208/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на

– уставноста на член 11 став 1 точка 13 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 и 70/2006) и

– уставноста и законитоста на Одлука на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со која се ускратувало правото на избор на осигуреникот кој стекнал услови за семејна и старосна пензија.

2. Елиза Шулевска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот не била во согласност со уставното начело на еднаквост меѓу осигурениците, затоа што корисниците на семејна пензија не биле опфатени во кругот на осигуреници од задолжителното пензиско и инавалидско осигурување.

Одлуката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (која не е идентификувана) се оспорува затоа што со истата се ускратувало правото на избор на осигуреникот кој стекнал услови за семејна и старосна пензија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 11 точка 13 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во категоријата осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се определени работниците во работен однос или физичките лица кои вршат дејност, по остварување право на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена, односно професионална неспособност за работа.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Согласно членот 3 на овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.

Правата од пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 4 на овој закон, се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувењето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:

1)право на старосна пензија;
2)право на инвалидска пензија;
3)професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4)право на семејна пензија;
5)право на паричен надоместок за телесно оштетување и
6)право на најнизок износ на пензија.

Осигурениците со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се утврдени со член 11 од Законот, и тоа:

1) работниците во работен однос во претпријатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и во домашно и странско физичко и правно лице (во натамошниот текст: работодавец);
2) лицата на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (војници по договор, помлади офицери, офицери и граѓански лица на служба во Армијата);
3) избраните или именуваните носители на јавна и друга функција, ако за вршењето на функцијата примаат плата, односно остваруваат надоместок на плата за вршење на таа функција;
4) државјаните на Република Македонија кои на територијата на Република Македонија се вработени кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва или се во лична служба на странски државјани, ако со меѓународен договор не е поинаку определено;
5) државјаните на Република Македонија вработени во странство, ако за тоа време не се задолжително осигурани кај странски носител на осигурувањето;
6) државјаните на Република Македонија вработени кај странски работодавец во држава во која се задолжително осигурани, но во која правата од пензиското и инвалидското осигурување, што како права се утврдени со овој закон, не можат да ги остваруваат или не можат да ги користат надвор од таа држава;
7) физичките лица кои вршат дејност;
8) индивидуалните земјоделци-обврзници на данок од приход од земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање (индивидуални земјоделци);
9) невработени лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж;
10) инвалидите на трудот за време на чекање за упатување и за време на професионална рехабилитација и соодветно вработување;
11) самостојните уметници кои со таков статус се здобиле според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот за култура и
12) професионални спортисти кои имаат склучено договор за вработување со професионален спортски клуб.

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инавалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006), која одредба се оспорува со иницијативата, членот 11 од Законот е дополнет со нова точка 13, со која кон лицата кои се задолжително осигурани по основ на пензиско и инавалидско осигурување, се додадени и работниците во работен однос или физичките лица кои вршат дејност, по остварување право на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена, односно преостаната работна способност (согласно измените на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2007, преостаната работна способност се заменува со терминот „професионална неспособност за работа“). Со наведеното дополнување на Законот, создаден е правен основ во кругот на осигурениците да се вклучат и корисниците на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена, односно преостаната работна способност (професионална неспособност за работа), ако стапат во работен однос или да вршат дејност како осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Семејната пензија, како право од пензиското и инвалидското осигурување, се уредува со одредбите од член 70 до член 81 од Законот, при што се утврдуваат можните корисници на ова право, условите под кои се стекнува ова право, како и висината на семејната пензија. Од анализата на наведените одредби произлегува дека семејната пензија е условена со смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија и претставува изведено право од старосна или инвалидска пензија, за разлика од старосната или инвалидската пензија кои се лични пензии на осигуреникот, остварени по основ на старост и навршен пензиски стаж.

Во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од неговото донесување во 1993 година, па се до последните негови измени и дополнувања во 2007 година, корисниците на семејна пензија не се определени во кругот на осигуреници опфатени со задолжително пензиско и инавалидско осигурување.

Според наводите во иницијативата, произлегува дека со иницијативата всушност се бара членот 11 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување да се дополни со одредба со која и категоријата корисници на семејна пензија би биле определени како осигуреници опфатени со задолжителното пензиско и инавалидско осигурување.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, оспорената одредба од Законот, како и од фактот дека со иницијативата не се оспорува членот 11 точка 13 од Законот поради неговата постојна содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема и всушност се бара законската одредба да се дополни така како што смета подносителот на иницијтивата, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

5. По однос на наводите во иницијативата со кои се оспорува неидентификувана одлука на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, затоа што со неа се ускратувало правото на избор на осигуреникот кој стекнал услови за семејна и старосна пензија, Фондот за пензиското и инавалидското осигурување на Македонија, со акт бр. 02-378/4 од 6 февруари 2008 година и со акт бр. 10-2315/1 од 20 февруари 2008 година, го извести Уставниот суд на Република Македонија дека Фондот нема донесено одлука или друг акт со соодветна содржина за ускратување на правото на избор на пензија, како што се оспорува со иницијативата.

Со оглед на тоа што не постои акт како што се наведува во иницијативата, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2007
19 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски