15/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 52 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 3/2003, 84/2005, 37/2006 и 18/2007).

2. Благица Весковска од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 52 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијативата со посебен поднесок ја подржаа: Соња Оровчанец, Драган Милошески, Соња Петреска, Илија Павлоски, Магдалена Краљевска, Олга Трајкоска, Здравко Кузманоски, Кирил Севедкоски, Слободанка Огњаноска, Жарко Казанџиски, Симон Симоноски, Билјана Шутироска и други.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 52 од Законот не бил во согласност со член 39 од Уставот, затоа што со него се скратувале правата на осигурениците на здравствена заштита, при што обврската за навремено плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување во Фондот останувал и понатаму што било спротивно и на начелото на рамноправност и еднаквост на двете страни. Оттука, според подносителот се поставувало прашањето која била смислата да се плаќа за нешто, за што не е дадено ништо. Така за повторно да се воспостават ускратените права од здравствена заштита потребно било да се намират сите пристигнати, а не уплатени обврски.

Оспорената одредба доведувала до тоа на осигурениците од задолжителното здравствено осигурување кои немала платено здравствена заштита во последните 60 дена да му се скратат правата на здравствена заштита, односно на осигуреникот немала да му се издаваат здравствени картони, а со тоа немал право на лекување на кој начин здравјето се доведувало во опасност.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 од Законот за здравствено осигурување за осигуреници за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжително здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правата на итна медицинска помош.

Ускратените права од став 1 на овој член повторно се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски.

Во натамошната постапка е утврдено дека, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.171/2001 од 14 ноември 2001 година не повел постапка за оценување уставноста на член 52 од Законот за здравствено осигурување.

Во образложението на решенито се наведува дека тргнувајќи од уставните одредби на членовите 34, 35 и 39 од Уставот, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа и во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. При тоа, Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон.

Остварувањето на правата од здравствена заштита непосредно е поврзано со плаќање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со закон. Оттука произлегува дека во здравственото осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување. Ова од причини што законска обврска е да се обезбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравствено осигурување. Според тоа принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.

Со оспорената одредба од Законот не се нарушува еднаквоста на граѓаните затоа што за осигурените лица се еднакви и правата но и обврските за плаќање на придонес. Напротив, еднаквоста на граѓаните би била нарушена со ставот наведен во иницијативата редовно да се обезбедува здравствена заштита и на оние кои не плаќаат. Со тоа тие би биле привилегирани во однос на оние осигуреници кои редовно го плаќаат придонесот. Ако тоа е дозволено и натаму ќе се зголемува бројот на оние кои не плаќаат придонес, а тоа би можело да доведе до распаѓање на здравственото осигурување.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот, поради што одлучил како во точката 1 од ова решение.

Уставниот суд на Република Македонија, исто така, постапувајќи по предметот У.бр.204/2006 од 13 декември 2006 година ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 52 ставовите 1 и 2 од Законот за здравствено осигурување со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.171/2001 ја оценувал оспорената одредба при што не нашол основ за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност, а во предметната иницијатива не биле наведени нови причини и аргументи кои би можеле да претставуваат основ за поинакво одлучување.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, наводите во иницијативата, како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.171/2001 ја оценувал уставноста на оспорената одредба при што не нашол основ за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност, а по предметот У.бр.204/2006 ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на истата законска одредба, а во предметната иницијатива не се наведуваат нови основи кои би можеле да доведат до поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.15/2008
14 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски