190/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 ставовите 4, 5, 6, 7 и 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007 и 8/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста на член 1 ст. 4, 5, 6, 7 и 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби од Законот не можеле да опстојуваат во правниот поредок со оглед на фактот што тие зависеле од членот 1 став 3 од Законот кој Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.23/2007 од 2 мај 2007 година го укинал како несогласен со Уставот на Република Македонија, на кој начин се повредувала темелната вредност на уставниот поредок владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 20 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 1 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии е предвидено дека давањето на потписи од ставот 3 на овој член започнува 45 дена пред денот на истекот на рокот од последната регистрација на политичката партија.

Според оспорениот став 5 на член 1 од Законот „по истекот на рокот од став 3 на овој член во рок од осум дена основниот суд е должен да ја извести политичката партија да постапи согласно со рокот утврден во ставот 3 на овој член.

Во оспорениот став 6 на член 1 од Законот е предвидено: „политичката партија е должна во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето од основниот суд да постапи согласно со ставот 3 на овој член“.

Во оспорениот став 7 на член 11 од Законот е предвидено „ако политичката партија не постапи во рокот утврден во став 6 на овој член, основниот суд по службена должност ќе донесе решение за бришење на политичката партија од судскиот регистар и по правосилноста на решението за тоа ќе го извести Основниот суд Скопје II – Скопје заради бришење на политичката пртија и до Единствениот судски регистар на политички партии“.

Во оспорениот став 8 на член 11 од Законот е предвидено: „Бришењето на политичка партија од судскиот регистар и од Единствениот судски регистар на политички партии се објавува во „Службен весник на Република Македонија“ (и во најмалку две јавни гласила од кои едно е на службен јазик различен од македонскиот, кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија) во рок од 15 дена од денот на бришењето на политичката партија од судскиот регистар“.

Во натамошната постапка е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.23/2007 од 2 мај 2007 година, го укинал член 1 став 3 од Законот за политичките партии. Во наведениот член од Законот било предвидено дека „политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до Основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар, со број на потписи потребни за основање на политичка партија“.

Судот, исто така утврди дека по повод Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.23/2007 од 2 мај 2007 година Собранието на Република Македонија донело Закон за изменување и дополнување на Законот за политички партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2008).

Според член 1 од наведениот закон е предвидено дека во член 11 по став 2 се додава нов став 3 кој гласи:

3. Политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрација да достави до основниот суд од член 17 тав 2 на овој закон поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичка партија. Во став 4 бројот 45 се заменува со бројот „90“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, наводите на подносителот на иницијативата според кои оспорените членови не можеле да опстојат во правниот поредок поради фактот што тие се повикуваат на член од Законот кој е отстранет од правниот поредок со Одлука на Уставниот суд на Република Маккедонија, како и фактот што со Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2008) е уредено прашањето за тоа во кој рок и каде се даваат потписите за пререгистрација на политичката партија, Судот оцени дека престанале причините заради кои се оспоруваат наведените членови, поради што се исполенти условите за примена на член 28 од Деловникот на Уставнииот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр190/2007
9 април 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски