8/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на

– член 101 став 1 во делот: „по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001),

– член 83 став 3 алинеја 2 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005) и

– член 50 став 1 во делот: „По претходна согласност на сопствениците на сите станови на зградата, односно на влезот на зградата“ од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/1998, 48/2000, 39/2003, 96/2004 и 120/2005).

2. Лидија Костовска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, постоела очигледна меѓусебна неусогласеност на оспорените одредби од трите закони во делот на согласноста од сопствениците на становите како услов за пренамена на објект (согласноста на мнозинството сопственици е услов што се бара со Законот за сопственост и други стварни права и Законот за градење, а согласноста на сите сопственици е услов што се бара со Законот за домување), со што се повредувале владеењето на правото и правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Понатаму, се наведува дека одобрението за пренамена на стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија во просторија за вршење на деловна дејност, со претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории, не било во согласност со Уставот – член 8 став 1 алинеите 3 и 6 со кои се гарантира владеење на правото и правната заштита на сопственоста, како и со член 30 став 2 од Уставот според кој сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата.

Според подносителот, тоа значело дека ако мнозинството сопственици на становите во зградата не дадат согласност за пренамена, сопственикот на објектот кој бара пренамена не ќе можел да го употребува објектот за негово добро и за добро на заедницата, а граѓанинот не можел правно да ја заштити намерата за пренамена на својата сопственост. Според оспорените одредби, произлегувало дека одобрението за пренамена не го донесувал надлежниот орган и кога биле исполнети сите услови за пренамена на објектот, туку одобрението зависело од индивидуалната волја на другите сопственици на станови во зградата.

Притоа, се нагласува дека правото на мирно и непречено користење на објектите – становите од повеќе сопственици на станови што живеат во ист објект требало да се обезбеди од страна на надлежен државен орган на чие првостепено решение, на граѓанинот, со член 15 од Уставот, му се гарантирало правото на жалба. Ако мнозинството станари не се согласеле за пренамена, граѓанинот не можел да бара пренамена на објектот, со што сите одредби за употреба на градежен објект и за пренамена, од Законот за сопственост и други стварни права и од Законот за градење, ја губеле важноста пред индивидуалната волја на сопствениците на станови.

Бараната согласност значела мерка на контрола на употребата на сопственоста не од страна на државата, туку од приватни лица. Согласноста од приватни лица за пренамена на употребата на сопственоста значела повреда на правото на сопственост, што исто така било спротивно на член 17 од Универзалната декларација за човекови права и Првиот протокол на Европската конвенција за човекови права.

Врз основа на наведеното, а со цел да се обезбеди граѓаните својата сопственост да ја користат и да располагаат со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице, односно да се обезбеди правна заштита на сопственоста од страна на надлежни државни органи и да се оневозможи субјективно мешање на другите сопственици во сопственоста на поединецот, под изговор на мирно и непречено користење на објектите, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да ги укине оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 101 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не и се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите во зградата, односно на влезот во зградата.

Согласно член 83 став 3 алинеја 2 од Законот за градење, до надлежниот орган од членот 51 на овој закон градителот со барањето за издавање одобрение за издавање на одобрение за адаптација со пренамена од ставот 2 на овој член поднесува и согласност на мнозинството сопственици на становите во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина.

Според член 50 став 1 од Законот за домување, стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност на барање на сопственикот на станот ако не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, не се нанесува штета на зградата и не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на сопствениците на сите станови, на зградата, односно на влезот на зградата.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот .

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, У. бр. 173/2007 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2008), укинати се член 101 став 1 во делот „односно на деловните простории“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001) и член 83 став 3 алинеја 2 во делот „односно на деловните простории“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005), со што овие одредби повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на овие одредби.

Во однос на прашањето за пропишувањето на согласноста на мнозинството сопственици на становите во зградата, односно на влезот во зградата како услов за одобрување пренамена на стан, дел од стан, помошна и заедничка просторија за вршење деловна дејност, кое се покренува со иницијативата, Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 173/2007, оценил дека тоа не претставува повреда на принципите на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што не повел постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 во деловите „по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „ во зградата, односно на влезот во зградата“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001) и на член 83 став 3 алинеја 2 во деловите „согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005). Според Судот, претходната согласност на мнозинството сопственици на станови на зградата односно на влезот на зградата, утврдена како еден од условите кои треба да се исполнат при пренамена на објектите за вршење на деловна дејност, е условена токму со промената на основната намена на деловите на објектите. Ова особено поради тоа што при пренамената не би требало да се тргнува само од интересот на поединецот, туку и од интересот на другите станари и на заедницата во целина. Имено, во моментот на стекнување на правото на сопственост, објектот бил со една намена и стекнувачот знаел и очекувал дека станот го зема како станбен простор за живеење во објект кој е предвиден како станбена зграда, па подоцнежната пренамена на делови од зградата од станови, помошни станбени простории или заеднички простории во деловен простор, може да доведе до повредување на неговото право на несметано користење на станот, поради што законодавецот основано оценил дека, покрај исполнувањето на другите услови, за пренамената е потребна и јасно искажана согласност на мнозинството сопственици на становите. Судот, исто така, утврдил дека Законот за сопственост и други стварни права не содржи одредби според кој барателот на пренамената на објектот би можел во управна или судска постапка, да ја докажува и обезбеди согласноста на мнозинството сопственици за пренамената, доколку таква согласност не е обезбедена. Меѓутоа, ваква постапка не е пропишана ни за обезбедување на другите услови неопходни за одобрување на пренамената, доколку тие не се исполнети. Оттука, произлегува дека законодавецот оценил дека пренамената на објектот е можна единствено и само доколку се исполнат сите пропишани услови и дека не е дозволено било кој од овие услови да биде заменет со управен или судски акт, што според Судот, е во функција на заштита на сопственоста. Од друга страна, согласно Законот за градење, одобрение за градење, односно за адаптирање со пренамена на станбен во деловен простор, издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините на градот Скопје, во постапка која се води согласно со одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено. Против одобрението за градење, односно против решението со кое се одбива барањето за издавање на одобрение за градење, градителот може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Тоа значи дека законодавецот пропишал постапка за заштита на сопствениците доколку нивните права во постапката за пренамена на објектот бидат неосновано загрозени.

Со Решение У. бр. 127/1999, Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување уставноста на член 50 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98). Во образложението на ова решение, Судот изразил став дека во конкретниот случај, пренамената за вршење на деловна дејност, подразбира промена на основната намена на делови од објектите, така што не станува збор за одземање или ограничување на правото на сопственост туку за исполнување на одредени со закон утврдени услови кои се потребни пред се токму заради промената на основната намена на деловите на објектите. Оттука, Судот оценил дека бараната проектна документација како и претходната согласност на сопствениците на сите станови на зградата односно на влезот на зградата, се дел од условите кои треба да се исполнат при пренамена на објектите за вршење на деловна дејност при што во никој случај не се доведува во прашање уставно гарантираното право на сопственост особено поради тоа што при пренамената не би требало да се тргнува само од интересот на поединецот туку и од интересот на другите станари и на заедницата во целина.

Имајќи ги предвид причините и аргументите изнесени во оваа иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за сопственост и други стварни права, Законот за градење и Законот за домување, Судот оцени дека истите не се од влијание за поинакво одлучување на Судот од она што веќе одлучил со Решението У. бр. 173/2007 и со Решението У. бр. 127/1999, поради што нема основи Судот повторно да одлучува по оваа иницијатива. Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Наводите во иницијативата за постоење очигледна меѓусебна неусогласеност на оспорените одредби од трите закони во делот на согласноста на сопствениците на становите како услов за пренамена на објект (согласноста на мнозинството сопственици е услов што се бара со Законот за сопственост и други стварни права и Законот за градење, а согласноста на сите сопственици е услов што се бара со Законот за домување), претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на три закони, што не е прашање за кое е надлежен Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.8/2008
9 април 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски