82/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот и условите под кои изграденото и неизграденото градежно земјиште се дава под краткотраен закуп, донесен од министерот за транспорт и врски на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник бил донесен врз основа на член 40 став 5 од Законот за градежно земјиште кој член со Одлука У.бр.208/2001 од 25 септември 2002 година Уставниот суд на Република Македонија го укина, а ги укина и членовите 1, 2 и 3 од наведениот правилник.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник немал повеќе законски основ за неговото постоење, со неговото постоење се нарушувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утрди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 40 став 5 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2001).

Во оспорените членови 4 до 12 од Правилникот се уредува постапката за јавно наддавање на градежното земјиште сопственост на Република Македонија под краткотраен закуп, односно се уредуваат прашања кои се однесуваат на тоа: кога отпочнува постапката за јавно надавање, што содржи објавата за јавно наддавање, кој ја спроведува постапката и друго.

Во натамошната постапка Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.208/2001 од 25 септември 2002 година го укинал член 40 став 5 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2001).

Во образложението на одлуката се наведува дека имајќи ја предвид содржината на одредбата од член 40 став 5 од Законот за градежно земјиште според која министерот за транспорт и врски ги пропишува начинот и условите под кои може да се дава под краткотраен закуп изграденото и неизграденото градежно земјиште, имајќи предвид дека пропишаниот режим според оваа законска одредба ќе се однесува за градежното земјиште независно дали е во сопственост на Републиката или во сопственост на физички и правни лица, Судот оцени дека членот 40 став 5 од Законот не е во согласност со член 30 ставовите 1 и 3 од Уставот и одлучи како во точката 1-а од оваа одлука.

Со истата одлука Судот ги укинал и член 1, 2 и 3 од Правилникот за начинот и условите под кои изграденото и неизграденото градежно земјиште се дава под краткотраен закуп, донесен од Министерството за транспорт и врски („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2001).

Судот во образложението на одлуката по однос на наведените членови изразил став дека имајќи ги предвид веќе наведените уставни и законски одредби како и фактот што со членот 40 став 5 од Законот не е определено дека само за градежното земјиште во сопственост на Републиката, министерот за транспорт и врски ќе го пропишува начинот и условите за давање под краткотраен закуп на градежното земјиште туку тој режим се однесува и за физичките и правните лица, кои се сопственици на градежно земјиште, Судот оцени дека со членовите 1, 2 и 3 од Правилникот со кој се пропишува дека физичките и правните лица, сопственици на градежно земјиште можат под краткотраен закуп да ги издаваат своите земјишта на други лица заради поставување на урбана опрема и за намени од времен карактер кој се таксативно утврдени, им се ограничува правото од сопственоста без постоење на јавен интерес, само во рамките и на начин утврден со акт на министерот.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.192/2002 од 2 април 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 до 12 од Правилникот за начинот и условите под кои изградено и неизгградено градежно земјиште се дава под краткотраен закуп, донесен од Министерството за транспорт и врски „Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2001 – (подносител на иницијативата по предметот У.бр.192/2002 бил Стамен Филипов.

Во образложението на решението покрај другото се наведува дека имајќи ги предвид одредбите од член 13 ставовите 1, 2 и 3 и член 40 став 3 од Законот за градежното земјиште, произлегува дека градежното земјиште во сопственот на Републиката може да се дава под краткотраен закуп со јавно наддавање, кое го врши органот на државната управа надлежен за работи кои се однесуваат на градежното земјиште.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Правилникот се уредува постапката за јавно надавање на градежното земјиште сопственост на Република Македонија под краткотраен закуп, кои одредби Судот ги имал предвид при оценување на уставноста на член 40 став 5 од Законот за градежното земјиште и членовите 1, 2 и 3 од оспорениот правилник, Судот оцени дека тие не се во несогласност со наведените законски одредби.

Имено, Судот утврдил дека во конкретниов случај основот (член 40 став 5) врз кој е донесен оспорениот правилник, а кој престанал да важи, не е единствен правно релевантен факт имајќи ги предвид другите наведени законски одредби кои даваат основ Републиката како сопственик на градежното земјиште да може тоа земјиште да го даде под краткотраен закуп и да ја утврди постапката за давање на градежното земјиште под закуп.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста
на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според тоа, со оглед на фактото што предметната иницијатива не содржи елементи кои би биле основ за поинакво одлучување, односно повторно разгледување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.82/2008
14 мај 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски