Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 3 од Законот за комунални такси („Службен весник на Република Македонија“бр.61/2004, 64/2005 и 92/2007).
2. Васко Костевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 33 од Уставот затоа што голем број на граѓани чии домаќинства биле со мал број на членови биле доведени во нерамноправна положба со оние граѓани чии домаќинства биле со голем број на членови. Исто така оспорената одредба била во спротивност и со членот 9 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 3 од Законот за комунални такси „под корисник на јавно осветлување од став (1) точка 10 на овој член се подрабира секој имател на броило од категоријата домаќинство„ и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка“.
4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија, покрај другото ги утврдува и јавните давачки.
Со Законот за комунални такси се уредува комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење од страна на правните и физички лица кои вршат дејност и од граѓаните.
Според член 3 став 1 точка 10 од Законот, комунални такси, меѓу другото, се плаќаат и за користење и одржување на јавно осветлување. Во оспорениот член 3 став 3 е предвидено дека, под корисник на јавно осветлување од став 1 точка 10 на овој член се подразбира секој имател на броило од категоријата домаќинство и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка“.
Според член 10 став 4 комунална такса од член 3 став 1 точка 10 на овој закон се плаќа месечно.
Според член 20 тарифен број 10 став 1 од Законот „за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса според типот на потрошувачката и тоа 0,4 KV (домаќинство), по 25 KW/h, 0,4 KV (објекти на трговски друштва и занаетчии по 500 KW), 10 KV по 100 KW/h, 35 KV по 150 KW/h и 110 KV по 300 KW/h, по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за комунални такси, а посебно оспорената одредба од Законот, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека тие се неосновани. Ова оттаму што според Судот право е на законодавецот да ги воведува даноците и другите јавни давачки за финансирање на јавните потреби и да ја определува нивната висина.
Имено со оглед на тоа што со Законот за комунални такси вклучително и со оспорената одредба се утврдува надоместок за улично осветлување, кое претставува јавна потреба, што треба да се намирува од јавните расходи, односно се утврдени обврзниците (правни и физички лица) утврдена е основицата (имател на броило) висината на таксата 25 KW/h по броило за домаќинство, како и начинот на плаќање на овој надоместок, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.236/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски