181/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 мај 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 4 став 3 и членот 6 став 3 од Законот за прекурзори („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/2004 и 40/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Репуб­лика Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 3 и членот 6 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 11 и членот 25 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според членот 4 став 3 од Законот, операторите покрај условите од ставовите 1 и 2 на овој член треба да достават и доказ за неосудуваност на правното лице, на основачот и на одговорното лице за нелегални активности со опојни дроги и прекурзори, како и доказ дека не им е изречена санкција забрана на вршење на дејност поради нелегални активности со опојни дроги и прекурзори.

Според членот 6 став 3 од Законот, операторите од ставо-вите 1 и 2 на овој член покрај условите од ставовите 1 и 2 на овој член треба да достават и доказ за неосудуваност на правното лице, на основачот и на одговорното лице за нелегални активности со опојни дроги и прекурзори, како и доказ дека не им е изречена санкција забрана на вршење на дејност поради нелегални активности со опојни дроги и прекурзори.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Репу-блика Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и морал­ни­от интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005), забраната за вршење професија, деј­ност или должност е предвидена како вид на казна.

Со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Криви-чниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиде-нција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казне-ната евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат опреде-лени правни последици од осудата или казни што се состојат во забра-ни или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осуду-ваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради оства-рување на нивните права во странство.

Според членот 1 од Законот за прекурзори, со овој закон се уредува системот за следење и контрола на производството и прометот на прекурзори со цел спречување на злоупотребата на прекурзори за нелегално производство на опојни дроги и психотропни супстанции, како и заради заштита на животот и здравјето на луѓето и заштита на животната средина од штетното влијание на прекурзорите.

Во членот 2 од Законот е дадено значењето на изразите употребени во Законот. Така според точката а) од овој член од Законот, “Прекурзор” е класифицирана супстанција наведена во членот 3 од овој закон, смесите кои ги содржат овие супстанции, како и производите од природно потекло од кои лесно се екстрахираат прекурзорите, во кои не припаѓаат лековите, фармацевтските препарати или други препарати што содржат прекурзори составени на начин што тие не можат лесно да се употребуваат, ниту да се екстрахираат (извлечат) на лесен, едноста-вен и економско исплатлив начин. Според точката б) од членот 2 од Законот, “Производство” е подготвување, изработка, преработка, паку-вање и/или складирање на прекурзорите. Според точката в) на членот 2 од Законот, “Промет” е увоз, извоз, транспорт, транзит, складирање, продажба и/или ракување на прекурзорите. Според точката ж) од членот 2 од Законот, “Оператор” е секое правно лице, вклучено во производството, складирањето, преработката, прометот или дистри-буцијата на прекурзорите во Република Македонија или кое врши други активности поврзани со увоз, извоз, транзит на прекурзори и трговско посредување со прекурзори, како и секое физичко или правно лице кое изготвува царинска документација.

Во членот 3 од Законот е определено дека, прекурзорите, согласно со ратификуваните меѓународни договори и меѓународните нормативи и стандарди, се распоредуваат во три категории (следува набројување на супстанците во три категории).

Според членот 4 од Законот, операторите кои вршат производство на прекурзори кои се распоредени согласно со прописите за отрови во група на отрови и/или производство на други прекурзори од членот 3 на овој закон, по однос на кадровските, техничките и санитарно-хигиенските услови треба да ги исполнуваат условите пропи-шани со прописите за производство на отрови (став 1).

Операторите кои вршат производство на прекурзори од првата категорија од членот 3 на овој закон и кои претставуваат фармаколошко активни супстанции што се користат во производството на лекови, треба да ги исполнуваат условите за производство на лекови пропишани со прописите за лекови (став 2).

Според членот 6 од Законот, операторите кои вршат промет со прекурзори кои се распоредени согласно со прописите за отрови во групата на отрови и/или промет на други прекурзори од членот 3 на овој закон, во однос на условите за простор, опрема и кадар треба да ги исполнуваат условите пропишани со прописите за промет со отрови (став 1).

Операторите кои вршат промет со прекурзори кои претста-вуваат фармаколошки активни супстанции што се користат за прои-зводство на лекови, треба да ги исполнуваат условите за промет на големо со лекови, пропишани со прописите за лекови (став 2).

Од содржината на членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот, произлегува дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантира­њето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското опште-ство што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка на давање на одобрение можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривич­ниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нив­ната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифа­те­ниот принцип на забрана за самообвинување на осомниче­ниот во каз­неното право, кој што е изграден подеднакво врз презумп­цијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Тргнувајќи од содржината на оспорените законски одредби произлегува дека со нив се предвидува операторите да можат да вршат производство или промет со прекурзори ако покрај другото достават и доказ за неосудуваност на правното лице, на основачот и на одгово-рното лице за нелегални активности со опојни дроги и прекурзори, како и доказ дека не им е изречена санкција забрана на вршење на дејност поради нелегални активности со опојни дроги и прекурзори.

Во конкретниот случај, барањето доказ од операторот за околноста дали му е изречена забрана за вршење на дејност, односно дали е осудувано за нелегални активности со опојни дроги неиз­бежно се сведува на барање изјава за неговата осудуваност или неосу­дуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е спо­редна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривичноправен контекст, односно немаат самообвинувачки квалитет, обврската за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност.

Притоа, за Судот не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поеди­не­цот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни дозволи за вршење на дејноста и којшто за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службе­ната казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

Ова особено ако се има предвид дека според член 106 став 4 од Кривичниот законик на Министерството за здравство во врска со постапката за издавање на одобрение за вршење на дејноста оператор со прекурзори, можат да му се дадат податоци од казнената евиден­ција на образложено барање, ако уште траат определени правни последици од осудата, или казни што се состојат во забрани секогаш кога за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Треба да се има предвид дека Кривичниот законик не предвидел казнување за кривично дело нелегални активности со опојни дроги, туку за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од членот 215, од каде произлегува дека не е јасно за какво кривично дело не треба да се биде осудувано едно лице за да се исполнат со закон пропишаните услови. Ова ги прави оспорените одредби нејасни и неприменливи од аспект на принципот на владеењето на правото кој бара во правниот поредок да егзистираат јасни, прецизни, недвосмислени норми, што не е случај и со оспорените.

Оттаму, оспорените член 4 став 3 и член 6 став 3 од Законот за прекурзори не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 11 и членот 25 став од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2007
7 мај 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски