257/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на

a) Правилникот за единствените критериуми и постапката за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола донесен од Универзитетскиот сенат на 12-та седница одржана на 03.02.2003 година,
б) Статутот на Полициската академија бр. 5-0201/35 донесена од Управата за Полициската академија на седницата одржана на 01.11.2005 година, и
в) Конкурсот за наставници и соработници на Полициската академија објавен во “Дневник“, “Утрински весник“ и “Вест“ на 31.05.2007 година.

2. М-р Орданчо Пецов од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, распишаниот конкурс точно однапред требало да означи за кое соработничко звање ќе се вршел изборот: дали за помлад асистент или за асистент, значи едното од двете.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека Законот не им оставал никаква можност за манипулација на надлежните за избор, туку однапред требало да се знае за точно кое работно место има потреба и таквото работно место да се објавува за слободно, а на конкурсот да се јават соодветни кандидати што ги исполнуваат пропишаните законски услови. Тоа практично значело дека рецензионата комисија му давала предност на некој дипломиран студент пред два месеца и го избрала за помлад асистент, а го игнорирала кандидатот што е магистер на науки точно од областа за која се барал соработникот.

Притоа, подносителот на иницијативата смета дека наведените акти претставувале општи прописи наменети за неограничен и однапред непредвидлив број и круг на корисници, и затоа му предлага на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник, статут и конкурс и тие акти да бидат поништени.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Правилник за единст­вените критериуми и постапката за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола, се уредуваат единствените критериуми и постапката за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола.

Судот на седницата, исто така, утврди дека со оспорениот Статут на Полициската академија во Скопје се утврдуваат и се уредуваат: начинот на остварување на улогата, задачите и дејностите на Академијата; правниот статус и обележјата; остварувањето на автономијата; условите под кои се врши самоевалуацијата на Академијата; финансирањето на дејноста и имотот на Академијата; јавноста во работата; органите на Академијата; високообразовната дејност; правата и обврските на студентите; дипломите, уверенијата, промоциите за завршени студии и евиденцијата; континуираното образование; наставно-научните и соработничките звања; признавањето на високообразовните студии; организирањето на издавачката дејност; како и други прашања од значење за работата и дејноста на Академијата.

Судот на седницата понатаму утврди дека со оспорениот Конкурс се предвидува дека за избор на наставници и соработници се потребни: еден наставник во сите наставно-научни звања по предметот Криминалистичка техмика; и еден наставник во сите наставно-научни звања по предметот Компјутерски криминал и информациски систем од Катедрата за Криминалистички науки; како и еден наставник во сите наставно-научни звања по предметот Информациско-телекомуникациски систем од Катедрата за Полициски науки.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во врска со делот на иницијативата со која се оспорува Правилникот и Статутот, Судот утврди дека таа не ги содржи потребните елементи утврдени во членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно не се наведени причините за оспорување, ниту пак, се наведени уставните и законските одредби во однос на кои се опспоруваат.

Од содржината на оспорениот Правилник и Статут, произлегува дека тие преставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот, меѓутоа со оглед на тоа што во иницијативата не се наведени причини поради кои се оспоруваат, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по неа во овој дел.

По однос на оспорениот Конкурс, Судот оцени дека од неговиот назив и содржина неспорно произлегува дека е конкретен акт со кој се огласува избор на наставници и соработници, а не пропис со кој на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања на неопределен број на субјекти во правото, и дека поради тоа не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост.

Со оглед на тоа што во иницијативата не се наведени причини за оспорување на уставноста и законитоста на оспорениот Правилник и Статут, и што оспорениот конкурс не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.257/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски