211/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).

2. Петре Илиевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 8 од Законот се давала привилегија само на Поштенската банка да ги врши набројаните активности во алинеите 1, 2 и 3 со што се овозможувала монополска положба и однесување на пазарот. Притоа, мотивите за донесување на оспорената одредба се согледувале во содржината на членот 9 од Законот, според кој Република Македонија имала златна акција во Поштенската банка и со тоа одлучувачко право на глас по конкретни прашања. Оттаму, тоа што Република Македонија имала златна акција во Поштенската банка не и давало и право да го нарушува уставниот принцип на слободата на пазарот и претприемништвото. Ако се имало предвид дека Републиката имала обврска, која извирала од Уставот, да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на паз арот тогаш не смеела ниту за себе ни за други субјекти на пазарот да ги крши уставните принципи за владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото. Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека единствената причина за донесување на оспорената одредба е поседувањето на златната акција, која од страна на Република Македонија секогаш можела да биде продадена пришто Поштенската банка и понатаму, како свој монопол, би ги вршела активностите од оспорениот член од Законот. Потоа, во иницијативата се цитира членот 55 од Уставот, кој предвидел кога може да се ограничи пазарот и претприемништвото.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека членот 8 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеа 3 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 8 од Законот за банките, Поштенската банка, покрај финансиските активности од членот 7 на овој закон, ги врши и следниве активности:
– пресметување и контрола на уплатите и исплатите на поштенските и телеграфските упатнички дознаки во внатрешниот платен промет;
– меѓународна упатничка, поштенско-чековна, поштенско-штедна и откупна служба и
– наплата на хартии од вредност во други земји, во согласност со актот на Светскиот поштенски сојуз за наплата на хартии од вредност.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставн иот поредок на Република Македонија.

Според членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Според членот 2 точка 2 од Законот, “Поштенска банка” е правно лице во Република Македонија основано согласно со одредбите од овој закон, при што еден од акционерите задолжително мора да биде Јавното претпријатие Македонски пошти или неговиот правен следбеник.

Во главата II со наслов:„ Финансиски активности“, меѓу другите се содржани членот 7, оспорениот член 8 и членот 9 од Законот, како одредби што имаат допирни точки со проблематиката што ја третира иницијативата.

Во членот 7 став 1 од Законот, во 23 точки децидно се наведени активностите што може да ги вршат банките.

Во оспорениот членот 8 став 2 од Законот е определено кои активности, покрај наведените во членот 7 од Законот, ги врши Поштенската банка.

Според членот 9 од Законот, Република Македонија има златна акција во Поштенската банка (став 1). Во случај на приватизација на најмалку 51% од капиталот на Јавното претпријатие “Македонски пошти”, Република Македонија го задржува правото од златната акција за период од 12 месеци по приватиза цијата (став 2).

Според ставот 3 од истиот член од Законот, златната акција на Владата на Република Македонија и дава одлучувачко право на глас по следниве прашања:
1) промена на сопственоста во Поштенската банка;
2) спојување, поделба и престанување со работење на Поштенската банка;
3) котирање на акциите на Поштенската банка на берзата на долгорочни хартии од вредност;
4) преземање на обврски за сметка на Поштенската банка што надминуваат 10% од сопствените средства на Поштенската банка;
5) основање на делови на Поштенската банка во странство;
6) вложувања во странство и
7) инвестиционата политика на Поштенската банка.

Тргнувајќи од целината на одредбите од Законот за банките, банките на Република Македонија, според делокругот на своето работење, претставуваат банки од универзален тип. Еден од исклучоците е Поштенска банка, заради специфичниот карактер на активностите што ги врши, покрај редовните банкарски активности. Имено, Поштенската банка, покрај традиционалните банкарски работи врши и финансиските трансакции поврзани со поштенските активности. Таа е правен субјект основан со трансформација на Поштенската штедилница а.д. Скопје, согласно одредбите на Законот за банки, кој престана да важи, при што еден од основачите задолжително е Македонска пошта или неговиот правен следбеник (член 2 точка 2 од Законот). Поштенската банка, покрај работите што ги вршат останатите банки (член 7), ги врши и активностите определени во оспорениот член 8 од Законот.
Оттаму, неспорно е дека само Поштенска та банка ги презема специфичните активности поврзани со банкарско-поштенскиот сообраќај, во име и за сметка на основачот Македонска пошта, односно за неговите потреби и друг таков банкарски субјект на финансискиот пазар на Република Македонија во овој момент не постои. Активностите поврзани со поштенскиот сообраќај не се основни финансиски активности на банките, туку специфични активности што ги врши само Поштенската банка за потребите на основачот Македонска пошта од каде таа не е конкуретна на останатите банки од универзален тип. Ова, според оцена на Судот е рационално и економски оправдано законско решение, бидејќи во спротивно основачот Македонска пошта би бил принуден специфичните активности поврзани со поштенското работење да ги врши преку универзалните банки за што секако би бил изложен на трошоци, што во крајна линија би ја зголемило и цената на услугата што им ја дава на клиентите.

Ваквото законско решение, исто така, не содржи нормирање во насока што ги обврзува корисниците на специфичните активности нив да ги остварат исклучиво во мрежата на Поштенската банка, од каде и не може да се согледа монополска положба на начин како што се тврди во иницијативата, туку напротив тие имаат слобода по сопствено наоѓање да одберат преку кој банкарски субјект ќе ја реализираат бараната услуга.

Понатаму, за да се добие одговор на прашањето за какви специфични активности станува збор треба да се има предвид дека тие произлегуваат од потребата одредени поштенски активности да се извршат по банкарски пат. Прит оа, поблиско определување на специфичните активности од оспорениот член 8 алинеи 1 и 2 од Законот за банките е содржано во содржината на членот 3 алинеи 3 и 18 од Законот за поштенските услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008), според кој изразот: “книжени поштенски пратки“, меѓу другото, подразбира вредносни поштенски пратки, како и поштенски парични упатници и телематски парични упатници, а изразот: „поштенска и телематска упатница“ подразбира поштенска пратка која служи како основа за исплаќање на паричниот износ на примачот.

Потоа, треба да се има предвид и наплата на хартии од вредност во други земји како активност што се презема во согласност со актот на Светскиот поштенски сојуз за наплата на хартии од вредност, согласно оспорениот член 8 алинеја 3 од Законот за банките.

Имено, Република Македонија од 1993 година е рамноправна членка на Светскиот поштенски сојуз, (најстариот облик на мултилатерална соработка во светот), меѓународна организација за координација на поштенските услуги и обезбедување светска поштенска мрежа за проток на поштенски услуги, како специјализирана агенција на ООН.

Оттаму, наплатата на хартии од вредност во други земји како специфична активност што ја врши Поштенската банка се одвива според акти, правила и стандарди кои произлегуваат од членството на Република Македонија во Светскиот поштенски сојуз.

Понатаму, сметано од 18 јануари 2008 година, кога влезе во сила Законот за поштенските услуги, отворен е патот за постепена контролирана либерализација на паза рот на поштенски услиги, според чија динамика (член 31 став 5 од Законот) сегашната А.Д. Македонска пошта постепено ќе го губи приматот на вршител на резервирани поштенски ускуги (член 31 став 1 од Законот), заклучно со 1 јануари 2012 година. Меѓутоа, во исто време А.Д.Македонска пошта, според член 4 став 2 од Законот е единствениот поштенски оператор што обезбедува универзална поштенска услуга на територијата на Република Македонија во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај.

Оттаму, законодавецот, во функција на обезбедување на непречено функционирање на спецификите на банарскиот систем основано оценил дека е целисходно, во дадените услови, само Поштенската банка, како банка основана од Македонска пошта, чиј пак основач е Владата на Република Македонија да може да ги врши специфичните банкарски активности за својот основач. Ова особено што според член 4 став 1 од Законот за поштенските услуги обезбедувањето на универзалната поштенска услуга, издавањето на поштенските марки и поштенските вредносници, изградбата и одржувањето и работата на јавната поштенска мрежа и придружната инфраструктура се работи од јавен интерес што ги врши А.Д.Македонска пошта во државна сопственост. Според тоа произлегува дека со ваквата одредба, законодавецот всушност го определил начинот на остварување на јавниот интерес, со што не се повредуваат владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според наведеното произлегува дека зако нодавецот има слобода да утврди правен режим кој ќе го одржува балансот на сложените банкарскопоштенски услуги во услови на слобода на пазарот и претприемништвото поради што се определил истите да ги врши токму Поштенската банка, која е основана со Законот за банките.

Исто така, од значење е фактот што т.н. златна акција, дефинирана во членот 9 од Законот за банките е настаната како резултат на приватизација на компаниите во државна соственост и губење на мнозинскиот државен капитал, како финансиски инструмент на современото акционерско право кој треба да обезбеди заштита од секундарната продажба на приватизираните претпријатија на „непожелни“ сопственици особено во областите што се дефинирани како вршење на работи од јавен интерес или работи што се од стратешко значење за државата се со цел да не настанат несакани и непоправливи нарушувања.

Имено, Република Македонија има златна акција во Поштенската банка и тоа и дава одлучувачко право на глас во Собранието на банката. Во случај на приватизација на најмалку 51% од капиталот на јавно претпријатие “ Македонска пошта“, Република Македонија го задржува правото на златна акција за период од 12 месеци по приватизација. Според ставот 3 од членот 9 од Законот, златната акција на Владата на Република Македонија и дава одлучувачко право на глас по однос на повеќе прашања како што се: промена на сопственоста во Поштенската банка; спојување, поделба и престанување со работење на Поштенската банка; котирање на акциите на Поштенската банка на берзата на долгорочни х артии од вредност; преземање на обврски за сметка на Поштенската банка што надминуваат 10% од сопствените средства на Поштенската банка; основање на делови на Поштенската банка во странство; вложувања во странство и инвестиционата политика на Поштенската банка.

Оттаму, тоа што врз основа на членот 9 од Законот Република Македонија има златна акција во Поштенската банка не е со цел Поштенската банка по продажбата на Македонска пошта да остане да делува како единствена банка што ги врши наведените специфични активности, како што погрешно смета подносителот на иницјативата. Ова е со цел да се вршат контролирани промени на карактеристичниот субјект на банкарскиот пазар во специфичните активности што ги врши.

Во оној момент кога државата, преку законодавецот ќе оцени дека нема да има потреба од посебен правен режим кој ќе го одржува стабилен банкарско-поштенскиот пазар повеќе нема да има потреба од вршење на специфичните банкарско-поштенски услуги само од страна на Поштенска банка, таа и натаму ќе може да егзистира како банкарски субјект кој врши основни банкарски активности, како сите други банки.

Ова и од причина што, слободата на пазарот и претприемништвото не претставуваат исклучиво право на делување на субјектите на пазарот, бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога во регулирањето и контролирање на стабилноста на банкарско-поштенскиот пазар, кое овојпат законодавецот, со оспорената одредба, го задржал под контрола на државата, од каде произлегува дека наведеното законско решен ие не може да се доведе под сомнение во однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 7 и член 55 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.211/2007
26 март 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски