264/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седниците одржани на 19 март и 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 15 став 3 втора реченица во делот: „која важи две години од денот на нејзиното издавање“ од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005 – 108/2005 Пречистен текст, 61/2006, 36/2007) и

б) уставноста и законитоста на член 5 и член 16 став 1 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит („Службен весник на Република Македонија“ бр. 85/2005 и 97/2007) и член 7 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спрoведување на стручниот и приправничкиот испит („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2007) донесени од директорот на Агенцијата за државните службеници.

2. М-р Орданчо Пецов од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот и правилниците означени во точката 1 ова решение.

Според наводите во иницијативата и нејзиното дополнување, одредбата од членот 15 став 3 во оспорениот дел, од Законот за државните службеници како и одредбата од членот 16 став 1 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит, биле спротивни на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Според подносителот на иницијативата, не смеело да се допушти временско ограничување на важењето на еднаш издадените документи во форма на дипломи, уверенија, потврди и слично со кои се докажува стручна квалификација на граѓаните, односно со кои се докажува дека кандидатите имаат положено определен стручен испит, при што прави паралела со дипломите издадени од Правниот факултет и уверенијата за положени стручни испити за нотар, извршител, испит за брокери, стечајни управници, правосуден испит и сл. Со временското ограничување на важењето на документите со кои на граѓаните им се признавале правата во смисла на образовни и стручни кфалификации, се создавала правна несигурност, бидејќи работните места на сите оние лица кои својата функција на различни работни места во општеството ја извршувале како резултат на поседувањето на определени квалификации би биле несигурни, и тие постојано ќе морале да полагаат испити како би можеле да бидат избрани на истите функции.

Во врска со оспорениот член 5 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит како и членот 7 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит, во иницијативата се наведува дека со измената, практичниот дел од стручниот испит се претворил во чисто теоретски испит од причина што од кандидатите за државни службеници се барало познавање на информатичките и комуникациските технологии на ниво на информатичари, што било неуставно и незаконски и за што немало никакво оправдување. Целта требало да биде обука на државните службеници да работат со компјутери, а не од нив да се бара да ја познаваат теоријата на информатиката за што постоеле посебни институции што издавале дипломи. За подносителот на иницијативата оваа практика на Агенцијата за државни службеници била неуставна и незаконска и од причина што полагањето на спорниот информатички дел од испитот било задолжително и без него не можело да се добие потврда потребна за полагање на посебниот испит кој претставувал суштина на провереката на знаењето на кандидатот.

Во иницијативата се оспорува и практиката на Агенцијата за државните службеници да не дозволува на кандидатите увид во тестот на кандидатот по завршувањето на испитот, како и увид во резултатите и рангирањето на другите кандидати.

Поради наведените причини со иницијативата се бара поништување на оспорените одредби од Законот и од двата Правилника.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 15 став 3 од Законот за државните службеници, стручниот испит се состои од општ, посебен и практичен дел. За положениот општ и практичен дел од стручниот испит, Агенцијата издава потврда која важи две години од денот на нејзиното издавање.

Според оспорениот член 5 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит, практичниот дел од стручниот и приправничкиот испит претставува тест, составен од прашања, со избор на еден од повеќе понудени одговори, од областа Х од Програмата.

Според членот 16 став 1 од истиот правилник, на кандидатот кој успешно ги положил општиот и посебниот дел од стручниот испит, Агенцијата му издава потврда, која може да ја користи при пријавување на друг оглас, во период од две години од нејзиното издавање.

Судот на седницата исто така утврди дека согласно оспорениот член 7 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит, во Програмата за полагање на стручен и приправнички испит, Областа Х се менува и гласи:
„Област Х:

1) Основни поими за информациски-комуникациски технологии,
2) Користење на компјутерите,
3) Ефикасно управување со компјутерски ресурси,
4) Е-влада и е-демократија,
5) Законска рамка во Република Македонија, поврзана со информациски-комуникациски технологии“.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Во член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Собранието на Република Македонија е определено донесувањето на закони и автентичното толкување на законите.
Владата на Република Македонија, согласно член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, помеѓу другото е надлежна за утврдување на политиката за извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во член 96 од Уставот е определено дека, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според содржината на член 51 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.
Во член 61 став 1 од истиот Закон е определено дека, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и други правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се предвидува надлежност на други органи. Во ставот 2 на истата одредба е содржано идентично ограничување и за актите што ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација.
Тргнувајќи од анализата на одредбите на Законот за државните службеници произлегува дека овој закон поблиску ја уредува материјата за статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државните службеници.

Овластувањата на Агенцијата за државните службеници се утврдени во членот 7 од Законот, според кој, меѓу другите надлежности, Агенцијата подготвува и донесува прописи што се однесуваат на државните службеници за кои е овластена со закон, по претходно мислење од органите утврдени во овој закон; развива политики и дава насоки поврзани со групите на звањата и описот на работните места, селекцијата, вработувањето и престанокот на вработувањето, соодветната и правична застапеност, платите и надоместоците на плати, оценувањето и дисциплинската одговорност; ја следи и се грижи за единствената примена на законите и прописите што се однесуваат на државните службеници и укажува за недоследностите во нивната примена до органите од член 3 став (2) на овој закон и др.
Законот во посебна глава го уредува прашањето за вработување на државните службеници, односно ги утврдува условите, како и начинот и постапката за вработување во државната служба. При тоа законодавецот се определил вработувањето на државните службеници да се остварува врз основа на јавен оглас и врз основа на резултатите од положен стручен испит.

Врз основа на член 15 став 1 од Законот, стручниот испит го организира и спроведува Агенцијата. Според ставот 3 на овој член стручниот испит се состои од општ, посебен и практичен дел. За положениот општ и практичен дел од стручниот испит, Агенцијата издава потврда која важи две години од денот на нејзиното издавање. Според ставот 4 од овој член од Законот, начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит ги пропишува Агенцијата. Согласно ставот 5 на овој член од Законот, програмата за полагање на стручниот и приправничкиот испит ја донесува Агенцијата за државни службеници.

Врз основа на наведениот став 4 од овој член Агенцијата за државни службеници го донела и Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит („Службен весник на Република Македонија“ бр. 85/2005 и 97/2007).

Согласно членот 1 од Правилникот, со овој Правилник се пропишува начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит.

Според член 2 став 1 од Правилникот, стручниот и приправничкиот испит се состои од општ,посебен и практичен дел.

Согласно ставот 2 на истиот член, стручниот и приправничкиот испит се полагаат според Програма за полагање на стручен и приправнички испит која е составен дел од овој правилник.

Во ставот 3 на овој член е определено дека врз основа на Програмата од ставот 2, Агенцијата за државни службеници подготвува тестови, разллични по сложеност, во зависност од степенот на образование и работното место за кое се спроведува стручниот и приправничкиот испит.

Согласно членот 3 и членот 4 од Правилникот, општиот како и посебниот од стручниот и приправничкиот испит, претставува тест, составен од прашања со избор на еден или повеќе понудени одговори од областите од 1 до 8 (за општиот дел од испитот) односно од областа 9 (за посебниот дел од испитот) од Програмата.

Според оспорениот член 5 од Правилникот, практичниот дел од стручниот и приправничкиот испит преставува тест, составен од прашања, со избор на еден од повеќе понудени одговори од областа 10 од Програмата.

Со оспорениот член 7 од Правилникот извршена е промена на содржините од областа 10 во Програмата за полагање на стручен и приправнички испит, при што е утврдено дека оваа област опфаќа: основни поими за информациски-комуникациски технологии, користење на компјутерите, ефикасно управување со компјутерски ресурси, е-влада и е-демократија, законска рамка во Република Македонија, поврзана со информациски-комуникациски технологии.

Подносителот на иницијативата одредбата од членот 15 став 3 од Законот за државните службеници, како и одредбата од членот 16 став 1 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит ги оспорува од аспект на принципот на владеењето на правото, односно тој смета дека било недопуштено временски да се ограничи важењето на потврдата за положен стручен испит при што прави паралела со неограниченото важење на дипломите издадени од факултетите и неограниченото важење на одделни испити (правосуден, нотарски испит и сл.)
Според Судот ваквото поистоветување на потврдата за положен стручен испит во постапката за вработување на државните службеници со факултетските дипломи, односно уверенија за положени стручни испити е сосема несоодветно. Ова од причина што факултетските дипломи претставуваат доказ за стекнато образование, односно степен на стручна подготовка што е услов за засновање на работен однос, додека пак потврдата за положен стручен испит претставува доказ дека кандидатот ги има потребните знаења и вештини за стекнување на статус на државен службеник и за извршување на специфичните работи и задачи во државната служба. Со други зборови, потврдата за положен испит не претставува доказ за стекнато ниво на образование, туку доказ за успешно помината проверка на знаењата и вештините во постапката за селекција и вработување на кандидатите за државни службеници, односно проверка на обемот на веќе стекнатото знаење.
Определувањето на временско важење на потврдата за положен општ дел од стручниот испит нема за цел да го ограничи пристапот до работните места во државната служба ниту пак истите да ги направи несигурни, како што смета подносителот во иницијативата. Имено, со ваквата определба, токму поаѓајќи од уставната определба за достапност на секое работно место секому под еднакви услови, се овозможува во еден одреден временски период (од две години) кандидатите да имаат полесен пристап до повеќе работни места, со различни звања, а за кои општиот дел од стручниот испит е ист. Од друга страна пак користењето на оваа потврда не е задолжително, бидејќи согласно членот 16 став 3 од Правилникот, кога се пријавува кандидатот на друг оглас, тој може со писмена изјава да се откаже од правото на користење на потврдата и повторно да го полага општиот и практичниот дел од стручниот испит. Од тука произлегува дека издадената потврда за положен општ дел од стручниот испит не претставува ограничување за негово повторно полагање во друга постапка за вработување, доколку кандидатот смета дека може да постигне подобар резултат.

Поради наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 15 став 3 втора реченица во делот: „која важи две години од денот на нејзиното издавање“ од Законот за државните службеници, како и одредбата од членот 16 став 1 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит со принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

5. Оспорените одредби од членот 5 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит и на членот 7 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спрoведување на стручниот и приправничкиот испит подносителот на иницијативата ги оспорува од аспект на содржината на практичниот дел на стручниот испит од областа на информатиката, без при тоа да наведе аргументи за уставно-судска анализа на оспорените одредби, односно причини за наводната противуставност на овие одредби. Подносителот на иницијативата имено бара Судот да ги поништи оспорените одредби и да го врати во важност старото решение според кое практичниот дел од испитот се состоел во тест за практична проверка на компјутерските вештини.

Според оценката на Судот, неспорно е дека Агенцијата за државни службеници како орган кој има овластувања во сферата на селекцијата и вработувањето на државните службеници, има со закон утврдено овластување да го организира стручниот испит и да го пропише начинот, постапката и критериумите за неговото спроведување, како и да ја донесе Програмата за полагање на стручниот и приправничкиот испит. Ваквото овластување е утврдено во членот 15 ставови 3 и 4 од Законот, врз основа на кои одредби е донесен и Правилникот чии одредби се оспорени со иницијативата.
Тргнувајќи од фактот што Агенцијата за државни службеници е основана со Законот за државните службеници, како самостоен државен орган, со точно определени надлежности во членот 7 од Законот, Судот утврди дека овластувањето за донесување на Правилник за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит, произлегува од карактерот на Агенцијата, како самостоен државен орган и од нејзините надлежности во сферата на селекцијата и вработувањето на државните службеници. Со определувањето на содржината на стручниот испит, односно деловите од кои тој се состои, Законот за државните службеници дал доволна рамка за да може Агенцијата за државни службеници оваа одредба да ја операционализира во наведениот Правилник, односно да го определи начинот на полагањето на стручниот испит и Програмата на испитот. Дали испитот ќе се полага во вид на тест составен од прашања со избор од понудени одговори или пак тест за практична проверка на знаењата и вештините, како и самата содржина на Програмата на испитот, на што во основа се сведуваат наводите во иницијативата, е прашање на целисходност, а не на уставност и законитост поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот и со Законот за државните службеници.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а текстот на Решението Судот го утврди во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов .

У.бр. 264/2007
19 март и 29 октомври
2008 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски