247/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006 и 29/2007).

2. Трајан Петрески од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот, на работниците на кои им престанал работниот однос по нивна волја или по нивна вина биле дискриминирани, односно немале ист третман во занимањето, вработувањето и при остварувањето на права што им ги гарантирал овој закон, во случај на невработеност во однос на работниците на кои им престанал работниот однос без нивна волја и вина, иако и едните и другите ги исполниле обврските што произлегувале од член 62 и член 66 став 1 од овој Закон. Имено, со оспорената одредба на индиректен начин се ограничувало правото на движење (флуктација) на работната сила, односно се ограничувал пазарот на работната сила.

Според членот 32 од Уставот, државата имала уставна обврска работникот на кој од било кои причини му престанал работниот однос и имал статус на привремено невработено лице, материјално да го обезбеди. Напротив, според иницијативата, со оспорената одредба без никаков уставен основ на работниците на кои им престанал работниот однос по нивна волја или по нивна вина, иако согласно овој Закон мораат цел работен век да издвојуваат од својата плата и да плаќаат придонес за осигурување за време на привремена неврабоеност, им се ускратувало ова уставно и законско право. Секој кој издвојувал парични средства од плата за осигурување во случај на привремена невработеност, морал по принципот на солидарност помеѓу осигурениците во случај на невработеност да добива соодветен материјален еквивалент утврден со закон или подзаконски акт. Според наводите во иницијативата оправдан основ за недобивање на соодветен материјален еквивалент би бил само ако работникот тој придонес не го платил преку работодавачот.

Оттука, според подносителот на иницијативата, основано се поставувало прашањето во што се разликувале парите уплатени како придонес за осигурување во случај на невработеност од работникот на кој му престанал работниот однос по негова волја или по негова вина од оние на оној работник на кој му престанал работниот однос поради стечај или ликвидација на работодавачот.

Според тоа, со оспорената одредба од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеи 1 и 3, членовите 9, 32 став 1, 51 и 54 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 67 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое работниот однос му престанал поради:

– давање псимена изјава на работникот дека сака да му престане работниот однос освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак,
– спогодбено престанување на работниот однос,
– остварува права од работен однос спротивно на закон,
– престанок на работниот однос по сила на закон, освен во случај на престанок на правното лице поради стечај,
– неоправдано изостанување од работа последовно 3 работни дена или 5 работни дена со прекин во текот на 1 година,
– престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот за кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор или договор за работа,
– одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон,
– одбивање да биде преземен со спогодба кај друг работодавец во согласнсот со закон,
– одбивање обука, преквалификација или доквалификација за друго работно место кај ист или друг рабоодавец, што му се обезбедува во согласност со закон,
– губење на работна способност согласно со прописите за пензиско и инвалидск осигурување, и
– исполнување на услови за остварување на право на пензија.

4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Владеењето на правото, химанизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на Уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 став 1 од Уставот, помеѓу другото се определува правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите.

Како начин за обезбедување на социјалната правда, Уставот го прокламирал и утврдил правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за колкаво времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено на уредувањето со закон и со колективни договори. Имено, правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност е регулирано со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Оспорениот член 67 од Законот, ги утврдува условите поради кои невработено лице неможе да оствари право на паричен надоместок. Имено, од анализата на оспорената одредба произлегува дека правото на паричен надоместок е право со кое на невработеното лице му се обезбедува материјална и социјална сигурност за време на невработеност, но само во услови кои ги предвидел законодавецот во оспорениот член 67 од Законот.

Имајќи ги предвид изнесените уставни норми како и оспореното законско решение, според Судот, од аспект на наводите во иницијативата за оспорената одредба не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што оспорената одредба еднакво се однесува на невработените граѓани чиј работен однос престанал по ист основ. Имено, најчести основи и случаи за стекнување на правото на паричен надоместок е престанокот на работниот однос поради стечај или деловни причини. Што се однесува, пак до спогодбениот престанок на работниот однос, Судот оцени дека истиот како основ не спаѓа во овие основи за остварување право на паричен надоместок и истиот е исклучен од условите за остварување на право на паричен надоместок од причина што се работи за категорија на лица кои го оствариле правото на работа, биле во работен однос и по нивна волја истиот е раскинат.

Според Судот, овие лица не се во иста положба со работниците на кои работниот однос им престанал поради стечај и деловни причини, од причини што со нивна волја го прекинале работниот однос и на тој начин се довеле себеси во состојба на социјален ризик. Оттука, и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека овие лица се од иста категорија и на тој начин се довеле во нееднаква положба со наведените невработени лица и со тоа им било спречено да го остварат правото на паричен надоместок.

Тргнувајќи од тоа дека станува збор за две категории на лица, не постои нееднаквост, односно станува збор за лица кои со спогодба го раскинале, односно прекинале работниот однос, кој го оствариле правото на работа, биле во работен однос, и имале соодветна материјална и социјална сигурност во споредба со лица на кои работниот однос им престанал без нивна волја, вина и се нашле во положба на социјален ризик. Оттука, според Судот, тоа било појдовна основа Законот да ги определи условите за стекнување на право на паричен надоместок.

Имено, според член 65 од Законот, право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос најмалку двет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.

Според член 66 од истиот Закон, право на паричен надоместок има невработено лице за времето поминато во работен однос, за кое е уплатуван придонес за вработување, и тоа: во работен однос со полно работно време, во работен однос со неполно работно време, пресметано во полно работно време, во работен однос на определено време (односно работа) подолга од 40 часа во неделата, ако тоа време му е пресметано во работен стаж и за работа во странство.

Од цитираните одредби од Законот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената одредба е дискриминаторска односно дека работниците немаат ист третман во остварувањето на правата во случај на привремена невработеност, односно работниците на кои им престанал работниот однос по нивна волја и вина, во споредба со работниците на кои работниот однос им престанал без нивна волја и вина. Ова од причина што, според Судот, во конкретниов случај станува збор за две категории на лица согласно Законот за работните односи и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Имено, во едната категорија се работниците кои се во работен однос согласно Законот за работните односи додека им трае договоро за вработување и втората категорија се невработени лица.

Со оспорената одредба, според Судот, не се прави ограничување на флуктацијата на работна сила, од причина што работниот однос според Законот за работни односи е договорен, доброволен однос помеѓу работодавачот и работникот и истиот може да се заснова и раскине од страна на двете договорни страни (работодавачот и работникот) согласно основите, условите и на начините утврдени во Законот за работните односи и колективниот договор. Законот за работните односи го предвидува спогодбениот престанок на работниот однос како еден од основите за престанок на работен однос, при кој престанок е неопходна волја и согласност на двете страни.

Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба постои дискриминација, бидејќи се работи за две посебни, различни категории на лица. Имено, во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се утврдени условите за стекнување и остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, вклучувајќи го и правото на паричен надоместок по основ на невработеност, со исклучоци кои законодавецот децидно ги навел во сега оспорениот член од Законот.

Тргнувајќи од напред наведеното пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 67 од Законот со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, членовите 9, 32 став 1, 51 и 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.247/2007
9 април 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски