22/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 мај 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 9 став 4 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Групацијата за авто-такси превоз при Стопанската комора на Македонија, со Решение У.бр.22/2007 од 2 април 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 9 став 4 од Законот се определува дека органот надлежен за издавање на лиценците за авто-такси превоз ќе ја продолжи важноста на лиценцата ако авто-такси превозникот, покрај другото, приложи потврда за платен данок од вршење на дејноста.

5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека граѓаните се должни да плаќаат данок и дека начинот на плаќање се уредува со закон.

Со оглед на тоа што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми за неизвршување на таа обврска, Судот оцени дека пропишувањето услов – приложување потврда за платен данок од вршење на дејноста заради продолжување на лиценца за авто-такси превоз значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување, достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, определени во член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што Судот оцени дека член 9 став 4 во делот „и приложи потврда за платен данок од вршење на дејноста“ од Законот не е во согласност со означените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2007
14 мај 2008 година
С к о п ј е
Лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски