Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за урбана единица 12К-Дел Кавадарци, бр.07-2484/2 од 31 август 2007 година (“Службен гласник на општина Кавадарци” бр.37/2007).
2. Александар Павлов од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука била против уставна затоа што со неа се повrедувал член 30 од Уставот. Исто така, оваа одлука била и против законита, затоа што биле повредени членовите 14, 23 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005). Во иницијативата како аргументи за неуставноста и незаконитоста на оспорената одлука се наведува дека на дел од парцелата, односно од дворното место на подносителот на иницијативата со Деталниот урбанистички план се предвидувал пристапен пат – улица за влегување до семејната станбена зграда на соседот, иако таа имала главен влез од улицата “ЈНА” бр. 13.
Подносителот на иницијативата во текот на јавната анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план ставил забелешка, односно приговaрал на ваквото планско решение и барал на тој простор, наместо пристапен пат, да се предвиди изградба на деловен објект кој ќе биде наменет за самовработување на неговите два сина. Во врска со оваа негова забелешка бил известен дека неговото барање за изземање на површината од 8 м2 од парцелата на соседот се прифаќа и дека просторот кој е спорен и прилазот до него се предвидува за јавна површина. Меѓутоа, ова известување не било спроведено, односно вградено во урбанистичкиот план, што се потврдувало и од изводот на урбанистичкиот план, поточно од графичкиот приказ за тој дел од планот.
Од напред наведеното произлегувало дека со оспорената одлука не само што се повредувале одредбите на членовите 14, 23 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, туку со оваа одлука се повредувало и уставно гарантираното право на сопственост на начин што со планираниот пристапен пат на подносителот на иницијативата посредно му се одземало и ограничувало правото на сопственост, а истовремено му се оневозможувало и да го приватизира земјиштето на кое со урбанистичкиот план било предвидено да се гради пристапниот пат.
Сметајќи дека оспорената одлука е противуставна и противзаконита подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост, а исто така предлага Судот, до донесувањето на конечната одлука по иницијативата, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз osnova na таа одлука.
При одлучувањето по иницијативата, се предлага Судот да ја има предвид сопствената Одлука У.бр.65/2006 од 13 септември 2006 година.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука има 6 члена. Во член 1 се предвидува дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Урбана единица 12К – дел Кавадарци.
Во член 2 од Одлуката се утврдува дека просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план е со површина од 9,23 ха и е со граници и мерки дадени во графичкиот дел на Деталниот урбанистички план.
Според членот 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план содржи: Текстуален дел и Графички прилози.
Во член 4 од Одлуката е утврдено дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на општината Кавадарци и потпис на претседателот на општина Кавадарци. Заверениот Детален урбанистички план, според членот 5 од Одлуката го чува и спроведува Секторот за комунални работи, урбанизам и сообраќај – Одделение за урбанизам при општина Кавадарци.
Согласно член 6, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во “Службен гласник на општина Кавадарци”.
4. Во член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Со членот 30 став 1 од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, а додека според ставот 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапакта за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.
Во членот 3 од означениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно член 11 став 1 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретнито случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план спроед став 2 на овој член од Законот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
Во членот 14 став 2 од Законот, на кој во иницијативата се спротивставува оспорената одлука, дословно е утврдено дека во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра кои што имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи. Според став 5 на овој член во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење.
Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.
Во член 22 став 1 од Законот се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон.
Според член 21 став 4 од Законот, стручната ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој Закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој Закон, определлено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во член 24 од Законот, на кој исто така се спротивставува оспорената одлука, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носител на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на член 24 од Законот, пак, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози..
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна
регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и од увидот и анализата на доставената документација во врска со оспорената Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за Урбаната единица 12К-дел Кавадарци, Судот утврди дека органите на општина Кавадарци ги спровеле сите законски определени дејствија во постапката за донесување на истата и тоа:
Нацрт-Деталниот урбанистички план за Урбана единица 12К-Дел Кавадарци (Централно Подрачје) е изработен од ДООЕЛ “Дизајн Центар Инженеринг” Кавадарци со тех.бр. 2140 од месец септември 2006 година.
На Нацрт-планот изработена е Стручна ревизија од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг “ЗУАС” Скопје, од септември 2006 година.
Доставен е одговор од изготвувачот на планот по забелешките од Стручната ревизија, октомври 2006 година.
Министерството за транспорт и врски има дадено Стручно мислење бр.18-17044 од 2.11.2006 година на Нацрт-планот со забелешки и сугестии.
Изготвувачот на планот има постапено по истите и доставен е одговор на Стручното мислење од изготвувачот бр.03-1918 од 15.12.2006 година.
На Нацрт Деталниот урбанистички план за дел од УЕ 12К (Централно подрачје) Кавадарци, Министерството за транспорт и врски има дадено повторно Стручно мислење бр.18-172/1 од 23.01.2007 година.
Со Одлука бр.07-410/2 од 16.02.2007 година донесена од Советот на општина Кавадарци е утврден текстот на Нацрт Деталниот урбанистички план за дел од УЕ 12К (Централно подрачје) Кавадарци и е утврдено спроведување на јавна презентација и јавна анкета.
Јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-планот се јавно објавени во весникот “Вечер” и преку локална телевизија КТВ.
Со цел на обезбедување поголема јавност и транспарентност во постапката на јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-планот од страна на општинската администрација биле превземени активности на непосредно писмено известување на заинтересирани правни и физички лица од конкретниот плански опфат, со укажување на законските можности за нивно вклучување во текот на јавната презентација и јавната анкета. Во овој контекст бил известен и подносителот на иницијативата Александар Павлов.
Во текот на јавната презентација и јавната анкета заинтересираните правни и физички лица доставиле анкетни листови, а биле одржани и повеќе собири на граѓани од предметниот локалитет, како и состаноци на Комисијата за урбанизам, како работно тело на Советот.
Подносителот на иницијативата Александар Павлов има доставено Анкетен лист и дополнение на Анкетен лист, во кој дава забелешка и бара да се воспостави поранешна претходна состојба, поточно да се уцртаат спорните 8 м2 во негова урбанистичка парцела, за кои во време на поднесувањето на анкетниот лист била во тек судска постапка. Во дополнението на анкетниот лист бара во неговиот двор да се предвиди изградба на деловен простор, со кој ќе го реши вработувањето на синовите.
Стручната комисија составена од претставник од локалната самоуправа, изготвувачот на планот и стручно лице од областа на проектирањето-надворешен член, ги разгледала сите доставени анкетни листови и изготвила Извештај под бр.13-1552/1 од 11 мај 2007 година од спроведената јавна анкета, во кој за секој анкетен лист поодделно е даден одговор во поглед на прифаќање или неприфаќање на забелешките. Во однос на приговорот на подносителот на иницијативата во овој извештај како заклучок стои дека пристапот на соседите се обезбедува од УП 3.31, а спорниот простор се предвидува за зелена површина.
Поради изразено незадоволство од страна на Александар Павлов, Комисијата зазела став спорните предмети да се разгледаат детално и повторно до сите аспекти, за што е составен Дополнет извештај под бр.13-155/2 од 12 јули 2007 година.
Во означениот извештај, од поднесените анкетни листови за ул. “ЈНА”, под реден број 4 е дадена содржината односно барањето од анкетниот лист на подносителот на иницијативата Александар Павлов, кое делумно се прифаќа со образложение за неприфаќањето. Имено, во овој Извештај Комисијата го заклучила следното „Барањето да се изземе површината од 8 м2 од парцелата на соседот се прифаќа, за соседот е обезбеден пролаз од северната страна, од кај социјалното. Просторот од 8 м2 кој е спорен и прилазот до него се предвидува за јавна површина. Воедно барањето да се предвиди деловен објект на просторот на исток од парцелата „не се прифаќа“ поради тоа што во една урбанистичка парцела по Законот за просторно и урбанистичко планирање, неможе да има два објекта“.
По изготвување на Извештајот од страна на Стручната комисија доставени се писмени известувања до сите подносители на анкетни листови во текот на јавната анкета, меѓу кои и до подносителот на иницијативата, со што е исполнета законската обврска од член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Министерството за транспорт и врски, по разгледување на доставеното барање и приложената документација, издало Согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за дел од УЕ 12К (Централно подрачје) во Кавадарци под бр.16-9096 од 20.07.2007 година.
Советот на општина Кавадарци оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 12К-дел Кавадарци ја донел на 31 август 2007 година, под бр.07-2484/2.
Со оглед на тоа што од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во постапка предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека наводите во иницијативата според кои со оваа одлука се повредувале членовите 14 став 2, 23 и 24 од Законот се неосновани. Имено, при уставносудската анализа се утврди дека при оспорувањето на Одлуката од аспект на член 14 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата се повикува на текст што не е содржина на сегашниот став 2 на членот 14 од Законот, или поточно тој наведува нецелосен текст на ставот 2 на член 14 од Законот пред неговите измени и дополнувања извршени во 2007 година, кога овој став станува став 5 кој повторно се однесува на градби кои биле изградени или се граделе спротивно на важечкиот урбанистички план или т.н. диви градби, што не е случај со семејната куќа на подносителот на иницијативата. Во членот 23 од Законот, пак, се уредува стручната расправа што се организира само по нацртот на генералните урбанистички планови, а не и по нацртот на деталните урбанистички планови, за каков што станува збор во конкретниот случај. Од тие причини наводите во иницијативата дека со оспорената одлука се повредувале означените два члена од Законот се ирелевантни за оценување на нејзината согласност со тие членови.
Во однос на наводите во иницијативата дека прифатените барања и забелешки на подносителот на иницијативата дадени во текот на јавната анкета не биле вградени во деталниот урбанистички план, поради што во иницијативата се алудира дека оспорената одлука не била во согласност и со член 24 од Законот, од увидот во графичкиот приказ доставен од страна на општина Кавадарци, Судот утврди дека спорната површина од 8 м2 и површината во сопственост на подносителот на иницијативата од 12 м2 по урбанистичкиот план се наменети за јавна површина, а не за пристапен пат.
Оттука, со оглед на тоа што делот од барањето на подносителот на иницијативата кој според Извештајот по јавната анкета и писменото известување е прифатен, соодветно е вграден во донесениот урбанистички план Судот оцени дека во конкретниот случај нема повреда на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одлука ниту со овој член од Законот. При ова се имаше предвид и Одлуката У.бр.65/2006 година на Судот која подносителот на иницијативата ја посочува, меѓутоа во тој предмет Судот утврдил дека барањето поднесено во текот на јавната анкета на подносителот на таа иницијатива иако било прифатено не било вградено во усвоениот урбанистички план, што не е така во овој случај.
Пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука ниту со член 30 од Уставот, од чиј аспект се оспорува нејзината уставност. Ова од причини што просторното и урбанистичкото планирање како континуиран процес се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата (член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање). Поставувајќи ја ваквата висока цел на просторното и урбанистичкото планирање, законодавецот во член 3 од Законот утврдил дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови, меѓу кои и на деталните урбанистички планови, се работи од јавен интерес.
Освен тоа, ако се има предвид дека урбанистичките планови се планови за уредување и користење (намена) на просторот во рамките на планскиот опфат, независно дали тој простор е во државна или приватна сопственост, тогаш сосема е јасно дека планските решенија утврдени во тие планови претставуваат само основ за одземање или ограничување на сопственоста. Фактичкото одземање или ограничување, пак, на правото на сопственоста на градежно земјиште, заради реализација на урбанистичките планови, се врши согласно Законот за експропријација, во кој поконкретно и подетално е утврден јавниот интерес за тоа.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.23/2008
9 април 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски