55/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 102 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003).

2. Љупчо Котевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 102 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијтивата оспорениот член 102 од Законот за облигационите односи бил во спротивност со член 81 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија т.е. со член 24 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и правното дејство на неговите одлуки, кој престанал да важи. Ова тврдење го темели на пресудата на Врховниот суд на Република Македонија донесена на 15 декември 2007 година под бр.ГЗЗ.15/2007 година, во која тој суд се повикувал на член 24 од означениот закон, кој пак бил идентичен со член 81 од Деловникот на Судот. Според подносителот на иницијативата од оваа пресуда на Врховниот суд, можело да се заклучи дека доколку определен закон или друг пропис бил предмет на оценување пред Уставниот суд и Судот го укине тој пропис, тогаш секој чие право било повредно со тој акт имал право само во рок од 6 месеци да бара од надлежниот орган да се отстранат последиците од тој акт, а додека тој акт не бил оценуван од Уставниот суд, тогаш важел и се применувал член 102 од Законот за облигационите односи според кој не постоела застареност за отстранување на последиците.

Со оглед на тоа што член 102 од Законот за облигационите односи и член 81 од Деловникот, биле во меѓусебна колизија и предизвикувале големи проблеми во правниот систем, во иницијативата подносителот предлага бришење или усогласување на член 102 од Законот за облигационите односи со Уставот и со другите закони на Република Македонија.

Во дополнувањето на иницијативата, по барање на Судот,се наведува дека оспорениот член 102 од Законот „е во спротивност, односно тотално е дерогиран со член 81 од Деловникот на Уставниот суд …“ и дека „во поширока смисла членот 102 од Законот е во спротивност со членовите 8 алинеја 1 и 3, член 9, член 51, член 98 и член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија“. Подносителот на иницијативата во нејзиното дополнување наместо да ги изнесе причините поради кои оспорениот член смета дека е во спротивност со наведените членови од Уставот, тој повторно се осврнува на истиот заклучок изнесен во првичната иницијатива, а кој го темели на сопственото толкување на член 102 од Законот vis a vis пресудата на Врховниот суд на Република Македонија и другата документација приложена кон иницијативата.

Од увидот во приложената документација произлегува дека непосреден повод и причина за поднесување на оваа иницијтива се пресудите на надлежните судови донесени во спорот кој подносителот го водел против Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија за утврдување на два договора за здружување на средства за доделување на деловен простор под закуп за ништовни.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 102 од Законот за облигационите односи правото на истакнување на ништавноста не се гаси.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијатиата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и од содржината на иницијативата со која членот 102 од Законот за облигациони односи во суштина се оспорува од аспект на неговата неусогласеност со членот 81 од Деловникот на Уставниот суд и од аспект на примената на член 24 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд и за правното дејство на неговите одлуки (кој престанал да важи) од страна на судовите кои одлучувале во спорот на подносителот на иницијативата, Судот утврди дека според член 110 од Уставот за вака поставеното барање во иницијативата не е надлежен да одлучува и поради тоа согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, одлучи истата да ја отфрли.

Со оглед на фактот што во иницијативата, или поточно во нејзиното дополнување, се содржани само членови од Уставот, а не и конкретни и јасни причини и аргументи поради кои оспорената законска одредба е во несогласност со секој од наведените членови на Уставот, Судот одлучи иницијативата да ја отфрли и поради постоење на други процесни пречки за одлучување во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.55/2008
2 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски