Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 23 април 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на одредбите на член 35 ставови 2, 3 и 4, член 123 ставови 2 и 3, член 237 став 4, член 238 став 4, член 302 став 3, член 303 став 3, член 306, член 309, член 327 ставови 2 и 3, член 330 став 5, член 333 став 4, член 403, член 404 ставови 1 и 2, член 405, член 406, член 407 став 3, член 409 став 2, член 419 став 3, член 420 став 3, член 421 став 3 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006 и 7/2008).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Васил Велковски од Скопје на Уставниот суд му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.
За подносителот на иницијативата е спорно дали казната доживотен затвор е вид на казната затвор или пак е посебен вид на казна, покрај казната затвор и паричната казна. Ако казната доживотен затвор е казна затвор, таа не можела да биде подолга од 15 години, бидејќи казната затвор не можела да биде подолга од 15 години. Во таков случај казната доживотен затвор ја губела својата смисла, цел и оправдување, ако се изедначи со максималната казна затвор. Доколку пак казната доживотен затвор е посебен вид казна, тогаш таа требало да биде како таква предвидена во членот 33 од Кривичниот законик.
Цитирајќи ги уставните одредби кои се однесуваат на забраната на смртната казна, неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет, забраната на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, неприкосновеноста на слободата на човекот, подносителот на иницијативата го поставува прашањето дали со казната доживотен затвор ограничено се ограничувала слободата, односно дали со неа временски се ограничувала слободата.
Според подносителот на иницијативата, казната доживотен затвор била казна со која сторителот на едно кривично дело се лишувал од слобода до крајот на животот. Според него, Уставот дозволувал ограничување на слободата на човекот, но тоа ограничување било временски ограничено и морало да биде исто, односно еднакво за секој човек. Судската одлука со која се ограничува слободата, морала да го утврди времето за кое таа се ограничува. Определбата дека слободата е ограничена до крајот на животниот век, односно доживотно, значело дека на различни сторители, во зависност од нивната возраст, различно ќе било траењето на ограничувањето на слободата во случај на осуда на казна доживотен затвор.
Со казната доживотен затвор неограничено се ограничувала слободата, што било спротивно на Уставот кој дозволувал ограничено ограничување на слободата. Казната доживотен затвор ја исклучувала можноста човекот да се стекне со слобода, а слободата била неприкосновена и не можела да биде исклучена до крајот на животниот век на човекот. На секој сторител, на секој човек за исто кривично дело, условно речено, требало да му биде изречена иста казна, односно исто временско ограничување на слободата.
Оттука, со оглед на тоа што Уставот не определувал изрекување на доживотен затвор на сторителите на тешки кривични дела, а пропишувал дека слободата на човекот може да се ограничи за определено време, казната доживотен затвор не била во согласност со Уставот, поради што со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на сите одредби од Кривичниот законик во кои е предвидена казната доживотен затвор.
Во прецизирањето на ицинијативата, подносителот точно ги означува оспорените одредби од Кривичниот законик.
4. Судот на седницата утврди дека според член 35, став 2 од Кривичниот законик, ако за кривично дело сторено со умисла е пропишан затвор во траење од 15 години, за тешки форми на тоа дело може да се пропише и казна доживотен затвор. Согласно ставот 3 на истиот член од Законикот, казната доживотен затвор не може да се пропише како единствена главна казна. Ставот 4 од овој член од Законикот предвидува дека казната доживотен затвор не може да се изрече на сторител кој во време на извршувањето на кривичното дело не навршил 21 година од животот.
Судот понатаму утврди дека останатите оспорени одредби се однесуваат на одредбите од Посебниот дел на Кривичниот законик во кои е пропишана казната доживотен затвор за одделните кривични дела.
Според член 123 став 2, со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што:
1) друг ќе лиши од живот на свиреп или подмолен начин,
2) друг ќе лиши од живот при вршење на семејно насилство,
3) друг ќе лиши од живот и при тоа со умисла ќе го доведе во опасност животот на уште некое лице,
4) друг ќе лиши од живот од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди,
5) друг ќе лиши од живот по порачка,
6) ќе лиши од живот женско лице за кое знае дека е бремено или малолетно лице и
7) ќе лиши од живот судија, јавен обвинител или адвокат, при вршењето на неговата функција, односно дејност или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување на лице лишено од слобода.
Според ставот 3 на овој член од Законикот, со затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој кој со умисла ќе лиши од живот две или повеќе лица, за кои претходно не му било судено, освен ако не се работи за кривични дела од член 9 став 3, член 10 став 3 и членовите 124, 125 и 127.
Судот на седницата, исто така, утврди дека со останатите оспорени одредби предвидена е казната доживотен затвор за следниве кривични дела: разбојништво (член 237 став 4), разбојничка кражба (член 238 став 4), грабнување воздухоплов или брод (член 302 став 3), загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај (член 303 став 3), признавање на окупација (член 306), убиство на претставници од највисоките државни органи (член 309), казнување за најтешките форми на кривични дела (член 327 ставови 2 и 3), спротивставување на претпоставен (член 330 став 5), напад врз воено лице во вршењето на службата (член 333 став 4), геноцид (член 403), воено злосторство против цивилно население (член 404 ставови 1 и 2), воено злосторство против ранети и болни (член 405), воено злосторство против воени заробеници (член 406), употреба на недозволени средства на борба (член 407 став 3), противправно убивање и ранување на непријател (член 409 став 2), меѓународен тероризам (член 419 став 3), загрозување лица под меѓународна заштита (член 420 став 3), земање заложници (член 421 став 3).
5. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 10 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен. Во Република Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ.
Согласно член 11 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
Членот 12 став 1 од Уставот, предвидува дека слободата на човекот е неприкосновена, додека пак, во ставот 2 е предвидено дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Со членот 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи е предвидено дека никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.
Според член 5 став 1 од оваа Конвенција, секој човек има право на слобода и на безбедност и никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон, меѓу другото, ако издржува казна затвор по пресуда на надлежен суд.
Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија е подигнато на ранг на уставно начело. Во казненото право ова начело се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна.
Начелото на законитост во казненото право ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на крајно прецизен начин битијата на казнивите дела, за секое казниво дело да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и на другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно кон никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон.
Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните.
Во оваа смисла, со Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 73/2006 и 7/2008) се утврдуваат основните начела и општи институти од материјално правен карактер, со кои се определува општиот поим на кривичното дело, се дефинираат претпоставките и условите на кривичната одговорност и се утврдуваат основите за нивното исклучување, се утврдува системот на санкции и поблиску се одредуваат условите за примена на санкциите, како и се пропишуваат конкретните кривичните дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело.
Со член 1 од Кривичниот законик, се утврдува дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело, кое, пред да биде сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.
Согласно член 4 од истиот законик, кривични санкции се: казни, алтернативни мерки, мерки на безбедност и воспитни мерки.
Според членот 32 од Кривичниот законик, покрај остварување на правдата, цели на казнувањето се: спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.
Видовите казни се пропишани во членот 33 став 1 од Кривичниот законик, според кој за кривични дела на кривично одговорните сторители може да им се изречат следниве казни: казна затвор, парична казна, забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило и протерување на странец од земјата. Спроед ставот 2 на овој член од Законикот, казната затвор може да се изрече само како главна казна.
Според член 35 став 1 од Законикот, затворот не може да биде пократок од 30 дена, ниту подолг од 15 години. За кривичните дела за кои е пропишана и казна доживотен затвор, може да се изрече казна затвор од 20 години.
Во ставот 2 на овој член од Законикот предвидено е дека ако за кривично дело сторено со умисла е пропишан затвор во траење од 15 години, за тешки форми на тоа дело може да се пропише и казна доживотен затвор.
Согласно ставот 3 на овој член од Законикот, казната доживотен затвор не може да се изрече на сторител кој во време на извршување на кривично дело не навршил 21 година од животот.
Според членот 36 став 4 од Законикот, осудениот на казна доживотен затвор условно не може да се отпушти пред да издржи најмалку 15 години казна затвор.
Во Законот за извршување на санциите (Службен весник на Република Македонија бр. 2/2006) меѓу другото, се определени и целите на извршувањето на казните. Според членот 37 од овој закон, целта на извршувањето на казната затвор е оспособување на осудените лице да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот во согласност со закон. Заради постигнување на целта на извршувањето на казната затвор кај осудените лица се развива чувството на одговорност и се поттикнуваат да го прифатат и активно да учествуваат во третманот за време на извршувањето на казната, мотивиран и насочен кон превоспитување и развивање на позитивните карактерни особини и способности што го забрзува успешното враќање во општеството.
Согласно членот 38, при извршувањето на казната затвор мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на осуденото лице и да се почитува човековата личност и достоинство. Се забранува секој облик на мачење, нечовечно или понижувачко однесување и казнување. Мора да се обезбедува правото на лична сигурност на осуденото лице и самопочитувањето на неговата личност.
Според членот 49 став 2 од Законот, лица осудени на казна доживотен затвор, казната ја издржуваат во согласност со одредбите за извршување на казната затвор и ги уживаат сите права и погодности, освен оние кои се ограничени со куќниот ред на установата.
Од наведените одредби од Кривичниот законик произлегува дека законодавецот казната доживотен затвор, правно-технички ја предвидел во рамките на одредбите од Законикот кои се однесуваат на казната затвор. Од тука произлегува дека Кривичниот законик на Република Македонија разликува временски ограничена казна затвор и казна доживотен затвор. Доживотниот затвор според тоа е еден вид на казната затвор, кој е исклучителна казна со оглед на тоа што е пропишана за тешки форми на умислени казнени дела за кои е пропишана казна затвор во траење од 15 години. Од наведените одредби, исто така, произлегува дека оваа казна не може да се пропише како единствена главна казна, односно дека таа може да се пропише алтернативно со казната затвор од 15 години. Алтернатива за доживотниот затвор е и казната затвор од дваесет години.
Казната доживотен затвор, како и нејзината алтернатива – казната затвор од 20 години се апсолутно одредени казни. Единствен коректив на апсолутната природа на оваа казна е можноста осудениот на казна доживотен затвор да биде условно пуштен, но не пред да издржи најмалку 15 години затвор.
Инаку казната доживотен затвор беше внесена во кривичното законодавство со донесувањето на Кривичниот законик во 1996 година, со цел да се пополни празнината настаната со укинувањето на смртната казна.
6. Од анализата на меѓународните стандарди од областа на човековите права и кривичното право, произлегува дека единствениот договор од областа на човековите права кој експлицитно упатува на казната доживотен затвор се однесува на изрекувањето на доживотен затвор без можност за отпуст. Тоа е членот 37 од Конвенцијата за правата на детето според кој државите членки ќе обезбедат: а) Ниту едно дете да не биде изложено на мачење или други свирепи, нечовечки или понижувачки постапки или казни, Смртната казна и доживотен затвор без можност за пуштање на слобода не можат да се изречат за кривични дела што ги сториле лица помлади од 18 години.
Значи со оваа одредба се забранува изрекување на казната доживотен затвор без можност за условен отпуст или помилување, спрема малолетници.
Иако не постојат универзални одредби кои го забрануваат изрекувањето на казната доживотен затвор без можност за пуштање на слобода спрема полнолетни сторители на кривични дела, Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд предвидува дека сите казни за најтешките форми на злосторства – воени злосторства, злосторства против хуманоста и геноцидот – треба да се ревидираат по истекот на 25 години. Така според член 110 став 3 од Римскиот статут, кога осуденото лице ќе издржи две третини од казната или 25 години казна од доживотниот затвор, Судот повторно ќе ја разгледа казната за да одлучи дали треба да ја намали или не. Таа постапка не смее да се спроведе пред да истече овој рок.
Самиот Статут инаку експлицитно предвидува казна доживотен затвор за најтешките прекршувања на меѓународното хуманитарно право (геноцид, воени злосторства и злосторства против човечноста). Согласно член 77 став 1 точка б) од Римскиот статут, судот може на лицето кое го осудил за некое од наведените кривичи дела, да му изрече казна затвор на одреден број на години, која не може да биде подолга од 30 години, или казна доживотен затвор, кога тоа е оправдано со оглед тежината на злосторството и посебните околности на обивинетиот.
Останатите меѓународни договори како на пример, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Стандардните минимални правила за третман на осудените лица предвидуваат стандарди за третман на осудените лица на казната затвор, без при тоа да прават дистинкција на казната затвор со ограничено времетраење и казната доживотен затвор, со цел да се обезбеди извршувањето на овие казни да биде хумано и да ја почитува човековата линост и достоинство.
Прашањето за третманот на затворениците осудени на долготрајни затворски казни е предмет на Препораката (76) 2 на Комитетот на Министри на Советот на Европа усвоена во 1976 година, во која, меѓу другото, на државите членки им се препорачува случаите на овие затвореници да се испитуваат на определени временски интервали со цел да се утврди дали може да им се даде условен отпуст; во поглед на осудениците на казната доживотен затвор овие испитувања треба да се вршат по 8 до 14 години поминати во затвор и тие треба да се повторуваат на редовни интервали; на овие осуденици да им се дава условен отпуст согласно законските услови поврзани со определено време на издржана казна, веднаш штом ќе може да се даде позитивна прогноза, при што се препорачува генералната превенција да не се користи како единствено оправдување за одбивањето на барањата за условен отпуст; на осудениците на доживотен затвор да се применуваат истите приниципи кои се однесуваат на осудениците на долги казни.
Овие принципи понатаму се разработени во Препораката 2003(22) на Комитетот на министри до земјите членки за условен отпуст и Препораката 2003 (23) за менаџирање од страна на затворските управи на доживотната казна затвор и осудените на долготрајни казни.
7. Компаративната анализа на кривичните законодавства на повеќе европски земји покажува дека во повеќето земји членки на Советот на Европа постои казна доживотен затвор. Казната доживотен затвор нужно не значи и затворање до крајот на природниот живот на човекот. Повеќето замји предвидуваат еден вид контрола на изречените казни доживотен затвор со можност за отпуштање од натамошно издржување на казната. Некои земји предвидуваат многу долг период на задолжително затворање на доживотните осуденици, на пример, 30 години во Естонија, 26 години во Латвија, 25 години во Полска, Словачка и Молдова, 20 години во Чешка, Албанија, Романија и Турција, додека во други пуштањето на слобода е можно по 10 години, како на пример во Белгија, или 15 години во Франција, Германија, Луксембург и Швајцарија.
Најсеопфатни одредби за употребата на доживотниот затвор се сретнуваат во Англија и Велс. Таму, казната доживотен затвор е задолжителна за убиство, додека дискрециона казна затвор може да се изрече за други тешки дела против личноста. Кај мандаторната односно задолжителната казна доживотен затвор, се утврдува и т.н тарифа односно најраниот датум кога може да се даде условен отпуст. Таа тарифа изнесува 25 години. Покрај тоа, од 1997 година, сторителот кој по вторпат ќе стори тешко сексуално или насилно дело автоматски добива доживотен затвор, освен во случај на исклучителни околности (автоматска казна доживотен затвор).
Во мал број на европски земји во кои не може да се изрече казната доживотен затвор, предвидени се казни на долготрајно лишување од слобода (казни од 25, 30 или 40 години). Така на пример, во Хрватска, најстрогата казна е затвор од 20 до 40 години, која се изрекува по исклучок. Условен отпуст е можен по издржувањето на една половина, и по исклучок на една третина од казната. Во Норвешка, најстрогата казна е казна затвор во определено траење од 21 година. Условен отпуст е можен по издржувањето на 12 години затвор. Во Португалија максималната казна затвор е 25 години, и по исклучок 30 години. Законодавството на Словенија предидува максимална казна затвор од 30 години. Лицата кои издржуваат казни подолги од 15 години можат да бидат условно отпуштени по издржувањето на три четвртини од казната. Меѓутоа, во Словенија во тек е постапката за измени на Кривичниот законик со кои се предлага воведување на казната доживотен затвор, со образложение дека тоа се прави заради усогласување на словенечкото законодавство со Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд. Во Шпанија максималната казна е затвор од 30 година. Во Исланд, законодавството предвидува казна доживотен затвор, која меѓутоа не била никогаш изречена од 1940 година.
8. Анализата на поновата судска практика на Европскиот суд за човекови права во однос на казната доживотен затвор (Leger v. France, пресуда од 11 април 2006 година, Kafkaris v. Cyprus, пресуда на Големиот судски совет од 12 февруари 2008), покажува дека за Европскиот суд не е спорна самата казна доживотен затвор, доколку во кривичното законодавство е предвидена можност за условно отпуштање на осуденикот.
Така во случајот Leger v. France, Судот во Стразбур не нашол повреда ниту на членот 5 став 1, ниту на член 3 од Конвенцијата. Имено, во однос на членот 5 Судот укажал дека со оглед на екстремно тешкото дело сторено од страна на апликантот, казната доживотен затвор не била арбитрерна за целите на ченот 5 и дека таа не била пречка апликантот да биде ослободен со оглед на тоа што тој добил условен отпуст, со што било спречено неговото трајно исклучување од општеството.
Во поглед на казната доживотен затвор Судот укажал дека штом ќе биде задоволен пунитивниот елемент на казната, натамошното држење на осуденото лице во затвор треба да се темели на проценка на ризикот и опасноста на сторителот. Со самиот факт што апликантот можел да бара условен отпуст по изминати 15 години во затвор, што тој и го направил во повеќе наврати, Судот сметал дека тој не бил лишен од каква и да било надеж за намалување на казната, која не била неограничена ни правно ни фактички. Судот заклучил дека продолжениот затвор како таков, иако долготраен не претставувал нечовечко, ниту понижувачко постапување.
Во случајот Kafkaris v. Cyprus, Големиот судски совет укажал дека изрекувањето на казната доживотен затвор на полнолетен сторител на кривично дело само по себе не е ниту забрането, ниту во несогласност со членот 3 или кој и да било друг член од Конвенцијата. Истовремено, Судот укажал дека изрекувањето на казна доживотен затвор која е нередуктибилна, односно без можност за отпуштање, може да покрене прашање според член 3 (случаи Nivette v. France, No.44190/98, Einhorn v. France, no. 71555/01, Stanford v. U.K., no. 73299/01, Wynne v.U.K., no.67385/01.)
При определувањето дали казната доживотен затвор е нередуктибилна, Европскиот суд настојувал да утврди дали осуденикот на оваа казна има изгледи за отпуштање. Анализата на судската практика на Европскиот суд по ова прашање покажува дека онаму каде што националното право предвидува можност за ревизија на казната доживотен затвор заради нејзино смалување, замена, престанок или условен отпуст на затвореникот, ова е доволно за да се задоволи членот 3. Судот во Стразбур во повеќе случаи нашол дека во случај кога затворањето било предмет на ревизија за целите на условен отпуст по истекот на минимален период на издржана казна, не може да се каже дека осудените лица се лишени од каква и да било надеж за отпуштање. (случаи Stanford v. U.K., Hill v. U.K. no. 19365/02, Wynne v. U.K.) Судот укажал дека ова е случај дури и кога не се бара минимален период на ефективен затвор, како и тогаш кога можноста за условен отпуст на осудените лица кои издржуваат казна доживотен затвор била ограничена. Од тука произлегува дека казната доживотен затвор не станува „нередуктибилна“ со фактот дека во практиката таа може да биде издржана до крај. За целите на членот 3 доволно е казната доживотен затвор да е de jure и de facto редуктибилна.
Оттука, иако Конвенцијата генерално не предвидува право на условен отпуст ниту право казната одново да мора да ја преиспитаат националните власти (судски или управни) заради нејзино смалување или престанок, од судската практика јасно произлегува дека постоењето на систем кој предвидува разгледување на можноста за отпуштање е важен фактор кој треба да се земе предвид при оценката на компатибилноста на индивидуалната казна доживотен затвор со членот 3 од Конвенцијата. Во овој контекст Европскиот суд укажува дека изборот на посебниот кривично- правен систем од страна на земјата, вклучувајќи го преиспитувањето на казните и уредувањето на отпустот, во принцип е надвор од опфатот на Судот во Стразбур, под услов така избраниот систем да не е во спротивност со принципите содржани во Конвенцијата.
Значи, за Судот во Стразбур, предвидувањето на казната доживотен затвор на полнолетен сторител на кривично дело само по себе не е забрането, ниту пак е спротивно на членот 3 или на кој и да било кој друг член на Конвенцијата. Меѓутоа, изрекувањето на казна доживотен затвор која е нередуктибилна, односно која не може да се намали, може да покрене прашање на согласноста со членот 3 од Конвенцијата кој забранува тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување. При оценката дали казната доживотен затвор во конкретен случај може да се смета за неограничувачка, Судот утврдувал дали осуденикот на оваа казна има какви и да било изгледи за отпуштање од издржувањето на казната. Онаму каде што домашното законодавство предвидувало можност за ревизија на казната заради нејзино смалување, замена, престанок или условен отпуст, Судот сметал дека тоа е доволно за да се задоволи членот 3 од Конвенцијата.
9. Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата казната доживотен затвор во суштина ја оспорува од аспект на членот 12 ставови 1 и 2 од Уставот. Од самата содржина на овој член на Уставот, според мислењето на Судот, воопшто не произлегува дека овој член предвидува некаков дополнителен услов за тоа дали ограничувањето на слободата на човекот, односно лишувањето од слободата е временски ограничено или неограничено, од каде што би можело да се заклучи дека законодавецот, во принцип, е слободен да пропише и казна затвор која е временски неограничена, односно која трае до крајот на животот на осудениот.
Меѓутоа, имајќи го предвид значењето на човековото достоинство како основна човекова вредност што ужива универзална заштита, Судот оцени дека таквиот дополнителен услов, кој забранува лишување од слобода до крајот на животот на човекот, треба да се бара во одредбите од Уставот кои се однесуваат на неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот и забраната на секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување (член 11 од Уставот), кој на определен начин го обврзува законодавецот да предвиди механизми кои со кои ќе се овозможи на осуденото лице на казна доживотен затвор одново да ја стекне слободата.
Според оценката на Судот, долготрајното затворање, односно казната доживотен затвор не може да ги оствари своите криминално-политички цели доколку не е проследена со мерки кои имаат за цел да му се овозможи на осуденото лице враќање во општествениот живот во определен момент. Во овој контекст од посебно значење е институтот условен отпуст. Всушност, политиката на криминалната превенција која допушта натамошно задржување во затвор на осудено лице кое издржало затворска казна определен временски период кој одговара на тежината на стореното дело и кое не претставува опасност за општеството, е спротивна на признаените минимални правила за третман на осудените лица и на целите на социјалната рехабилитација, кои претставуваат меѓународен стандард вграден во меѓународните документи за човековите права. Така на пример во членот 10 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права е утврдено дека со сите лица лишени од слобода ќе се постапува хумано и со почитување на достоинството на човековата личност. Пенитенцијарниот систем ќе вклучува третман на осудените лице чија што основна цел ќе биде нивното поправање и социјална рехабилитација.
Превоспитувањето и подготовката за враќање на сторителот во општеството треба да претставува основна цел и на извршувањето на казната доживотен затвор, и при тоа надлежните органи треба да постапуваат на ист начин како и со осудените лица на казна затвор, со полно почитување на нивниот психофизички и морален интегритет и достоинството на личноста и без каква и да е дискриминација.
Човековото достоинство не е само едно од субјективните права што е гарантирано со член 11 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита. Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени. Според Судот, оваа улога на државата е особено значајна во кривично-правната сфера и во системот на извршување на затворските казни, од причина што државата е таа која што затвора, но и таа која што е должна да ги ресоцијализира сторителите на кривични дела преку соодветен третман.
Гаранција за ова претставуваат одредбите од Законот за извршувањето на санкциите кои прокламираат хумано постапување со лицата кои издржуваат казна затвор, почитување на нивната личност и достоинство без при тоа да се прави разлика помеѓу осудените лица на казна затвор и осудените на доживотен затвор во поглед на уживањето на нивните права и погодности.
Оттука според Судот, во оценката на уставноста на казната доживотен затвор од аспект на наводите во иницијативата, треба да се тргне од фактот што оваа казна, онака како што е уредена во Кривичниот законик на Република Македонија, не претставува неограничено, односно доживотно ограничување на слободата на човекот, како што смета подносителот на иницијатива. Со самиот факт што осудениот на оваа казна може да бара условен отпуст, под услови точно предвидени во Кривичниот законик, односно по издржани 15 години затвор, произлегува дека осуденикот на оваа казна не е однапред лишен од каква и да било можност, односно шанса за отпуштање од натамошно издржување на казната. Од образложението на предлагачот на Кривичниот законик, произлегува дека овој коректив е предвиден токму од хумани причини, како и со потребата од уважување на ресоцијализирачката цел на казната. Имено, долготрајното континуирано губење на слободата претставува исклучителен физички и психолошки товар кој може да резултира во значително нарушување на личноста на осуденото лице, што е една од причините за воведување на условниот отпуст. Во таа смисла и казната доживотен затвор не може да се извршува хумано, доколку на осуденото лице однапред a priori му е одземена секоја шанса и можност за враќање на слободата. Изедначувањето на казната доживотен затвор со затворање до крајот на природниот век на човекот, на што во основа се сведуваат наводите во иницијативата, значи негација на една од целите на казнувањето – ресоцијализација на сторителот, односно негово превоспитување и подготвување за општествено прифатливо однесување на слобода.
Поради сето наведено Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваат на казната доживотен затвор со одредбите од Уставот.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 28/2008
23 април 2008
Скопје
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски