законот за организација и работа на органите на државната управа, произлегува дека работниците во Министерството за внатрешни работи имаат различни работни должности, различна природа на работа и различна природа на нивно вршење. При вакава состојба и при состојба ко га Министерството ги врши работите на целата територијата на Република Македонија, под одредени услови, се јавува потреба од распоредување на работниците на работни места различни по локација од оние на кои дотогаш работеле, по правило на работно место кое одговара на нивната стручна подготовка, како што определил членот 56 став 1 од Законот за внатрешни работи.

Тргнувајќи од анализата на наводите од иницијативата произлегува дека незаконитоста на оспорените одредби подносителот на иницијативата ја согледува во тоа што во нив не било предвидено распоредувањето да се врши во организационите единици на Министерството и таквото распоредување да биде направено на работно место што одговара на степенот на стручната подготовка на работникот, како што предвидела наведената законска одредба.

Според оцена на Судот, во конкретниот случај подносителот на иницијативата погрешно и парцијално ги толкува оспорените одредби. Имено, од содржината на целината на цитираните одредби од Колективниот договор произлегува дека распоредувањето на работниците во Министерството се врши на работно место кое одговара на степен на стручна подготовка на работникот (член 26 став 2) во иста или друга организациона единица на Министерството (член 27 став 1). Ова особено и ако се има превид дека членот 27 од Колективниот договор се повикува на случаите од претходниот член 26, што значи дека двете одредби треба да се гледаат како една целина која ги запазува двата наведени услови.

Со оглед на тоа што оспорените одредби ја почитуваа т законската определба за распоредување на работно место кое одговара на степен на стручна подготовка на работникот и тоа во иста или друга организациона единица на Министерството, произлегува дека несоновани се наводите за повреда на членот 56 став 1 од Законот за внатрешни работи.

По однос на наводите од иницијативата за прием на кадри со VI-ти и VII-ми степен на образование со различна стручна подготовка (електро, сообраќајни инженери и други профили) за извршување на работите во Министерството, Судот оцени дека не можат да се стават во релација со оспорените одредби, бидејќи не се однесуваат на распоредување, туку на вработување, кое не е прашање на уредување со оспорените одредби.

Конечно и покрај фактот што со иницијативата се бара оценување и на уставноста на одредбите во неа нема наводи во насока на повреда на уставните одредби од кои причини Судот не се впушти во анализа на уставноста на одредбите.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Колективниот договор се во согласност со членот 56 став 1 од Законот за внатрешни работи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.35/2008
21 мај 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски