Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 мај 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 144 став 1, во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, предвидувањето да може да се бара и од друг надлежен орган, а не само од суд, да нареди престанување на дејствие со кое се повредува интегритетот на човековата личност, личниот и семејниот живот и други права на човековата личност (член 144 став 1), потоа определувањето и друг надлежен орган, а не само суд, да може да нареди престанување на претходното дејствие под закана со плаќање на парична сума во корист на повредениот (член 144 став 2 од Законот), како и неименувањето на органот кој се подразбира под изразот – друг надлежен орган, немало уставна основа и значело непрецизни и неприменливи законски одредби, а тоа не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 (односно со владеењето на правото и со поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), член 12 став 2 (ограничување на слободата само со одлука на суд), член 50 (заштита на слободите и правата само пред суд), член 51 од Уставот на Република Македонија (обврска за согласност на законите со Уставот), како и со Амандман XXV ставовите 1 и 2 на Уставот на Република Македонија (судската власт ја вршат само судовите врз основа на Уставот и законите и ратификуваните меѓународни договори).
3. Судот на седницата утврди дека членот 144 од Законот за облигационите односи е систематизиран во Делот први посветен на „Основите на облигационите односи“ или во општиот дел, потоа во Глава II посветена на „Настанување на обврските“ и во Оддел 2 посветен на „Причинување на штета“. Насловот над оспорениот член 144 од Законот гласи: „Барање да се престане со повреда на право на личноста“.
Со оспорениот член 144 од Законот се определува дека: „Секој има право да бара од суд или од друг надлежен орган да нареди престанување на дејствие со кое се повредува интегритетот на човековата личност, на личниот и семејниот живот и други права на неговата личност“ (став 1); „Судот, односно друг надлежен орган може да нареди престанување на дејствието под закана со плаќање на извесна парична сума определена вкупно или по единица мерка, во корист на повредениот“ (став 2).
Оспорените законски одредби имаат директна поврзаност односно нивно продолжение е членот 189 од Законот според кој за повреда на правата на личноста, судот ќе досуди справедлив паричен надомест независно дали постои материјална штета.
Од изнесените законски одредби произлегува дека со оспорениот член 144 од Законот се уредуваат прашања околу барање и наредување да престане дејствие со кое се повредува интегритетот на човековата личност, личниот и семејниот живот и други права на личноста. Овие одредби не уредуваат прашања за кривично-правна одговорност и за надоместување на причинетата штета од дејствие со кое се повредуваат правата на личноста.
4. Според член 96 од Уставот: „органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата“.
Од изнесената уставна одредба, покрај другото, произлегува дека органите на државната управа ги вршат работите од својата надлежност самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите. Во тие рамки влегуваат и работите околу постапување по барање и околу наредување да престане дејствие со кое се повредува интегритетот на човековата личност, личниот и семејниот живот и други права на човековата личност.
Со оглед на тоа што член 144 на Законот определува да може да се бара и да може да нареди надлежен орган престанување на дејствие со кое се повредуваат правата на личноста, без притоа да се одлучува за кривично-правната одговорност и за надоместување на причинетата штета со таквото дејствие, Судот утврди дека оспорените делови од законската одредба се во согласност со означената уставна одредба.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.133/2007
7 мај 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски