Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 26 ставови 2 и 3 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/1992, 20/2003, 46/2004 и 19/2007) и членот 2-б став 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на Република Македонија, за начинот на фотографирање за патните исправи и за водење на евиденција (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2007), донесен од министерот за внатрешни работи.
2. Занаетчиската Комора на Скопје – Секција на фотографи, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 26 ставови 2 и 3 од Законот и член 2-б став 2 од Правилникот, означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот и Правилникот, се обезбедувала профитабилна стопанска дејност на едно министерство, кое со таквата законска надлежност стекнувало статус на стопански субјект со монопол на пазарот во однос на останатите стопански субјекти, за вршење на фотографската дејност. Имено, со оспорените одредби од Законот и Правилникот било уредено дека единствено Министерството за внатрешни работи можело да го врши фотографирањето на граѓаните на Република Македонија за внесување на биометриските карактеристики во пасошите кои се издавале на граѓаните.
Доколку државата сакала да ја врши фотографската дејност за потребите на пасошите кои ги издавала преку ресорното министерство, тогаш таа можела да основа посебно јавно претпријатие за таа намена, кое рамноправно со другите стопански субјекти на пазарот ќе ги нуделе наведените услуги со потребниот квалитет, а во случајов без постоење на јавно претпријатие и со дирекно законско овластување на Министерството за внатрешни работи му се обезбедувало ексклузивно право за монополското стопанисување со една стопанска дејност, која за потребите на издавање на пасошите е неопходно потребна.
Од горенаведените причини оспорените одредби од Законот и Правилникот не биле во согласност со членот 55 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, Републиката треба да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, и презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, во членот 26 предвидел:
“Во пасошот и патниот лист се внесуваат следниве податоци за имателот на патната исправа:
1) презиме и име,
2) ден, месец и година на раѓање,
3) место на раѓање,
4) живеалиште
5) пол,
6) државјанство,
7) единствен матичен број на граѓанинот,
8) своерачен потпис.
Пасошот содржи и податоци за биометриски карактеристики на имателот на патната исправа, кои задолжително се земаат од подносителот при поднесување на барањето за издавање на пасош, заради утврдување на неговиот идентитет.
Податоци за биометриски карактеристики, од ставот 2 на овој член се фотографија и отпечатоци од два прста.
Пасошот од ставот 2 на овој член има и бесконтактен чип и машински читлив дел.
Во заедничкиот пасош се запишува државата, односно државите во кои групата патува, важноста на заедничкиот пасош, името и презимето, датумот на раѓање, местото на раѓање, живеалиштето и адресата на станот на водачот на членовите на групата.
Во дипломатскиот и службениот пасош се внесуваат податоците од став 1 точки 1, 2, 3, 5, 6, 7 и 8 на овој член, како и податокот за функцијата на носителот на тој пасош”.
Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на Република Македонија, за начинот на фотографирање за патните исправи и за водење на евиденција, во членот 2-б став 2 предвидел:
“Фотографијата со димензии 35 х 45 мм. се прибавува со фотографирање на лицето при поднесување на барањето за издавање на пасош, при што истата е идентична и одговара на изгледот на подносителот на барањето. Фотографијата се пренесува и чува во електронска база на податоци”.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според ставот 3 на овој член од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Со одредбите од членот 26 од Законот за патните исправи, се пропишани кои податоци за имателот на патната исправа треба да бидат внесени во пасошот и патниот лист. Во тие рамки со оспорените одредби од ставовите 2 и 3 од овој член од Законот се определени и податоци за биометриски карактеристики на имателот на патната исправа, кои се земаат од подносителот при поднесување на барањето за издавање на пасош, заради утврдување на неговиот идентитет, а биометриски карактеристики претставуваат фотографија и отпечатоци од два прста.
Врз основа на членот 48 од Законот за патните исправи министерот за внатрешни работи го донел оспорениот Правилник во кој со одредбите од членот 2-б се детално операционализирани земањето на биометриските податоци – фотографија, отпечатоци од два прста, како и своерачен потпис во дигитална форма.
Со оспорениот став 2 на овој член од Правилникот е разработено прашањето од Законот на кој начин се прибавува фотографијата за патната исправа, и е уредено дека фотографијата се прибавува со фотографирање на лицето при поднесување на барањето за издавање на пасош, а фотографијата се пренесува и чува во електронска база на податоци.
Врз основа на изнесените уставни и законски норми, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, произлегува дека Министерството за внатрешни работи со вршењето на фотографирање на барателот на патната исправа, врши прибавување на биометриски карактеристики на лицето заради издавање на пасош на барање на тоа лице што е во надлежност на овој орган на државната управа, со стандарди за квалитет и безбедносен формат кој спорд законодавецот се целисходни за обавување на обврските од областа на внатрешните работи во Република Македонија. Министерството го врши фотографирањето само на лица кои се баратели на патни исправи а не надвор од оваа постапка, и тоа го врши во функција на прибирање на биометриски податок за пасошот, а не за друга намена.
Имено, фотографијата е биометриска карактеристика за ликот на имателот на патната исправа. Министерството за внатрешни работи како надлежен орган со чинот на издавањето на исправата во рамки на управната постапка ги потврдува податоците во исправата кои се засновани на биометриските карактеристики. Ова согласно членот 167 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005), според кој исправата што во пропишана форма ја издал државен орган во рамки на својата надлежност, а која може да биде приспособена за електронска обработка на податоци, како и исправата што во таква форма ја издало правно или друго лице во работите што ги врши врз основа на јавни овластувања (јавна исправа), го докажува она што во неа се потврдува или определува.
Оттука, фотографијата која се обезбедува во Министерството е всушност податок за ликот во патната исправа односно е биометриска карактеристика, и дејствијата кои ги презема се во рамки на управната постапка што ја спроведува во издавањето на исправата чии податоци Министерството ги потврдува и тие произлегуваат од управните дејствија на органот во согласност со закон.
Патната исправа, според Судот, воедно треба да содржи безбедносни карактеристики согласно стандардите во меѓународните акти, за што Министерството е одговорно во вршењето на работите за издавање на патните исправи. Имено, Регулативата на Советот на ЕУ број 2252/2004 за стандардите за безбедносни карактеристики и биометријата во пасошите и патните документи издадени во земјите членки како и Резолуцијата на претставниците на државите членки во однос на безбедносните карактеристики на патните документи во кој се содржани минимум безбедносни барања за ЕУ патни документи, ги утврдува минимумот стандарди кои треба да се обезбедат од државите. Според Регулативата, во делот „техники на издавање“ е утврдено дека со цел да се обезбедат податоците од пасошот или патниот документ односно тие да бидат соодветно обезбедени од обиди за фалсификување, биографските податоци, вклучувајќи го ликот на имателот, потписот на имателот, и главните податоци за издавање (место, орган) треба да бидат интегрирани во основниот материјал на документот. Конвенционалните методи на лепење на фотографијата нема повеќе да се користат. Можат да се користат следниве техники за издавање: ласерско печатење, термо трансфер, инк – џет печатење, фотографско печатење и ласерско гравирање кое ефикасно навлегува во слоевите на хартијата што ги носи соодветните безбедносни особини. За да се обезбедат од злупотреба биографските податоци и податоците за издавање, задолжително е да се користи жежок печат или еквивалентна ламинација (што е можно потенка) со уред против копирање доколку се користи ласерско печатење, термо или фотографски техники. Патните документи се издаваат во форма што може да ја прочита машина. Изгледот на биографските податоци ќе биде во согласност со спецификациите содржани во дел 1 од документот ICAO 9303, а постапката за издавање ќе биде во согласност со спецификациите за машински читачки документи“.
Со оглед на изнесеново, според Судот неможе да се прифати наводот во иницијативата дека со оспорените одредби се овозможувало државата како стопански субјект да врши стопанска дејност – фотографирање, и со монополско однесување на пазарот дека остварувала профит на штета на другите стопански субјекти кои ја вршеле фотографската дејност. Имено, фотографирањето со посебните стандарди за потребите за издавање на пасоши претставува биометриска карактеристика и е составен дел на управната постапка а не фотографирање како стопанска дејност за која важат исклучиво пазарните законитости.
Од овие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените оредби од Законот и Правилникот, со членот 55 од Уставот на Република Македонија, на што се однесуваат наводите во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.220/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски