Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 мај 2008 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 3 став 1 во делот „и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас“ и член 5 од Одлуката за утврдување надоместоци за обезбедување финансиски средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Прилеп („Службен гласник на општина Прилеп“ бр. 9/2006 и 13/2007), донесена од Советот на општина Прилеп.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи на Електростопанство на Македонија, АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија – Скопје („ЕВН“) и Македонски телекомуникации, АД за телекомуникации – Скопје, со Решение У.бр.212/2008 од 2 април 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 3 став 1 од Одлуката, за поставување на натписи, реклами и слично во заштитниот појас и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас, на локалниот пат се плаќа надоместок и тоа: за големина до 0,5 м2 – 2000 денари годишно, за големина од 0,5 до 1 м2 – 4000 денари годишно, за големина од 1 до 3 м2 – 7000 денари годишно и за големина преку 3 м2 – 15000 денари годишно“.
Според член 5 од Одлука: „Како инсталации кои се поставуваат и се поставени во трупот на патот и во патниот појас на локалните патишта и улици се сметаат:
– подземни водоводи – инсталации, кои се вкопуваат во трупот на патот и на патниот појас, и
– надземни водоводи – инсталации и столбови потребни за водење на воздушни инсталации.
Надоместокот за поставување и поставени подземни водови – инсталации во трупот на патот и во патниот појас изнесува 30 денари годишни за 1м должен поставена инсталација.
Надоместокот за поставените и новопоставени надземни водови – инсталации изнесува 60 денари годишно за 1 метар должен поставена инсталација, како и за секој столб по 1000,00 денари годишно.
Надоместокот со условите и начинот од кој можат да се поставуваат истите, го одредува надлежен орган на Општината со издавање на согласност по претходно доставен проект и склучен договор“.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Во делот VII „Заштита на јавните патишта“ од Законот за јавните патишта, со членот 70 став 1 е предвидено дека телефонски, телеграфски и други кабловски водови, нисконапонски електрични водови, односно водови за напојување, канализација, водоводи, топловоди и други слични уреди можат да се поставуваат на јавен пат и во неговиот заштитен појас по поднесеното барање и само под услови и на начин утврдени во согласноста што ја издава Фондот за јавни патишта, а за локалните патишта и улици – општината, односно градот Скопје.
Во делот VIII „Финансирање на јавните патишта“ од Законот, со членот 96 е предвидено дека Финансиските средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на јавните патишта се обезбедуваат од:
1) Трансфери од Буџетот на Република Македонија (делот од акцизата од деривати од нафта);
2) Надоместок за употреба на јавните патишта (патна такса) за моторни и приклучни возила,
3) Надоместокот за употреба на автопат или магистрален пат, нивен дел или објект на патот (автопатска такса),
4) Надоместок за вонреден превоз,
5) Надоместок за поставување натписи во заштитниот појас,
6) Надоместок за приклучување на пристапен пат на јавен пат,
7) Надоместок за поставување на инсталации во трупот на патот и во патниот појас,
8) Надоместок за изградба и користење на комерцијални објекти на кои е дозволен пристап на јавен пат надвор од населено место,
9) Закуп на одредени делови од патниот појас и друго земјиште кое припаѓа на јавниот пат,
10) Надоместоци за штета сторена на патот и објектите на патот,
11) Средства од Буџетот на Републиката, единиците на локалната самоуправа, претпријатија, месни заедници и други правни и физички лица,
12) Заеми и кредити,
13) Други приходи.
Според членот 104 и членот 105 ставови 5 и 6 од Законот, висината на надоместоците утврдени во член 96 точките 4, 5, 6, 7, 8 и 9 на овој закон за магистралните и регионалните патишта ја утврдува Владата на Република Македонија и се нејзин приход, а висината на надоместоците предвидени во истите точки од наведениот член на Законот, за локалните патишта и улици ја утврдува општината, односно градот Скопје и се нивен приход.
Меѓутоа, за закупот кој е предвиден во точката 9 од членот 96 од Законот, посебно е уредено дека висината на закупнината ја определува трочлена комисија (со претставници од Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и јавното претпријатие за патишта) – за магистрални и регионални патишта, и комисија (со претставници на надлежен орган на општината, Министерството за внатрешни работи и организацијата која го одржува локалниот пат односно улица) – за локални патишта и улици. Оттука, прашањето за определување на висината на закупот е посебно уредено, и се разликува од надоместоците по другите основи наведени во точките од членот 96 од Законот.
Од изнесеново Судот оцени дека Законот ја утврдил обврската за надомест и со Законот е дадено овластување на Владата и на општините, односно градот Скопје, да ја определуваат висината на давачките предвидени во точките на членот 96 од Законот, со цел обезбедување финансиски средства за финансирање на јавните патишта. Поаѓајќи од овластувањето во членот 104 од Законот за јавните патишта, Советот на општина Прилеп ја донел Одлуката за утврдување надоместоци за обезбедување финансиски средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Прилеп, односно постои законски основ за нејзино донесување.
Според членот 3 точка 12 од Законот, „патен појас“ е земјен појас од две страни на трупот на патот, според точката 13 од наведениот член од Законот, „заштитен појас“ е земјен појас од двете страни на патниот појас во кој не можат да се градат објекти, а според точката 14 од наведениот член од Законот, „труп на пат“ е конструктивен елемент што го сочинуваат горниот и долниот строј на патот“. Во членот 96 точката 5 од Законот, е предвидено дека финансиските средства се обезбедуваат и од „надоместокот за поставување натписи во заштитниот појас“, а наспроти ова со членот 3 став 1 од оспорената одлука се определува дека за поставување на натписи, реклами и слично во заштитниот појас и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас се плаќа надоместок во висина која е определена и на начин како што е тоа предвидено во одредбата од Одлуката.
Со оглед на тоа што со наведената одредба од Одлуката се излегува надвор од утврденото во одредбата од Законот, односно е уредено дека надоместокот се обезбедува и од поставување натписи, реклами и слично, не само во заштитниот појас на патот како што предвидел Законот, туку и во трупот на патот и патниот појас што не е предвидено во Законот, членот 3 став 1 во делот „и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас“ од Одлуката е надвор од рамките утврдени со Законот, поради што Судот утврди дека оспорената одредба е во спротивност со Законот.
Од анализата на членот 5 од оспорената Одлука во која се дефинира што претставуваат инсталациите кои се поставуваат и се поставени во трупот на патот и во патниот појас на локалните патишта и улици, и се уредува висината на надоместокот, за нови инсталации како и за веќе поставени и дека надоместокот ќе се наплатува по влегување во сила на оспорената одлука, за Судот не е спорно дека оваа е обврска се однесува по влегување во сила на Одлуката. Судот, исто така утврди дека со членот 70 ставови 1 и 2 од Законот за јавните патишта веќе се дефинирани инсталациите кои можат да се поставуваат на јавен пат и во неговиот заштитен појас по поднесеното барање и само под услови и на начин утврдени во согласноста што ја издава Фондот за јавни патишта, а за локалните патишта и улици тоа е општината, односно градот Скопје, а органот може да побара од управувачот на инсталациите и уредите да ги преуреди или премести кога тоа е потребно заради обновување или реконструкција на јавниот пат или заради спроведување на мерки за заштита на патот и сообраќајот.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 3 став 1 од Одлуката, и имајќи предвид дека со членот 70 од Законот е дефинирано што се сметаат за уреди кои претставуваат инсталации на јавните патишта, а со оспорениот член 5 од Одлуката ова прашање повторно се уредува и поинаку се дефинира правејќи поделба на подземни и надземни водови и столбови, како и поради тоа што во членот 96 точка 7 од Законот е јасно определено дека надоместокот се плаќа за поставување, што значи еднократно, на сите инсталации во трупот на патот и патниот појас, а не се уредува континуирано плаќање за еднаш поставените инсталации, како што неосновано со членот 5 од Одлуката се уредува прашањето за плаќање на надоместокот, Судот утврди дека оспорените одредби од Одлуката не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот и со членовите 70 и 96 од Законот за јавните патишта.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.212/2007
14 мај 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски