Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 април 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 во делот „и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас“ и член 5 од Одлуката за утврдување надоместоци за обезбедување финансиски средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Прилеп („Службен гласник на општина Прилеп“ бр. 9/2006 и 13/2007), донесена од Советот на општина Прилеп.
2. Електростопанство на Македонија, АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија – Скопје („ЕВН“) и „Македонски телекомуникации“, АД за телекомуникации – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативите со оспорената одлука се предвидувало плаќање на надоместок не само за инсталациите кои требале да се поставуваат во трупот на патот и патниот појас, по влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Одлуката, односно по 14 јули 2007 година, туку и за веќе поставени инсталации од претходен период, поради што оспорената одлука предвидувала ретроактивно дејство спротивно на членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
Потоа, во членот 3 став 1 и членот 5 од оспорената одлука било предвидено дека надоместокот се плаќал на годишно ниво, меѓутоа тоа било спротивно на членот 96 од Законот за јавни патишта каде било утврдено дека надоместокот се однесувал за еднократно плаќање за поставување на инсталации, а не да се пресметува и наплатува надоместок секоја година како да е во прашање закупнина или рента и надоместокот да се претвара во долготраен закуп. Воедно, столбовите не можеле да се сметаат за инсталација, и за нив да се бара надоместок, како во Одлуката.
Со иницијативата се истакнува прашањето на службеноста и се цитира членот 70 став 1 од Законот за јавните патишта, меѓутоа целиот член 70 е изменет со измените и дополнувањата на Законот во 2002 година, во кој не се регулира стекнувањето на службеноста на јавните патишта. Понатаму, висината на надоместокот за инсталациите во трупот на патот и патниот појас била определена во оспорената одлука (член 5), без било какви критериуми и ова прашање било препуштено да го определува општината, а на територијата на Република Македонија имало одлуки на различни општини кои по прашањето за висината на надоместокот во голема мера се разликувале.
Од изнесениве причини, според иницијативите, за оспорените одредби од Одлуката се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, како несогласни со членовите 8, 52 став 4 и 55 од Уставот, и членовите 70 став 1 и 96 од Законот за јавните патишта, а со иницијативата на АД „Македонски телекомуникации“ воедно се бара Судот да донесе решение за запирање на извршување на актите и дејствијата донесени, односно преземени врз основа на оспорената Одлука, до конечното одлучување на Судот, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 став 1 од Одлуката, за поставување на натписи, реклами и слично во заштитниот појас и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас, на локалниот пат се плаќа надоместок и тоа: за големина до 0,5 м2 – 2000 денари годишно, за големина од 0,5 до 1 м2 – 4000 денари годишно, за големина од 1 до 3 м2 – 7000 денари годишно и за големина преку 3 м2 – 15000 денари годишно“.
Според член 5 од Одлука:
„Како инсталации кои се поставуваат и се поставени во трупот на патот и во патниот појас на локалните патишта и улици се сметаат:
– подземни водоводи – инсталации, кои се вкопуваат во трупот на патот и на патниот појас, и
– надземни водоводи – инсталации и столбови потребни за водење на воздушни инсталации.
Надоместокот за поставување и поставени подземни водови – инсталации во трупот на патот и во патниот појас изнесува 30 денари годишни за 1м должен поставена инсталација.
Надоместокот за поставените и новопоставени надземни водови – инсталации изнесува 60 денари годишно за 1 метар должен поставена инсталација, како и за секој столб по 1000,00 денари годишно.
Надоместокот со условите и начинот од кој можат да се поставуваат истите, го одредува надлежен орган на Општината со издавање на согласност по претходно доставен проект и склучен договор“.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Во делот VII „Заштита на јавните патишта“ од Законот за јавните патишта, со членот 70 став 1 е предвидено дека телефонски, телеграфски и други кабловски водови, нисконапонски електрични водови, односно водови за напојување, канализација, водоводи, топловоди и други слични уреди можат да се поставуваат на јавен пат и во неговиот заштитен појас по поднесеното барање и само под услови и на начин утврдени во согласноста што ја издава Фондот за јавни патишта, а за локалните патишта и улици – општината, односно градот Скопје.
Во делот VIII „Финансирање на јавните патишта“ од Законот, со членот 96 е предвидено дека: „Финансиските средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на јавните патишта се обезбедуваат од:
1. Трансфери од Буџетот на Република Македонија (делот од акцизата од деривати од нафта);
2. Надоместок за употреба на јавните патишта (патна такса) за моторни и приклучни возила,
3. Надоместокот за употреба на автопат или магистрален пат, нивен дел или објект на патот (автопатска такса),
4. Надоместок за вонреден превоз,
5. Надоместок за поставување натписи во заштитниот појас,
6. Надоместок за приклучување на пристапен пат на јавен пат,
7. Надоместок за поставување на инсталации во трупот на патот и во патниот појас,
8. Надоместок за изградба и користење на комерцијални објекти на кои е дозволен пристап на јавен пат надвор од населено место,
9. Закуп на одредени делови од патниот појас и друго земјиште кое припаѓа на јавниот пат,
10. Надоместоци за штета сторена на патот и објектите на патот,
11. Средства од Буџетот на Републиката, единиците на локалната самоуправа, претпријатија, месни заедници и други правни и физички лица,
12. Заеми и кредити,
13. Други приходи“.
Според членот 104 и членот 105 ставови 5 и 6 од Законот, висината на надоместоците утврдени во член 96 точките 4, 5, 6, 7, 8 и 9 на овој закон за магистралните и регионалните патишта ја утврдува Владата на Република Македонија и се нејзин приход, а висината на надоместоците предвидени во истите точки од наведениот член на Законот, за локалните патишта и улици ја утврдува општината, односно градот Скопје и се нивен приход.
Меѓутоа, за закупот кој е предвиден во точката 9 од членот 96 од Законот, посебно е уредено дека висината на закупнината ја определува трочлена комисија (со претставници од Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и јавното претпријатие за патишта) – за магистрални и регионални патишта, и комисија (со претставници на надлежен орган на општината, Министерството за внатрешни работи и организацијата која го одржува локалниот пат односно улица) – за локални патишта и улици. Оттука, прашањето за определување на висината на закупот е посебно уредено, и се разликува од надоместоците по другите основи наведени во точките од членот 96 од Законот.
Од изнесеново произлегува дека Законот ја утврдил обврската за надомест и со Законот е дадено овластување на Владата и на општините, односно градот Скопје, да ја определуваат висината на давачките предвидени во 13-те точки на членот 96 од Законот, со цел обезбедување финансиски средства за финансирање на јавните патишта.
Судот оцени дека поаѓајќи од овластувањето во членот 104 од Законот за јавните патишта, Советот на општина Прилеп ја донел Одлуката за утврдување надоместоци за обезбедување финансиски средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Прилеп, односно постои законски основ за нејзино донесување.
Според членот 3 точка 12 од Законот, „патен појас“ е земјен појас од две страни на трупот на патот (во широчина од најмалку 1 м. од двете страни – член 7). Според точката 13 од наведениот член од Законот, „заштитен појас“ е земјен појас од двете страни на патниот појас во кој не можат да се градат објекти (согласно прописите за техничките елементи за проектирање и градење на јавните патишта и улици – член 34 став 3). Според точката 14 од наведениот член од Законот, „труп на пат“ е конструктивен елемент што го сочинуваат горниот и долниот строј на патот“.
Во членот 96 точката 5 од Законот, е предвидено дека финансиските средства се обезбедуваат и од „надоместокот за поставување натписи во заштитниот појас“, а наспроти ова со членот 3 став 1 од оспорената одлука се определува дека за поставување на натписи, реклами и слично во заштитниот појас и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас се плаќа надоместок во висина која е определена и на начин како што е тоа предвидено во одредбата од Одлуката.
Со оглед на тоа што со наведената одредба од Одлуката се излегува надвор од утврденото во наведената одредба од Законот, односно е уредено дека надоместокот се обезбедува и од поставување натписи, реклами и слично, не само во заштитниот појас на патот како што предвидел Законот, туку и во трупот на патот и патниот појас што не е предвидено во Законот, членот 3 став 1 во делот „и на столбовите поставени во трупот на патот и во патниот појас“ од Одлуката е надвор од рамките утврдени со Законот, споrед што пред Судот основано се постави прашањето на неговата законитост. Во контекст на изнесеното неспорно е дека со Законот се дозволува обезбедување на надоместок за натписи и реклами поставени само во заштитниот појас, без оглед дали се тие поставени на столбови или на друг начин во рамки на безбедносни стандарди утврдени со Законот и од овој аспект за оценување на законитоста основно е каде на јавниот пат се поставени рекламите, во заштитниот појас или на друг дел од патот.
Понатаму, тргнувајќи од анализата на членот 5 од оспорената Одлука во која се дефинира што претставуваат инсталациите кои се поставуваат и се поставени во трупот на патот и во патниот појас на локалните патишта и улици, а потоа се уредува висината на надоместокот, и тоа 30 денари годишно за 1 м. должен поставена инсталација за подземни водови, како и 60 денари годишно за 1 м. должен поставена инсталација за надземни водови и 1000,00 денари годишно за секој столб, а надоместокот што ќе се наплатува се однесува за нови инсталации кои ќе се поставуваат како и за веќе поставени и дека надоместокот ќе се наплатува по влегување во сила на оспорената одлука, и во однос на ова прашање за Судот не е спорно дека надоместокот е обврска воспоставена по влегување во сила на Одлуката. Имено, со Одлуката не е уредено повратно дејство спротивно на членот 52 став 4 од Уставот, како што се наведува во иницијативите, со оглед на тоа што обврската важи за период по влегување во сила на Одлуката со која е воведено плаќањето.
Со членот 70 ставови 1 и 2 од Законот за јавните патишта веќе се дефинирани инсталациите, и според овие одредби тоа се телефонски, телеграфски и други кабловски водови, нисконапонски електрични водови, односно водови за напојување, канализација, водоводи, топловоди и други слични уреди кои можат да се поставуваат на јавен пат и во неговиот заштитен појас по поднесеното барање и само под услови и на начин утврдени во согласноста што ја издава Фондот за јавни патишта, а за локалните патишта и улици – општината, односно градот Скопје. Органот може да побара од управувачот на инсталациите и уредите од ставот 1 на овој член да ги преуреди или премести кога тоа е потребно заради обновување или реконструкција на јавниот пат или заради спроведување на мерки за заштита на патот и сообраќајот.
Притоа, треба да се има предвид дека согласноста што ја издава органот, согласно членот 70 од Законот, се однесува на условите и начинот утврдени за поставувањето на инсталациите, а за определувањето на надоместоците на инсталациите Советот на општината е должен со подзаконскиот акт да ги доуредува прашањата во рамки на Законот, што конкретно не е случај со оспорените одредби од Одлуката, со кои ги надминал овластувањата утврдени со законот.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 3 став 1 од Одлуката, а имајќи предвид дека со членот 70 од Законот е дефинирано што се сметаат за уреди кои претставуваат инсталации на јавните патишта, а со оспорениот член 5 од Одлуката ова прашање повторно се уредува и поинаку се дефинира правејќи поделба на подземни и надземни водови и столбови, како и поради тоа што во членот 96 точка 7 од Законот е јасно определено дека надоместокот се плаќа за поставување, што значи еднократно, на сите инсталации во трупот на патот и патниот појас, а не континуирано плаќање за еднаш поставените инсталации, како што неосновано со членот 5 од Одлуката се уредува прашањето за плаќање на надоместокот, сшоред Судот за оспорените одредби од Одлуката основано може да се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, како и со членовите 70 и 96 од Законот за јавни патишта.
Судот, исто така оцени дека не се настапени услови, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорената одлука, на што се однесува барањето во иницијативата на АД „Македонски телекомуникации“.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.212/2007
2 април 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски