Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста член 5 ставов 2 во делот „во сопственост на правното лице„ од Законот за обезбедување на лица и имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/1999 и 66/2007).
2. Комората за обезбедување на имоти и лица и детективски услуги Детектив – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поваедување на постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 во делот “во сопственост на правното лице” од Законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијативата со писмен поднесок ја подржуваат и Агенциите за обезбедување на имоти и лица: “Феникс-ЏМ”, ДОО “Струмица”, “Сигурност Енџил”-Скопје, “ВИП” ДООЕЛ Струга, “КГБ Секјурити” ДООЕЛ Кавадарци, “Статус” ДОО-Скопје, “ТИМ” ДОО Скопје и “ИБИСА” Обезбедување Скопје.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот дел член 5 став 2 од Законот “да поседуваат и две деловни простории во нивна сопственост” се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, слободата на пазарот и претприемништовот утврдени во член 8 став 1 алинеја 1 и 7, членот 20 став 1 и член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Имено според подносителот, поаѓајќи од фактот што обезбедување на лица и имот вршат правни лица – Агенции за обезбедување регистрирани за вршење на таа дејност во вид на давање на услуги со вметнувањето на обврската Агенцијата да поседува две деловни простории во нивна сопственост ќе има ефект на згаснување на агенциите за обезбедување бидејќи е јасно дека не можат да го исполнат овој услов за купување на две деловни простории имајќи ја предвид пазарната вредност на деловниот простор.
Понатаму, подносителот наведува дека поради неможност агенциите да обезбедат две деловни простории во сопственост, реално е да се очекува нивно згаснување, а со тоа по автоматизам ќе згасне и комората во која се тие членки на кој начин се доведува во прашање слободата на здружувањето.
Оттаму, според подносителот целта на кој и да е закон за обезбедување на лица и имот во едно демократско општество секогаш е создавање на услови за остварување на слободата на пазарот и претприемништовото и слободата на здружување во комора, а не за нивно ограничување, преку утврдување на нереални услови во поглед на обезбедување на две деловни простории во нивна сопственост.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 5 став 1 од Законот за обезбедување на лица и имот е предвидено дека правно лице кое дејноста на обезбедување на лица и имот ја врши во вид на давање на услуги се стекнува со право за вршење на дејноста со упис во трговскиот регистар.
Според став 2 на овој член, за уписот од став 1 на овој член покрај условите предвидени со прописите за упис во трговскиот регистар, потребно е правното лице да има најмалку десет лица кои имаат лиценца за работа, дозвола за работа од Министерството за внатрешни работи, како и две деловни простории и две превозни средства во сопственост на правно лице” .
4. Во член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони.
Од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регуларот на економските текови во стопанството.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби наспрема оспорениот дел на член 5 став 2 од Законот според кој правните лица за вршење на дејност обезбедување на имот и лица мора во сопственост да имаат две деловни простории и две превозни средства, со основ се поставува прашањето дали е во согласност со Уставот, државата во сферата на економските односи кои се сведуваат на потикнување на економски напредок на земјата и тоа преку гарантирање на слободата на пазарот и претприемништвото, како и преземање на мерки против монополската положба и однесувањето на правните субјекти, со закон да пропишува услови кои во суштина значат ограничување на дејноста обезбедување на лица и имот да можат да ја вршат правните субјекти кои се условуваат да имаат во сопственост две простории и две возила.
Имено според мислење на Судот во конкретниов случај се поставува прашањето дали предвидените услови за вршење на наведената дејност не значи создавање на нормативна основа за нееднаква правна положба на субјектите на пазарот во вршењето на една дејност.
Со оглед на изнесеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.269/2007
9 април 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски