237/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на лицата на кои нема да се врши доделување под закуп деловен простор со кој стопанисува ЈП ССДП на РМ, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, број 02-16538/34 од 22.12.2006 година и број 02-1077/9 од 23.01.2008 година.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Елизабета Денковска од Куманово, преку адвокат Момчило Доцевски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, со оспорената одлука се вршело ограничување и дискриминација на правата на вработените и нивните семејства и роднини, да користат деловни простории со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, во однос на останатите граѓани, само поради фактот што некој близок роднина бил вработен во претпријатието, што било во спротивност со уставната гаранција за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдена во член 9 од Уставот, како и со определбата од член 54 од Уставот дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Ваквата одлука била во спротивност и со член 1 и 2 од Универзалната декларација за човековите права, според кои сите човечки битија се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата и треба да ги уживаат сите права и слободи изнесени во оваа декларација без било какви ограничувања во поглед на расата, бојата, полот, јазикот, вероисповеста, политичкото или дрго уверување, национално или социјално потекло, имотна состојба или било што друго.

Понатаму, се наведува дека раскинувањето на договорите за закуп од страна на Јавното претпријатие, врз основа на оспорената одлука, а во случај кога не постоеле услови за раскинување на договорите за закуп предвидени во договорот и Законот за облигационите односи, значеле повредна на одредбите од член 4 од Законот за облигационите односи, каде било предвидено дека учесниците во облигациониот однос се рамноправни.

Поради наведеното се предлага до донесување на конечна одлука, Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука.
4. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, на седниците одржани на 22 декември 2006 година и на 23 јануари 2008 година, донел Одлука за определување на лицата на кои нема да се врши доделување под закуп деловен простор со кој стопанисува ЈП ССДП на РМ, бр. 02-16538/34 од 22 декември 2006 година и бр. 02-1077/9 од 23 јануари 2008 година.

Според член 1 став 1 на оваа одлука, деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие а кој е во сопственост на Република Македонија и деловен простор кој е во сопственост на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, нема да се доделува по било кој основ на следните лица: вработени во ЈПССДП на РМ, членови на Управен одбор и членови на Надзорен одбор. Според став 2 на истиот член, деловен простор нема да се доделува и на членовите на семејствата на лицата од став 1 на овој член и тоа брачниот другар, децата и родителите.

Согласно член 2 на Одлуката, на лицата од член 1 од оваа одлука кои имаат склучено договори за закуп на деловен простор, склучените договори да се раскинат.

Според член 3 на Одлуката, оваа одлука стапува на сила со нејзиното донесување.

5. Во членот 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 2/1994), основано е Јавно претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (член 1 став 2).
Според член 2 на истиот закон, Јавното претпријатие е правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон.

Согласно член 5 на овој закон, дејноста на Јавното претпријатие се работите кои се однесуваат на стопанисувањето со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, и тоа особено: инвестиционо и тековно одржување на станбениот и деловниот простор; подобрување на условите на станувањето во постојните станбени згради и станови; утврдување на висината на закупот, односно склучување на договори за закуп на станбен и деловен простор; продажба на станбен и деловен простор на Република Македонија; водење единствена евиденција на станбениот и деловниот простор со кој стопанисува; определување на делот од закупнината што останува на користење на станарите за станбените и деловните простории на Републиката; организирање, изградба на станбен и деловен простор чии инвеститор е Република Македонија; продажба на станбен и деловен простор и врши и други работи што ќе му ги довери Републиката (субвенционирање на закупнина и слично за што ќе се склучи договор). Покрај наведените работи, јавното претпријати го уредува градежното земјиште доверено од единицата на локалната самоуправа. За промена на дејноста на јавното претпријатие согласност дава Собранието на Република Македонија.

Согласно член 7 од овој закон, органи на Јавното претпријатие се управниот одбор и директорот.

Според член 11 на овој закон, јавното претпријатие донесува статут. Со статутот на јавното претпријатие поблиску се утврдуваат начинот на водењето и организацијата на јавното претпријатие. Статутот на јавното претпријатие го донесува управниот одбор на јавното претпријатие во рок од 30 дена од неговото конституирање.

Оспорената одлука е донесена врз основа на член 27 од Статутот на јавното претпријатие. Со оваа одлука, Управниот одбор ги определил лицата на кои нема да се врши доделување под закуп деловен простор со кој стопанисува јавното претпријатие ( вработените во јавното претпријтие, членовите на Управниот одбор и членовите на Надзорниот одбор, како и членовите на семејствата на овие лица, и тоа брачниот другар, децата и родителите), поради што определил склучените договори за закуп на деловен простор со овие лица, да се раскинат.

Со иницијативата се оспорува Одлуката од аспект на тоа дека со истата се доведуваат во нерамноправна положба граѓаните пред Уставот и законот, само поради фактот што близок роднина е вработен во Јавното претпријатие, како и од аспект на тоа дека раскинувањето на договорите за закуп, без такви услови за раскинување да биле утврдени во самите договори, значеле повреда на членот 4 од Законот за облигационите односи каде било утврдено дека учесниците во облигационите односи се рамноправни.

При анализата на оспорената одлука од аспект на наводите во иницијативата, пред Судот се постави прашањето дали со оспорената одлука се уредуваат прашања од интерно значење за работата на претпријатието, или истата има карактер на пропис подобен за уставно судска оцена, како и се постави прашањето дали управниот одбор на ова јавно претпријатие имал законски основ со свој акт да ги определи корисниците на деловен простор во сопственост на Република Македонија, со кој стопанисува претпријатието, во смисла да исклучи одредена категорија на граѓани од можноста да користат ваков деловен простор.

Во однос на карактерот на актот, според Судот, со тоа што со оспорената одлука се пропишува кои лица ќе бидат изземени од можноста да користат деловен простор во сопственост на Република Македонија, оспорената одлука излегува од рамките на акт со кој само се уредува работењето на претпријатието и истата добива нормативен карактер, односно карактер на пропис со кој се уредуваат прашања од имотно-правен карактер за поширока група граѓани ( покрај вработените во претпријатието и членовите во органите на претпријатието, забраната за користење деловен простор во сопственост на Република Македонија се однесува и на нивните брачни другари, деца и родители) поради што, Судот оцени дека оспорената одлука претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, кој подлежи на уставносудска оцена.

Во однос на прашањето дали управниот одбор на ова јавно претпријатие имал законски основ со свој акт да ги определи корисниците на деловен простор во сопственост на Република Македонија, во смисла да исклучи одредена категорија на граѓани од можноста да користат ваков деловен простор, Судот првенствено ја имаше предвид содржината на Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, со кој се основа ова јавно претпријатие и се утврдуваат неговите надлежности. Од анализата на овој закон може да се констатира дека Законот нема одредби со кои се определува кругот на лица кои можат да бидат корисници на деловен простор во сопственост на Република Македонија, ниту пак постојат одредби со кои се овластува управниот одбор на претпријатието да ги определува овие лица, со цел да се спречи судирот на интереси и можноста за злоупотреба на службената положба на вработените во претпријатието и членовите на органите на управување со ова претпријатие. Оттука, произлегува дека овој закон не претставува основ за донесување на оспорената одлука.

Од друга страна, со Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2007), се дефинира судирот на интереси, постапувањето во случај на судир на интереси, мерките за спречување на судирот на интереси во вршењето на власта и во доверени јавни овластувања од страна на службени лица што вршат јавни овластувања. Според член 2 на овој закон, целта на овој закон е да се обезбеди спречување на злоупотребата на власта и доверените јавни овластувања на службеното лице за остварување на лични или користољубиви цели и да се обезбеди спречување на можноста приватниот интерес на службеното лице да дојде во судир со јавниот интерес. Во Законот во посебни глави се разработува постапувањето во случај на постоење на судир на интереси, изземањето како мерка за спречување на судирот на интереси, како и се утврдуваат мерките кои му се изрекуваат на службено лице во случај на постапување спротивно од пропишаното со овој закон.

Од анализата на овој закон, произлегува дека законодавецот утврдил правила на однесување кога постои судир на интереси во вршењето на власта и доверените јавни овластувања, кои правила несомнено се однесуваат и на службените лица во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, кога спроведуваат постапка за доделување деловен поростор во сопственост на Република Македонија. Притоа, законодавецот не ги исклучил овие лица од можноста да учествуваат во постапките за доделување деловен простор во сопственост на Република Македонија, туку само пропишал начин на нивно постапување во дадена ситуација, од каде произлегува дека оспорената одлука, со која се исклучуваат вработените во јавното претпријатие и членовите во органите на управување во тоа претпријатие, само поради статусот на вработени во тоа претпријатие, односно членови во орган на управување, да користат деловен простор во сопственост на Република Македонија, ги надминува рамките на Законот за спречување на судир на интереси, поради што основано може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката со овој закон.

Во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006 и 73/2006), во посебна глава се пропишани кривични дела против службената должност, во која смисла како кривични дела се пропишани и злоупотребата на службената положба и овластување (член 353), несовесното работење во службата (член 353-в), примањето поткуп (член 357), давањето поткуп (член 358), противзаконитото посредување (член 359). Оттука, според Судот, законодавецот, имајќи ја предвид можната злоупотреба на службената должност и последиците од тоа, со пропишувањето на кривичните дела во оваа област, преземал мерки за санкционирање на несоодветното однесување, кои мерки се протегаат и на случаите кога надлежните органи и службени лица во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија одлучуваат за доделување под закуп на деловен простор во сопственост на Република Македонија.

Поради наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите на доносителот на оспорената одлука (искажани во доставениот одговор на иницијативата) дека Одлуката била во функција на спречување на дискриминација на граѓаните, затоа што со неа се спречувало член на органот на управување, односно на надзорниот одбор и положбата на вработен во Јавното претпријатие кое одлучува за издавање под закуп на деловен простор во сопственост на Република Македонија, да бидат доведени во поповолна положба во однос на останатите граѓани во поглед на издавањето на деловниот простор, се спречувал судирот на интереси и можноста за злоупотреба на службената должност. Со оглед дека во постојната законска регулатува нема правен основ за тоа Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија со свој акт да определи кои лица не можат да бидат корисници на деловен простор во сопственост на Република Македонија, произлегува дека, со донесувањето на ваквата одлука, Јавното претпријатие преземало улога на законодавец, поради што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 51 од Уставот, со Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија и со Законот за спречување судир на интереси.

6. Во однос на наводите во иницијативата за тоа дека со оспорената одлука се наложува раскинување на претходно склучените договори за закуп без такви услови за раскинување да биле утврдени во самите договори, што значело повреда на членот 4 од Законот за облигационите односи, Судот оцени дека станува збор за правно прашање за кое се надлежни редовните судови, а не Уставниот суд на Република Македонија, поради што нема основ за уставносудска анализа на ова прашање.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.237/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски