222/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 60 став 4 алинеја 1, член 70 став 3 алинеја 1 и член 73 став 2 алинеја 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/2002, 51/2003, 85/2003, 40/2004, 61/2005 и 129/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 60 став 4 алинеја 1, член 70 став 3 алинеја 1 и член 73 став 2 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата по цитирањето на оспорените членови наведува дека тие не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4; 9; 13 став 1; 14 став 1; 23; 25; 51 и 54 став 1 од Уставот затоа што со нив се ораничувале правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапувала по сила на закон, а не како казна (забрана) што ја изрекувал судот во рамките на видовите на кривичната санкција. Освен тоа, се вршело ограничување на правата на граѓаните без да се има уставна основа за тоа. Во оспорените одредби не биле конкретно наведени кривичните дела ниту изречените казни за нив. Овој недостаток на оспорените законски одредби, дозволувал целосна дискреција при одлучување за ова прашање, при што поединецот не бил заштитен од самоволно отповикување, дури и во случај кога кривичното дело не било во никаква врска со наведените функциии,од причина што оспорените одредби биле недоволно прецизни и јасни и не се обезбедувала правна сигурност на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 60 став 4 алинеја 1, член 70 став 3 алинеја 1 и член 73 став 2 алинеја 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2002) е предвидено дека член на советот на Народната банка, гувернерот на Народната банка и вицегувернерот на Народната банка може да биде отповикан во случај кога е осуден за кривично дело.

Судот во натамошната постапка утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2003), оспорените членови 60 став 4 алинеја 1, 70 став 3 алинеја 1 и 73 став 2 алинеја 1 содржински се променети и во нив е утврдено дека член на Советот на Народната банка, гувернер и вицегувернер може да биде отповикан во случај кога е осуден за кривично дело со казна затвор и тоа:

а) Во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржување на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години, и

б) Во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржување на казната и десет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби утврдената фактичка состојба, како и наводите во иницијативата со кои подносителот на иницијативата оспорува одредби од Законот кои престанале да важат, односно нивната содржина е суштински изменета и покрај фактот што тоа му е укажано по предметот У.бр.205/2005, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.222/2007
26 март 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски