У.бр.40/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за одложување заминување во пензија на Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија бр.07-2132/1 од 24 декември 2007 година, донесена од Судскиот совет на Република Македонија.

2. Ана Кочова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителката најнапред се повикува на членот 50 став 1 од Уставот, како и на членот 112 став 2 од Уставот, за потоа самата да констатира дека оспорената одлука не била општ акт, меѓутоа со оглед на тоа што била од поголемо значење и имала пошироко влијание за јавноста, особено за судската бранша, истата ја напаѓа по два основа. Како причини поради кои се оспорува предметната одлука се наведува дека со нејзиното донесување Судскиот совет на Република Македонија се ставил над Уставот и законите, затоа што тој со неа одлучувал за прашање што не е утврдено како негова надлежност во член 31 од Законот за Судскиот совет и затоа што ниту во овој, а ни во Законот за судовите, не се предвидувало продолжување на работниот однос на претседателот на Судскиот совет по истекот на мандатот доколку ги исполни условите за старосна пензија, за што фактички се одлучило со оспорената одлука.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука се вршела дискриминација на судиите во Република Македонија, со прекршување на правото на еднаквост во остварувањето на правата од работен однос и од пензиското осигурување, со оглед на тоа што со неа на Претседателот на Судскиот совет му се обезбедувало заминување во пензија со 65 години, наместо со 64 години живот, а тоа значело и остварување на повисока пензија.

Според наводите во иницијативата, дискриминацијата на судиите во Република Македонија што била направена со донесувањето на оспорената одлука била очигледна, затоа што на сите судии кои заминале во пензија поради исполнување на законските услови не им била дадена можност да го користат правото на продолжувње на работниот однос, какво што право му било утврдено во оспорената одлука на претседателот на Судскиот совет.

Од наведените причини во иницијативата се предлага Уставниот суд да утврди дека оспорената одлука има пошироко влијание во општеството и дека истата е донесена спротивно на Уставот и законите и како таква да ја поништи. Исто така, а со оглед на импликациите што веќе ги предизвикала оваа одлука, се предлага Судот до донесување на конечна одлука, да донесе времена мерка, односно да ја стави вон сила оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука Судскиот совет на Република Македонија ја донел на седницата одржана на ден 13 декември 2007 година и со оваа одлука се одложува заминувањето во пензија на Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија до навршување 65 години возраст.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и од содржината на оспорената одлука, а независно од нејзиниот назив што е вообичаен и за одлуките како посебен вид на нормативни акти, произлегува дека оваа одлука e поединечен, односно конкретен акт затоа што со неа Судскиот совет на Република Македонија одлучил за одложување на заминување во пензија на актуелниот претседател на Судскиот совет на Република Македонија до навршување на 65 години возраст, а не уредува определени односи на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристика за секој вид на пропис.

Тргнувајќи од тоа што оспорената одлука не содржи одредби од нормативен карактер и не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, конкретен акт, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нејзината согласност со Уставот и со законите, поради што во конкретниот случај се исполнети условите за примена на член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.40/2008
7 мај 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.40/2008