185/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/2003 и 72/2007) и

б) уставноста и законитоста на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007 и 26/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 24 став 1 од Законот означен во точката 1 под а) од ова решение, како и оценување на уставноста и законитоста на Уредбата означена во точката 1 под б) од ова решение.

Според подносителот на иницијативата од одредбите на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51, 68 став 1 алинеја 2 и 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Рпублика Македонија, како и од членовите 35 и 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија произлегувало дека Владата на Република Македонија како носител на извршната власт, со закон можела да овласти да го уредува извршувањето на законите, односно да донесува акти за извршување на законите и дека со тие акти можело само да се утврдуваат и разработуваат одделни одредби од законите заради нивно извршување, а не да се утврдуваат права и обврски на граѓаните и правните лица, како во случајот. Ова од причина што правата и обврските на граѓаните и правните лица, како и надлежностите на органите на државната власт согласно Уставот, можело да се утврдуваат со закон, а не со подзаконски акт.

Оспорената уредба за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште била донесена на седница на Владата на Република Македонија одржана на 1 јули 2007 година, врз основа на оспорениот член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Со оспорената уредба се повредувале напред наведените уставни и законски одредби од веќе наведените причини. Имено, со истата Уредба се повредувал и членот 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, покрај веќе наведеното, и затоа што била истата донесена без предлог на министерот за финансии, а што било услов за нејзино донесување.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и уставноста и законитоста на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 24 став 1 од Законот, Висината на надоместот за градежно земјиште што е предмет на приватизација, како и начинот и постап­ката за наплата на надоместот за приватизација, на предлог на министерот за финансии ги пропишува Владата на Република Македонија со посебен пропис.

Судот на седница, исто така, утвреди дека со оспорената Уредба за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште се уредува висината, како и начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште.

Според член 2 од оспорената Уредба за приватизација на градежното земјиште се наплаќа надомест во висина утврдена во Прегледот за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, кој е даден во прилог и е составен дел на оваа уредба.

Висината на надоместот за приватизација на градежно земјиште се плаќа во денарска вредност по м2 според местополож­бата на земјиштето определена со Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија.

Според член 3 од оспорената Уредба физичките и правни лица корисници на градежно земјиште согласно Законот за привати­за­ција и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, надо­местот за приватизација на градежното земјиште може да го плаќаат во денари или со обврзници издадени од страна на Република Маке­донија за исплата на депонирани девизни влогови на граѓаните по кои гарант е Република Македонија, како и со обврзници од денациона­лизација.

Според член 4 од Уредбата, надоместот за приватизација се плаќа после правосилноста на решението за приватизација на градежното земјиште на трезорска сметка 100 0000000630 95 / банка на примачот е Народна Банка на Република Македонија, уплатна сметка 840-6228, приходна сметка 733127, цел на дознака Буџет на Република Македонија, приватизација на градежно земјиште сопстве­ност на Република Македонија.

Според член 5 од Уредбата плаќањето на надоместот за приватизација на градежното земјиште може да се врши во целост или на рати.

Висината на надоместот за приватизација на градежното земјиште кој се плаќа во целост во денари, се намалува за 35% од висината утврдена во Прегледот од член 2 на оваа уредба.

Според член 6 од Уредбата надоместот за приватизација на гражното земјиште може да се плаќа на рати само ако висината на надоместот е над 180.000,00 денари за физички лица, а за правни лица над 1.800.000,00 денари.

Надоместот за приватизација на градежното земјиште може да се плаќа најмногу на 10 еднакви рати, најдоцна до 31 декември за тековната година.

Според член 7 од Уредбата оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„.

Прегледот за висината на надоместот за приватизација на градежното земјиште е составен дел на оваа Уредба.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Членот 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост утврдува дека со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни изрази употребени во Законот. Така, градежно земјиште е градежното изградено и градежно неизградено земјиште, определено како такво со Законот за градежното земјиште.

Градежно земјиште во државна сопственост е земјиште на кое право на сопственост има Република Македонија. Приватизација на градежно земјиште во државна сопственост е стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државна сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица. Корисници на градежно земјиште се: физички и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа. Долготраен закуп е стварно право кое се востановува меѓу Република Македонија како закуподавач и корисникот на градежното земјиште како закупец, на начин определен со овој закон. Времен закуп е закупен однос кој се востановува меѓу Република Македонија како закуподавач и корисникот во чие фактичко владение е градежното земјиште, како закупец, на начин определен со овој закон.

Во Глава II од овој закон со наслов “Приватизација на градежно земјиште во државна сопственост”, се содржани четири потточки и тоа: 1) Начин на приватизација, 2) Услови за приватиза­ција, 3) Надомест за приватизација на градежно земјиште и 4) Постапка за приватизација на градежното земјиште. Во оваа глава спаѓа и оспорената одредба од член 24 став 1 која предвидува дека висината на надоместокот за градежното земјиште што е предмет на приватизација, како и начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација, на предлог на министерот за финансии ги пропишува Владата на Република Македонија со посебен пропис.

Според ставот 2 од овој член од Законот, висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација се утврдува во зависност од зоните утврдени во членот 83 од овој закон.

Разгледувајќи ја оспорената законска одредба во контекст на наведените и другите одредби од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, а притоа имајќи ги предвид причините поради кои се оспорува нејзината уставност, Судот смета дека со неа не се повредува принципот на владеењето на правото и поделба на власта на законодавна, извршна и судска, како што се наведува во иницијативата.

Ова особено затоа што од анализата на наведените законски одредби, како и од Законот во целина произлегува дека законодавецот во ставот 2 на членот 24 од Законот определил дека висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација се утврдува во зависност од зоните утврдени во членот 83 од овој закон.

Во членот 26 од Законот кој е содржан во четвртата потточка од втората глава (Постапка за приватизација на градежното земјиште) е предвидено дека постапката за приватизација на градежното земјиште се покренува по барање на корисникот на градежното земјиште.

Барањето за приватизација од членот 26 на овој закон може да се поднесе во рок од две години од денот на влегување во сила на овој закон (член 27).

Според членот 83 од Законот, заради определување на висината на надоместот за приватизација, закупнина за долготраен закуп и времен закуп на градежното земјиште се врши реонизација на зоните на градовите и населените места во Република Македонија.

Според ставот 2 на овој член од Законот, реонизацијата се врши според местоположбата и степенот на комунална уреденост на градежното земјиште. Во ставот 3 на овој член од Законот е утврдено дека реонизацијата од став 1 на овој член ја определува Владата на Република Македониија на предлог на министерот за транспорт и врски.

Од анализата на наведените одредби од Законот, како и оспорената законска одредба произлегува дека со овластувањето на Владата на Република Македонија утврдено во членот 24 став 1 од Законот не се утврдуваат права и обврски на граѓаните и правните лица, како што се наведува во иницијативата од причина што начинот на приватизацијата и условите за приватизација, како и тоа дека висината на надоместот за градежно земјиште што е предмет на приватизација се утврдени во самиот закон, а овластувањето на Владата на Република Македонија со свој пропис (уредба) да ја пропишува висината на надоместот е согласно нејзиното место и улога во организацијата на државната власт, која како носител на извршната власт е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на утврдување и извршување на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и законите и има своја уставна основа во члелнот 91 од Уставот.

Оттука, ваквото овластување на Владата не може да се смета дека води кон утврдување на права и обврски за граѓаните и правните лица со подзаконски акт од причина што условите и начинот на приватизацијата на градежното земјиште се утврдени во Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште, а пропишувањето на висината на надомстот за градежното земјиште што е предмет на приватизација е во функција на операционализација на оспорената законска одредба од член 24 став 1, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорената одредба од член 24 став 1 од Законот со Уставот.

5. По однос на оспорената Уредба за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, Судот смета дека со оглед на тоа што од уставно судската анализа на оспорениот член 24 став 1 од Законот (во кој оспорената уредба го има својот основ) произлегува дека тој не е спротивен на Уставот, а имајќи го предвид фактот дека во иницијативата нема други наводи за оспорување на оваа Уредба, туку само тие наведени за оспорениот член 24 став 1 од Законот, Судот утврди дека и во случајов поради исти причини неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот и Законот. Во врска со наводот во иницијативата дека оспорената уредба била донесена без предлог на министерот за финансии, а што било услов за нејзино донесување, Судот, исто така, утврди дека е неоснован од причини што во мислењето на Владата на Република Македонија се наведува дека Владата оспорената уредба ја има донесено на предлог на министерот за финансии.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.185/2007
7 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски