78/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 алинеја 9 и член 35 точка 5 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006 и 29/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 алинеја 7, член 12-а, член 18 ставовите 3 и 4 и на член 36 од Законот означен во точка 1 од ова решение.

3. Светлана Атанасовска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето во член 12 алинеја 7 и член 12-а од Законот адвокатски испит како услов за запишување во Именикот на адвокатите што го спроведува Адвокатската комора на Република Македонија, значело повторување на полагањето на правната материја опфатена со правосудниот испит и со тоа лицата – кандидати за адвокати се ставале во понеповолна положба од лицата – кандидати за вработување во државната управа, судството и јавното обвинителство, поради што наведените законски одредби го повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Предвидувањето на услов во член 12 алинеја 9 од Законот лицето што бара запишување во Именикот на адвокатите да не е во работен однос, во ситуација кога таков услов не бил предвиден во Уставот на Република Македонија и не бил предвиден за вработување во органите на државната управа, не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2 и со членовите 51, 53 и 54 од Уставот на Република Македонија. Исто така, предвидувањето обврска во член 18 ставовите 3 и 4 од Законот на секој поднесок или исправа составена од адвокат да се става, покрај другото, адвокатска маркичка, во ситуација кога таа дополнително треба да се предвиди со посебен закон и да се издаде од надлежен државен орган, што не било направено, не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 51 од Уставот на Република Македонија. Предвидувањето во член 35 точка 5 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија да се финансира и од коморска маркичка, во ситуација кога тој надоместок адвокатот го плаќал во рамките на коморската членарина, значело двојно оптеретување на адвокатите по ист основ и неоснован дополнителен приход на Адвокатската комора на Република Македонија, поради што таквата законска одредба го повредувала член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 51 од Уставот на Република Македонија. Во иницијативата се наведува и тоа дека предвидувањето во член 36 од Законот, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија да ја утврдува висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, во ситуација кога нема никакви законски ограничувања за тоа, ниту правила и критериуми за утврдување на висината на тие давачки, можело да предизвика ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото преку превисока цена, создавање монополска положба и оневозможување слободен избор на оваа дејност, како и нееднаквост односно дискриминација на посиромашните, сето тоа особено при постоење обврска за плаќање адвокатска маркичка и коморска маркичка, поради што оспорената законска одредба го повредувала член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 8, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека членот 12 алинеја 9 од Законот за адвокатурата е систаматизиран во делот посветен на „условите за вршење на адвокатската дејност“, при што со него се определува дека: „во Именикот на адвокатите може да се запише лице кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност и да ги исполнува следниве услови:… да не е во работен однос.“

Во однос на членот 35 точка 5 од Законот, Судот утврди дека таа одредба е систематизирана во делот посветен на статусот на Адвокатската комора, при што со него се определува дека: „Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од коморска маркичка“, (и од коморска членарина, коморски уписен влог, подароци и фондации, закупнина, како и од други приходи).

Според член 53 од Уставот: „адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон“. Од оваа уставна одредба произлегува дека самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба поблиску се определува со закон. Во таа смисла, законодавецот има уставна основа да ги утврди условите под кои може да се стекне статусот адвокат, како и да ги определи изворите на финансирањето на Адвокатската комора на Република Македонија како организација на адвокатите оставајќи разработката на одделните извори на финансирањето да се изврши со акт на Комората заради остварување на нејзината самостојност и независност.

Со оглед на тоа што член 12 алинеја 9 од Законот определува услов за стекнување статус адвокат и што член 35 точка 5 од Законот определува Адвокатската комора на Република Македонија да се финансира, покрај другото, и од коморска маркичка која не е содржана во другите извори на финансирање, Судот утврди дека таквите законски одредби имаат основа во наведената уставна одредба, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот наведени во иницијативата.

5. Судот, исто така, утврди дека членот 12 алинеја 7 од Законот определува положен адвокатски испит како услов за вршење на адвокатската дејност. Потоа, членот 12-а од Законот, систематизиран во делот посветен на „условите за вршење на адвокатската дејност“, определува дека „адвокатскиот испит предвиден во членот 12 став 1 алинеја 7 се спроведува два пати во годината“ (став 1), дека „адвокатскиот испит се спроведува во Адвокатската комора на Република Македонија пред комисија составена од пет адвокати“ (став 2), дека „претседателот на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија не може да биде претседател на Комисијата од ставот 2 на овој член“ (став 3), дека „бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на испитот се утврдува со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија“ (став 4) и дека „при определувањето на содржината на адвокатскиот испит, не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторното полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит“ (став 5). Понатаму, членот 18 од Законот е систематизиран во делот посветен на „права и должности на адвокатите“ и со оспорените ставови 3 и 4 се определува дека „на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија“ (став 3) и дека „при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување“ (став 4). Членот 36 од Законот е систематизиран во делот посветен на статусот на Адвокатската комора и со него се определува дека „висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија и ги објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Покрај тоа, Судот утврди дека за член 12-а став 4 од Законот, Уставниот суд на Република Македонија донесе Одлука У.бр.31/2007 од 9 јануари 2008 година со која ја укина таа законска одредба затоа што оцени дека според член 53 од Уставот со закон мора да се уредат обемот, содржината и оценувањето при полагање на адвокатскиот испит, а не со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија. Потоа, за член 12 алинеја 7 од Законот, Судот донесе Решение У.бр.31/2007 од 12 и 26 септември 2007 година со кое не поведе постапка затоа што оцени дека е право на законодавецот да ги определува условите за вршење на адвокатската дејност. Во однос на член 12-а ставовите 1, 2, 3 и 5 од Законот, Судот со истото Решение (У.бр.31/2007 од 12 и 26 септември 2007 година) одлучи да не поведе постапка затоа што оцени дека законското уредување на полагањето адвокатски испит има основа во член 53 од Уставот. Исто така, за членот 18 ставовите 3 и 4 од Законот, Судот донесе Решение за неповедување постапка (У.бр.31/2007 од 12 и 26 септември 2007 година) затоа што оцени дека таквите одредби се во функција на наплата на данок, поради што имаат основа во Уставот. Во однос на член 36 од Законот, Судот донесе Решение за неповедување постапка (У.бр.51/2003 од 15 април 2003 година) затоа што оцени дека висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина се дел од самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, па определувањето на нивната висина од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија има основа во Уставот.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата „ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“ (алинеја 2) и „ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата“ (алинеја 3).

Со оглед на тоа што со Одлуката У.бр.31/2007 од 9 јануари 2008 година е укинат членот 12-а став 4 од Законот, при што таа одредба не е дел од правниот поредок на Република Македонија од денот на објавувањето на наведената одлука на Судот во „Службен весник на Република Македонија“, произлегува дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Покрај тоа, со оглед дека членот 12 алинеја 7, членот 12-а ставовите 1, 2, 3 и 5, членот 18 ставовите 3 и 4 и членот 36 од Законот беа предмет на одлучување пред Уставниот суд, а сега нема основи за поинаквво одлучување, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на тој дел од иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.78/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски