Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план за Урбан блок 54 во Тетово бр.07-1673/6 донесена од Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.9/2004 од 26 ноември 2004 година)
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот со кој се бара поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. Зоран Филиповски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение.
Според наводите од иницијативата и појаснувањето на иницијативата, со оспорената одлука, се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и членот 72 став 1 од Законот за денацио-нализација. Имено, наведената законска одредба имала заштитна функција по однос на имотите што биле предмет на постапката на денационализација и тоа на начин што забранувала располагање со таквиот имот и не дозволувала искористување на имотот на начин што би создал обврски за барателот на денационализацијата. Врз основа на така создадената одредба се создале услови за нормативно остварување на правото на денационализација и обврска за сите корисници да се воздржат од било какво располагање со тие имоти.
Меѓутоа, практиката го наметнала прашањето дали со усво-јувањето на новите детални решенија, како што е оспорената одлука, се правело соодветно располагање во смисла на членот 72 став 1 од Законот за денационализација. Ова од причина што располагањето ја опфаќало и забраната за менување на правниот статус, односно правниот режим на предметот на денационализација од страна на општините во постапката за планирање.
Со оглед на тоа што Законот морал да биде еднообразен за секого и еднакво да важи, подносителот на иницијативата смета дека општините требало да се воздржуваат од усвојување на нови или измена на постојните урбанистички планови, бидејќи во спротивно тоа значело своевидно располагање со таквите имоти кое ги ставало правните субјекти во нееднаква положба во поглед на правилната примена на одребите од Законот. Едни субјекти биле неправедно оштетени, а на други им се создавале услови за остварување на екстра права од Законот за денационализација. Притоа, во конкретниот случај со оспорената одлука се усвоила измена на Деталниот план и по однос на дел од парцела која веќе била предмет на рализиран урбанистички план, а со новото решение се опфаќал слободен дел од постоечката градежна парцела, но намената и натаму останувала иста, градба на колективна станбена зграда. Практично се формирала нова градежна парцела со нови мери и граници, нови површини, но истовремено се менувал статусот на земјиштето во градежно неизградено земјиште, со што се создавале услови преку примената на членот 28 став 1 точка 2 од Законот за денационализација сега наместо градежно изградено земјиште (статус пред усвојување на одлуката) предмет на денацио-нализација да биде градежно неизградено земјиште. Практичен пример била постапката по предметот за денационализација ДН.бр.19-501. Оттаму, подносителот на иницијативата, покрај другото, имал за цел да укаже и на оконоста дека преку оспорената одлука се вршела злоупотреба на членот 72 став 1 од Законот за денационализација.
4. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година, донел Одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово.
Со оваа одлука се усвојува Деталниот урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово ограничен со улиците “Јане Сандански”, “Маршал Тито”, “Б.Тоска” и “ЈНА”. Во членот 2 од Одлуката е предви-дено дека составен дел на оваа одлука е техничката документација бр.06/02, изработена од ДОО “Теплан”-Тетово, кој не се објавува, а два примероци се чуваат во Министерството за транспорт и врски ПЕ Тетово и два примероци во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина, сообраќај и патишта и комунални дејности. Според член 3 од Одлуката таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Според членот 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1998, 31/2000, 42/2003 и 44/2007), со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денаци-онализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот. Правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со став 1 на овој член се ништовни ако барањето за денационализација е поднесено во рок од 5 години од денот на влегување во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година.
Во конкретниот случај, врз основа на извршениот увид во списите по предметите У.бр.217/2004 и У.бр.90/2005 и доставеното Решение ДН.број 19-500/1 се утврди дека постапката за денацио-нализација започнала со поднесено барање за денационализација од 12 ноември 2002 година, потоа е донесена оспорената Одлука за измена и допонување на Деталниот урбанистички план (24 ноември 2004 година), по што следува правосилноста на решението за денационализација (27 септември 2006 година).
Од увидот во списите по наведените предмети се утврди дека со Решение У.бр.217/2004 од 23 март 2005 година Судот не повел постапка за оценување на законитоста на Деталниот урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово бр.07-1673/6 донесен од Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година, бидејќи оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Со Решение У.бр.90/2005 од 6 јули 2005 година, Судот ја отрфлил иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на истата одлука, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, бидејќи утврдил дека ја оценувал оспорената одлука за донесување на Деталниот урбани-стички план во однос на постапката за нејзиното донесување, а по повод новата иницијатива и причините за нејзиното оспорување немало основи за поинакво одлучување.
Врз основа на анализата на членот 64 од Законот за денационализација (член 72 од пречистениот текст на Законот), Судот оцени дека во него не произлегува забрана за просторно и урбани-стичко планирање, односно за донесување или измена на урбанистички планови по влегувањето во сила на овој закон, како што смета подносителот на иницијативата. Ова од причина што деталниот урбанистички план, како и другите планови утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, по својот карактер и содржина не претставува акт, односно правно дело во смисла на членот 64 од Законот за денационализација со кој се врши располагање со градежното земјиште, што според овој член од Законот по неговото влегување во сила не е дозволено. Исто така, постапката за донесу-вање и изменување на урбанистичките планови од која произлегла оспорената одлука и постапката за враќање на имотот кој е предмет на денационализација, согласно Законот за денационализација, се две суштински различни постапки кои една со друга не се исклучуваат, ниту пак Законот упатува на тоа.
Оттука, имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека Законот за денационализација воопшто не уредува прашања во врска со постапката за донесување на просторни и урбанистички планови со кои се врши планирање на просторот, а со тоа и во врска со одлуките кои произлегуваат од ваков вид постапка, Судот оцени дека овој закон е ирелевантен за оценување на законитоста на оспорената одлука од аспект на постапката во која таа е донесена, па од тие причини и не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 64 од Законот за денационализација, во однос на кој се оспорува со оваа иницијатива.
Во контекст на напред наведено произлегува и дека со оспорената Одлука не се доведува во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал законитоста на оспорената одлука во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање во постапката по предметот У.бр.217/2004 и не постојат основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива од аспект на согласноста со членот 64 од Законот за денационализација, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во делот во кој се бара оценување на законитоста.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.217/2007
9 април 2008 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски