16/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 1 во делот „ ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор“, член 15 став 4 во делот „ Работникот со понизок степен на образование не може да биде распореден во група на сложеност за кое е утврден повисок степен на образование“ и член 19 став 1 алинеја 3 од Општиот колективен договор означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, членот 5 став 1 во оспорениот дел „ ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор“, не бил во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 , член 32 став 5, член 51 и член 54 од Уставот, како и член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи. Имено, согласно член 12 став 2 од Законот за работните односи, со колективен договор не можеле да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржеле такви одредби, се сметале за ништовни и се применувале соодветни одредби од закон, а во ставот 3 на овој член било определено дека со колективен договор може да се одредат правата кои за работниците биле поповолни, отколку што ги определувал овој закон.

Делот од член 15 став 4 од Општиот колективен договор, кој гласи: „Работникот со понизок степен на образование не може да биде распореден во група на сложеност за кое е утврден повисок степен на образование“ и ставот 5 од истиот член биле во спротивност со наведените ставови 2 и 3 на член 12 од Законот за работните односи, а исто така не биле во согласност ниту со член 8 став 1 алинеја 3 , член 9, член 32 став 5, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, поради што оспорените одредби немале уставна и законска основа.

Според оспорениот член 19 став 1 алинеја 3 од Општиот колективен договор, работодавачот на работникот му исплатувал надомест на плата за платен вонреден одмор, меѓутоа, таков одмор не бил предвиден во член 32 став 4 од Уставот, ниту во Законот за работните односи, а не бил дефиниран ни во самиот колективен договор. Поради тоа, оспорената одредба не била во согласност со Уставот и Законот за работните односи.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 5 став 1 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор.

Според член 15 став 4 од овој колективен договор, при утврдувањето на групи на сложеност во колективните договори се поаѓа и од степенот на образованието. Работникот со понизок степн на образование не може да биде распореден во група на сложеност за кое е утврден повисок степен на образование, освен за работниците кои до влегување во сила на овој колективен договор биле распоредени на работни места со повисок степен на образование. Согласно став 5 на истиот член, на работниците од став 4 на овој член кои се распоредени на работни места за кои е предвиден повисок степен на образование, основната плата може да му се намали согласно грански колективен договор.

Според член 19 став 1 алинеја 3 од овој колективен договор, работодавачот на работникот му исплатува надомест за плата за платен вонреден одмор.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правата и положбата на вработените се уредува со закон и со колективни договори, дека со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите и дека тие мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 13 став 1 од Законот за работните односи, работниот однос меѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на договор за вработување.

Според член 19 став 1 и 2 од истиот закон, работникот кој склучува договор за вработување, мора да ги исполнува условите за вршење на работата, определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот. Работодавачот е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место.

Согласно член 21 од Законот, работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување.

Содржината на договорот за вработување е утврдена во член 28 на Законот, при што називот на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување, како и одредба за висината на основната плата која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување, претставуваат елементи на договорот за вработување, утврдени во став 1 точките 3 и 8 од овој член.

Согласно член 30 став 1 од овој закон, работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за кое што склучил договор за вработување, во време и на место, кои што се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот. Според став 2 на истиот член, во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка

Според член 105 став 1 од Законот, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Согласно став 3 на истиот член, платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.

Основната плата, согласно член 106 став 1 од овој закон, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување.

Во преодните и завршните одредби на Законот (член 269 став 4) се утврдува дека постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основа за создавање на работниот однос. Со договорот за вработување се определува работното место за кое се заснова работен однос, како и платата што се оставрува за извршување на работите на работното место. Законот пропишува дека работникот е должен, совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, а во случаи определени со закон и колективен договор, да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

Ваквата законска регулатива го дефинира работниот однос како двостран однос меѓу две договорни страни, при што, неспорно произлегува дека правата и обврските на работникот и работодавачот ги поврзува и условува работното место за кое е склучен договорот за вработување.

Со преодните и завршните одредби на Законот, законодавецот, со цел да ги заштити работниците кои биле во работен однос во време на влегувањето во сила на овој закон, пропишал дека постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување, што значи дека работниците и работодавачите кои ги склучиле тие договори, се обврзани да ги имплементираат на начин како да станува збор за договори за вработување во смисла на овој закон.

Со членот 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, кој се наоѓа во главата Основна плата, се уредува дека со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, се утврдуваат групи на сложеност на работни места (став 1), како и се утврдуваат работни места по групи на сложеност (став 2). Согласно ставот 4 на овој член, при утврдувањето на групи на сложеност во колективните договори се поаѓа и од степенот на образованието, при што работникот со понизок степен на образование не може да биде распореден во група на сложеност за која е утврден повисок степен на образование, освен за работниците кои до влегувањето во сила на овој колективен договор биле распоредени на работни места со повисок степен на образование. Понатаму, во ставот 5 на овој член се утврдува дека на работниците од став 4 на овој член кои се распоредени на работни места за кои е предвиден повисок степен на образование, основната плата може да им се намали согласно грански колективен договор.

Тргнувајќи од наведената регулатива, Судот оцени дека решението утврдено со оспорениот став 5 на член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, според кое со грански колективен договор може да се намали основната плата на работник со понизок степен на образование, кој до влегувањето во сила на општиот колективен договор, бил распореден на работно место со повисок степен на образование и кој продожува да биде распореден на таквото работно место и по влегувањето во сила на колективниот договор, основано може да се доведе под сомнение во однос на неговата уставност и законитост.

Имено, согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Од друга страна, Законот за работните односи неспорно утврдува дека со договорот за вработување (или договорот за работа кој бил склучен пред влегувањето во сила на овој закон за работните односи) се утврдуваат правата и обврските на работникот и работодавачот за работното место за кое е склучен договорот за вработување. Основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Оттука, според Судот, законодавецот утврдил дека основната плата на работникот зависи од работното место на кое е распореден, поради што нема основ со грански колективен договор платата за работното место да се намали не како резултат на работите што се вршат на работното место, туку како резултат на несоодветен степен на стручна подготовка на работникот.

Поради наведеното, според Судот, неосновани се наводите во дописот на Владата на Република Македонија, доставен како одговор на иницијативата во фаза на претходна постапка (акт бр. 19-781/1 од 26.02.2008 година), дека со ваквото решение во Општиот колективен договор за јавниот сектор на вработените не им се ограничувале правата утврдени со закон и колективен договор, туку само им се давала можност да го задржат работното место на кое претходно биле распоредени, иако истото не соодветствува на нивниот степен на образование, што за нив било поповолно решение, независно од тоа што платата ќе им се намали.

Со оглед дека оспореното решение создава можност за иста работа, на исто работно место, да се остварува различна основна плата, и тоа не како резултат на различни резултати од работата, туку како резултат на различен степен на образование на работникот, значи основ за воведување нееднаквост на работниците пред Уставот и Законот за работните односи, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 2 и 3 и член 51 од Уставот и член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи.

6. Според член 12 став 2 од Законот за работните односи, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно ставот 3 на овој член, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Согласно член 204 од Законот, на ниво на Република Македонија се склучуваат општ колективен договор за стопанството и општ колективен договор за јавниот сектор.

Општиот колективен договор, согласно член 205 од овој закон, се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Колективниот договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 207 од истиот закон, лицата кои според овој закон можат да бидат страна на колективниот договор, се должни со добра волја да преговараат за склучување на колективен договор во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на колективниот договор.

Според член 208 од Законот, колективниот договор ги обврзува сите лица кои го склучиле и сите лица кои во времето на склучувањето на колективниот договор биле или дополнително станале членови на здруженијата кои го склучиле колективниот договор. Колективниот договор ги обврзува и сите лица кои му пристапиле на колективниот договор и сите лица кои дополнително станале членови на здруженијата кои пристапиле на колективниот договор. Поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор.

Според член 210 став 1 од Законот, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Општиот колективен договор, согласно член 216 од Законот, го склучуваат репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат за територијата на Република Македонија.

Согласно член 223 став 1 од Законот, странките на колективниот договор и лицата на кои тој се применува, се должни да ги извршуваат неговите одредби.

Од наведената законска регулатива произлегува дека со Законот за работните односи се утврдуваат видот на колективните договори, предметот на колективното договарање, примената и важноста на колективните договори, учесниците во склучувањето на колективните договори.

Законот утврдува дека постојат три нивоа на колективни договори: општ колективен договор, посебен колективен договор на ниво на гранка и поединечен колективен договор на ниво на работодавач. Во однос на општиот колективен договор, законодавецот утврдува дека овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Општиот колективен договор за јавниот сектор е склучен на 16 јануари 2008 година, помеѓу Владата на Република Македонија и Конференцијата на слободни синдикати на Република Македонија. Со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во јавниот сектор на Република Македонија, условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови (член 1). Работодавач, во смисла на овој колективен договор се органите на државната власт, јавните установи, заводите, агенциите, организациите и другите правни лица од јавниот сектор кои вработуваат работници и се финансираат од Буџетот на Република Македонија (член 2), а работник, во смисла на овој колетивен договор е секое физичко лице кое засновало работен однос на неопределено или определено работно време, со полно, со пократко од полното работно време или со скратено работно време (член 3).

Овој колективен договор, согласно членот 4, е задолжителен, односно ги обврзува сите работодавачи утврдени во членот 2 на договорот, како и работодавачите кои му пристапиле и сите работници кои во времето на склучувањето на колективниот договор биле или дополнително станале членови на синдикатите на Конференцијата на слободни синдикати на Република Македонија, како и работниците членови на други синдикати и работодавачите кои вршат дејност од јавен интерес кои дополнително по писмен пат пристапиле кон овој колективен договор.

Според членот 5 на овој колективен договор, со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор. Доколку со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач, се утврдени помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со овој колективен договор, се применуваат одредбите на овој колективен договор.

Од анализата на овој член произлегува дека со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач може да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и општ колективен договор, доколку тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор, а доколку се утврдат помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со општ колективен договор, се применуваат одредбите на општиот колективен договор. Тоа значи дека со овој колективен договор, како општ колективен договор за јавниот сектор, се утврдуваат права кои се задолжителни за сите работници и работодавачи на кои се однесува овој договор, а дека договорните страни можат да утврдат и поголеми права од овде утврдените, но само доколку тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор. При ваква регулатива, со иницијативата се покренува прашањето дали утврдените поголеми права со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач од оние утврдени со општиот колективен договор, не смеат да бидат во спротивност со закон и со општиот колективен договор.

Во одговор на ова прашање, Судот имаше предвид дека Уставот определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Тоа значи дека Уставот препуштил со колективен договор да се доуредуваат правата и обврските на работникот и работодавачот и дека колективниот договор мора да биде во согласност со Уставот и со закон. Од друга страна, Законот за работните односи кој ги уредува колективните договори, утврдува постоење на три вида колективни договори: општ, посебен и поединечен, што значи дека законодавецот пропишал систем на колективно договарање со кој, како целина, се доуредуваат правата и обврските на работодавачите и работниците. Притоа, постои законско ограничување дека со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Исто така, постои и законско овластување со колективен договор да може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Законот утврдува задолжителна и непосредна примена на општиот колективен договор за сите работодавачи членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Во случајот со општиот колективен договор за јавниот сектор, работодавачи за кои постои законска обврска за задолжителна и непосредна примена на овој колективен договор се органите на државната власт, јавните установи, заводите, агенциите, организациите и другите правни лица од јавниот сектор кои вработуваат работници и се финансираат од Буџетот на Република Македонија, а работници за кои постои законска обврска за задолжителна и непосредна примена на овој колективен договор се физичките лица кои засновале работен однос кај овие работодавачи. Задолжителноста и непосредната примена на општиот колективен договор значи дека со посебен или поединечен колективен договор не можат да се утврдат помали права од правата утврдени со закон и овој колективен договор, но исто така, тоа значи и обврска за договорните страни, при преговарањето и склучувањето на посебните и поединечните колективни договори, во кои можат да утврдат поголеми права, покрај почитувањето на законските одредби, да ги почитуваат и начелата и принципите на кои се заснова општиот колективен договор, со оглед дека тие се однесуваат и се задолжителни и за договорните страни – работодавачи и работници кои склучуваат посебен или поединечен колективен договор.

Поради наведеното, според Судот, определбата искажана во Општиот колективен договор за јавниот сектор дека со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и општиот колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор, не треба да се толкува во смисла на ограничување на правата на вработените утврдени со закон, туку треба да се толкува во функција на обезбедување на владеењето на правото и заштита на веќе договорените права со општ колективен договор, што е во интерес на двете договорни страни при преговарањето и склучувањето на посебен и поединечен колективен договор.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 5 став 1 во делот „ ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор“ не може да се доведе под сомнение за согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 , член 32 став 5, член 51 и член 54 од Уставот, како и член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи.

7. Наводите во иницијативата за тоа дека одредбата од член 15 став 4 од Општиот колективен договор за јавниот сектор според која работникот не може да биде распореден во група на сложеност за која е утврден повисок степен на образование, била во спротивност со член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи и не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 5, член 51 и член 54 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Токму во оваа насока е и оспорената одредба од колективниот договор со која се оневозможува работник со понизок степен на образование да биде распореден на работно место за кое е предвиден повисок степен на образование, односно се гарантираат исти услови за достапност на работно место. Во овој правец е и решението во колективниот договор дека при утврдувањето на групите на сложеност и определувањето на работните места по групи на сложеност, се поаѓа и од степенот на образованието. Со оглед дека степенот на образованието е критериум кој во Општиот колективен договор добил значајно место при утврдувањето на работните места по групи на сложеност, според Судот, прифатлив е принципот дека работникот треба да биде распореден на работно место за кое го исполнува условот – да има потребен степен на образование кое се бара за тоа работно место, со што се потврдува начелото дека работните места се достапни секому под еднакви услови и се обезбедува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Поради наведеното, Судот оцени дека ваквата определба во Општиот колективен договор не е во спротивност со член 12 став 2 и 3 од Законот за работните односи, како што се наведува во иницијативата, затоа што наведената законски одредби не треба да се толкуваат во смисла на неограничена можност за определување на поповолни права за работниците надвор од закон, туку како можност за утврдување на поголеми права од правата утврдени со закон, но во рамките на системот на работното законодавство.

Оттука, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Општиот колективен договор со Уставот и Законот за работните односи.

8. Согласно член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.

Наведената уставна гаранција е операционализирана со Законот за работните односи каде во Главата X „Паузи и одмори“, се разработени случаите на дневен, неделен и годишен одмор, случаите на платен одмор заради лични и семејни околности (за склучување на брак, раѓање на дете и/или смрт на близок роднина) до седум работни дена, при што е оставено со колективен договор да се утврдат деновите на платен одмор по овие основи, како и се утврдени случаите на неплатено отсуство од работа и други отсуства од работа ( отсуство од работа поради празнување, поради неспособност за работа поради заболување или повреда, заради вршење на функции или обврски од посебни закони и сл). Во Законот се утврдени и случаите и основите за надомест на плата на работникот за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога работникот не работи од причини на страната на работодавачот.

Така, во член 112 став 2 од Законот се утврдува дека работодавачот е должен да му исплати надоместок на платата на работникот во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор, платениот вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободните денови и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот.

Со член 19 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, се утврдуваат случаите кога работодавачот на работникот му исплатува надоместок на плата, при што во оспорениот став 1 алинеја 3 се утврдува дека работодавачот на работникот му исплатува надомест на плата за платен вонреден одмор.

Со член 28 од овој колективен договор, се конкретизирани случаите во кои работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности до седум работни дена во текот на годината.

Од анализата на одредбата на член 112 став 2 од Законот за работните односи и од оспорениот член 19 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, произлегува дека законодавецот утврдил право на работникот на надоместок на плата во случаите на платен вонреден одмор, кои случаи се преземени како основ за исплата на надоместок на плата и со колективниот договор. Поради тоа, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека таков одмор не бил предвиден во Уставот и Законот за работните односи, ниту бил дефиниран во самиот колективен договор, се неосновани, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот и Законот за работните односи.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 1, е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.16/2008
14 мај 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски