263/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3, 71 и 78 став 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТРФЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Основниот Закон за искористувањето на селскостопанското земјиште („Службен лист на ФНРЈ„ бр.43/1959 и 53/1962 и „Службен лист на СФРЈ„ бр.10/1965-пречистен текст, бр.25/1965 и 12/1967).

2. Ова решение да се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Бранко Скеднеровски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот Закон бил донесен во 1959 година во периодот на федеративно уредена заедница, во чиј состав била и Социјалистичка Република Македонија. Нејзиниот уставен поредок се засновал на сосема поинакви политички и економски основи од сегашните, од каде оспорениот закон не соодветствувал на уставниот поредок воспоставен со Уставот на Република Македонија. Покрај овој факт, судовите се уште во своите пресуди го применувале оспорениот Закон и оспорениот член 47 од Законот за измени и дополненија на Основниот Закон за искористување на селскостопанско земјиште („Службен лист на СФРЈ“ бр.12/1967). Ова можело да се види и од пресудата на Основниот суд Берово П.бр.84/2004 од 21 октомври 2004, потврдена со пресуда на Апела-циониот суд Штип Гж.бр.1492/2005 од 20 септември 2005 година што се прилагаат кон иницијативата. Потоа се укажува на содржината на членовите 112 став 1 и 156 од Законот за сопственост и други стварни права, според кои одредби правото на поднесување на тужба за поврат на индивидуално определена ствар од држателот не застарувало.

Оттаму, оспорениот Закон и посебно оспорената одредба ги повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека, Основниот Закон за искористувањето на селскостопанското земјиште бил донесен во 1959 година и за време на своето постоење во правниот поредок претрпел измени и дополнувања во 1962, 1965 и 1967 година.

Во посебно оспорениот член 47 од Законот за измени и дополненија на Основниот Закон за искористување на селскостопанско земјиште од 1967 година, било предвидено дека:

„Земјиште на кое постои право на сопственост а кое сопственикот не го обработувал ниту за тоа земјиште плаќал обврски спрема општествената заедница-десет или повеќе години до денот на влегувањето во сила на овој закон, туку за тоа време земјиштето го користел без договор со сопственикот на работната организација или општествено-политичката заедница преминува во општествена сопственост ако сопственикот на земјиштето за тоа време не поднел тужба за признавање на своето право на сопственост на тоа земјиште или тужба за надоместок за користење на земјиштето“.

5. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај оспорениот Основен Закон за искори-стувањето на селскостопанското земјиште не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

Имено, во членот 16 точка 7 од Уставниот закон за спрове-дување на Уставот на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.7/1974) било предвидено до донесување на соодветен републички закон Основниот Закон за искористувањето на селскостопанското земјиште да се применува како републички закон. Во случајот тој соодветен закон е Законот за користење на земјоделското земјиште („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија бр.40/1976 година), кој влегол во сила на 16 декември 1976 година.

Од анализата на одредбите на наведениот закон произлегува дека во него не е содржана изречна одредба за престанок на важење на сега оспорениот Основен закон за искористување на селскостопанското земјиште. Меѓутоа, споредувајќи ја содржината на двата наведени закони, особено нивните општи одредби, произлегува дека се однесуваат на иста правна проблематика, од каде со влегување во сила на Законот за користење на земјоделското земјиште, односно од 16 декември 1976 година, оспорениот основен закон, а заедно со него и посебно оспорената одредба повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија.

Според тоа, престанокот на важење на оспорениот закон преставува процесна пречка за одлучување на Судот за уставноста на Законот и посебно оспорената одредба и како такви не можат да бидат предмет на уставносудска оцена, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Судот на седницата, исто така, утврди дека отсуството на изречна одредба за престанок на важење на оспорениот закон довела до тоа истиот се уште да биде евидентиран во регистарот на правни прописи како важечки.

Поради вака утврдениот неспорен факт Судот оцени дека, согласно член 78 став 3 од Деловникот, се исполнети условите за објавување на донесеното решение во „Службен весник на Република Македонија“, а со цел евидентирање на престанокот на важење од страна на надлежните институции и заинтересираните лица.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.263/2007
9 април 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски