Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 април 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот на членовите на комисиите, одборите и другите работни тела кои извршуваат работи за Советот на општина Струга бр. 07-262/6 од 30.01.2008 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. Рамиз Мерко – градоначалник на општина Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на општина Струга означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, одредбите на оспорената одлука уредувале права на членовите на Советот на општината кои биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и со нив се повредувало начелото на владеење на правото, членот 100 од Законот за локалната самоуправа и на членот 29-а од Законот за дополнување на Законот за плата на другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
Имено, подносителот на иницијативата наведува дека во буџетот на општина Струга за 2008 година немало посебна ставка со која се предвидувале надоместоци за присуство на комисии на членовите на Советот на општина Струга и надоместоци за склучување на бракови. Доколку би дошло до исплата на тие средства ќе се предизвикало пореметување на финансиското работење на Општината во програмата – Совет на општина, конто 401390 – други надоместоци во кои биле предвидени многу помалку средства отколку што биле потребни за надоместоци на членовите на Советот.
Поради тоа, подносителот на иницијативата бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука до донесувањето на Одлуката на Уставниот суд и за истата да биде поведена постапка.
4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Струга на седницата одржана на 30 јануари 2008 година донел: Одлука за определување на висината на надоместокот на членовите на комисиите, одборите и другите работни тела кои извршуваат работи за Советот на општина Струга.
Според член 1 од оваа одлука, на членовите на комисиите, одборите и другите работни тела што ги има формирано Советот на општина Струга, имаат право на надоместок за присуство и работа на седниците за извршување на задачите од својата надлежност.
Според член 2 од Одлуката, на членовите на комисиите, одборите и другите работни тела на Советот им се утврдува надоместок за присуство во работата на секоја одржана седница на комисија, одбор или работно тело формирано од Советот на општина Струга, изнесува 900 денари. Според ставот 2 од истиот член, на членовите на Советот кои учествуваат во склучување на бракови им се утврдува надоместок во износ од 500 денари за секој склучен брак.
Со член 3 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.
Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) во законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава дел V-a со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.
Во Делот V-a, се предвидени надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Според член 29-а, од наведениот закон на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 на истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-б од наведениот закон месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70%. Според став 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-в од истиот Закон, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Според член 29-г од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот. Според став 3, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на месецот во тековниот месец. Според став 4, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.
Според член 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Притоа, во Законот за локалната самоуправа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот, до донесување на посебен закон не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници. Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) е уредено прашањето на надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Со оглед на тоа што со оспорената Одлука правото на надоместок на членовите на комисиите, одборите и другите работни тела кои извршуваат работи за Советот на општина Струга за нивниот ангажман во општината, не е утврденo во согласност со членовите 29-а и 29-б од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот утврди дека може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но не се предвидува надоместок за работа на седница на членови на комисиите, одборите и другите работни тела без оглед на одржана седница за секоја седница поодделно, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот за дневни трошоци без оглед на одржана седница за секоја комисија поодделно, како што предвидуваат членовите 1 и 2 од оспорената Одлука.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот утврди дека основано се поставува прашањето на согласноста на оспорената одлука со Законот за локалната самоуправа, Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката и Уставот на Република Македонија, поради што пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност и со член 51 од Уставот.
6. Со оглед на тоа што со извршувањето на оспорената одлука би можело да настанат тешко отстранливи последици, до донесувањето на конечна одлука, Судот реши да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени врз основа на таа одлука.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.43/2008
23 април 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски