223/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 69 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, прашањето во однос на условите и постапката за враќањето на конзуларен службеник од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на времето за кое е упатен, можело да биде предмет на уредување само со закон и колективен договор, а не и со акт на министерот за надворешни работи, како што е регулирано во оспорената одредба, поради што смета дека министерот за надворешни работи немал уставна основа за донесување на таков подзаконски акт.

Поради наведеното, со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 32 став 5, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 69 од Законот за надворешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 69 од Законот за надворешни работи, дипломатско-конзуларниот службеник може да биде вратен од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на времето за кое е упатен, под услови и постапка утврдени со акт на министерот.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за надворешни работи се уредува начинот и постапката за вршење на надворешните работи од органите на државната власт, надлежностите на органите на државната власт и органите на државната управа во креирањето, утврдувањето и спроведувањето на надворешната политика; надлежноста, организацијата и работата на Министерството за надворешни работи на Република Македонија; видот и постапката за отворање на дипломатски и конзуларни претставништва на Република Македонија; видот и постапката за отворање на дипломатски и конзуларни претставништва на други држави во Република Македонија и правата, должностите и одговорностите на дипломатско-конзуларните службеници во Министерството за надворешни работи и во дипломатските и конзуларните претставништва на Република Македонија. Прашањата од надворешните работи на Република Македонија што не се уредени со овој закон, се уредуваат со други прописи на Република Македонија, со меѓународни договори, со други меѓународни акти што ја обврзуваат Република Македонија и со вообичаените правила што важат во меѓународното право (член 1).

Под дипломатско-конзуларен службеник во смисла на овој закон, се смета државен службеник вработен во Министерството за надворешни работи кој согласно овој закон е овластен да врши надворешни работи (член 2 став 1 точка 5).
Согласно член 63 став 2 од овој закон, правата и обврските од работниот однос на државните службеници вработени во Министерството за надворешни работи се уредени со овој закон, Законот за државните службеници и општите прописи за работни односи.

Според член 65 став 1 од истиот закон, раководниот и стручниот државен службеник вработен во Министерството за надворешни работи може да се стекне со статус на дипломатско-конзуларен службеник и соодветно дипломатско звање по положен дипломатски испит. Согласно ставот 3 на овој член, за положениот дипломатски испит на државниот службеник му се издава уверение, а за стекнување на соодветно дипломатско звање, министерот носи и решение.

Дипломатско – конзуларните звања се утврдени во член 66 од Законот.

Стекнувањето на повисоко дипломатско звање или одземањето на дипломатско звање на дипломатско – конзуларниот службеник, согласно член 67 од Законот, се уредува со акт на министерот во кој се утврдува: постапката за стекнување на секое дипломатско звање, условите и критериумите за редовно и вонредно напредување во дипломатско звање и постапката и условите за одземање на дипломатското звање. Притоа, се утврдува дека напредувањето или одземањето е возможно само во непосредно повисоко, односно пониско звање.

Упатувањето на дипломатско-конзуларен службеник на работа во дипломатско-конзуларно претставништво се уредува со член 68 од Законот. Така, во овој член се утврдува дека упатувањето на работа во дипломатско-конзуларно претставништво се врши врз основа на интерен конкурс кој го распишува Министерството за надворешни работи, се утврдуваат условите кои едно лице треба да ги исполни за да може да се пријави на конкурсот, се утврдува дека постапката за спроведување на изборот ја води комисија која донесува одлука за избор, врз основа на која министерот донесува решение за упатување на дипломатско-конзуларниот службеник во дипломатско – конзуларното претставништво, во трање до четири години.

Со оспорениот член 69 од Законот се утврдува дека дипломатско-конзуларниот службеник може да биде вратен од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на времето за кое е упатен, под услови и постапка утврдени со акт на министерот.

Согласно член 73 од Законот, дипломатско-конзуларниот службеник е должен да постапува во согласност со законодавството на Република Македонија и меѓународното право кое ја обврзува Република Македонија. Во овој член се утврдуваат и посебните должности на дипломатско-конзуларниот службеник, при што се утврдува дека прекршувањето на одредбите од овој член претставува повреда на работната должност и повлекува дисциплинска одговорност.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, како и целината на Законот произлегува дека законодавецот оценил дека е целисходно и оправдано спецификата на работните односи на вработените во Министерството за надворешни работи, кои ги извршуваат работите на надворешните работи и кои имаат статус на државни службеници, да ја искаже во посебна глава од Законот, која носи наслов „Вработени во Министерството ( работни односи )“. Така, во оваа глава законодавецот утврдува дека правата и обврските од работниот однос државните службеници во Министерството за надворешни работи ги остваруваат во согласност со овој закон, Законот за државните службеници и општите прописи за работни односи. Во оваа смисла, со Законот за надворешни работи се утврдени посебните услови за вработување во Министерството за надворешни работи, начинот и постапката на стекнување со статус на дипломатско – конзуларен службеник, се утврдуваат дипломатско -конзуларните звања, се утврдува начинот на стекнување на повисоко дипломатско звање или негово одземање, се утврдува постапката и условите за упатување на дипломатско-конзуларен службеник на работа во дипломатско – конзуларно претставништво, се утврдуваат посебните должности на дипломатско-конзуларниот службеник, неговата обврска за чување на класифицирани податоци, како и платата, додатоците на плата и надоместоците на кои има право дипломатско-конзуларниот службеник.

Согласно член 68 став 5 од Законот, дипломатско-конзуларниот службеник може да биде упатен во дипломатско-конзуларно претставништво во траење до четири години. Согласно оспорениот член 69 од Законот, дипломатско-конзуларниот службеник може да биде вратен од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на времето за кое е упатен, под услови и постапка утврдени со акт на министерот за надворешни работи.

При постоење на наведената законска регулатива, се постави прашањето дали овластувањето на министерот за надворешни работи со акт да ги пропише условите и постапката за враќање на дипломатско-конзуларниот службеник од работа во дипломатско-конзуларно претставништво пред истекот на времето за кое е упатен, значи навлегување на извршната во законодавната власт или пак станува збор за доразработка на законските одредби заради операционализација на Законот.
Во одговор на ова прашање Судот имаше предвид дека спецификата на службата поврзана со вршењето на надворешните работи, подразбира посебно уредување на работните односи за државните службеници кои ги вршат овие работи, што опфаќа пропишување на посебни услови за вработување, утврдување на посебни дипломатско-конзуларни звања кои можат да се стекнат со положување на соодветен испит и во пропишана постапка, како и утврдување на посебни права и должности за оваа категорија на лица. Во оваа смисла, можноста за упатување во дипломатско-конзуларно претставништво и враќањето од такво претставништво е, исто така, специфика на оваа служба, карактеристична и достапна само за оние државни службеници кои ги исполнуваат потребните услови. Притоа, во Законот за надворешни работи во целост се утврдени условите и постапката за упатување и отповикување од должноста на амбасадорот и генералниот конзул, како шефови на дипломатско-конзуларните претставништва, а во однос на другите дипломатско-конзуларни службеници, законодавецот ги утврдил условите и постапката потребни за упатување на лицето во дипломатско-конзуларното претставништво, при што го овластол министерот за надворешни работи да ги пропише условите и постапката за враќање од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на времето за кое бил упатен службеникот.
Имајќи во вид дека во Законот се утврдени посебните должности на дипломатско-конзуларниот службеник, а правата и обврските на дипломатско-конзуларните службеници се утврдени и со Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, која е ратификувана од Република Македонија со што, согласно член 118 од Уставот, истата е дел од внатрешниот правен поредок во Република Македонија, Судот оцени дека постои доволна законска рамка која овозможува министерот за надворешни работи, со подзаконски акт, поблиску да ги определи условите и постапката за враќање на дипломатско-конзуларниот службеник од дипломатско-конзуларното претставништво, пред истекот на рокот за кој бил упатен. Станува збор за мерка која треба да се преземе кон дипломатско-конзуларниот службеник заради заштита на интересите на државата, а која нема директни консеквенци по однос на работниот однос на лицето. Ова од причина што во Законот има јасни одредби според кои прекршувањето на посебните должности и обврски на дипломатско – конзуларниот службеник пропишани со законодавството на Република Македонија, со овој закон и со меѓународното право кое ја обврзува Република Македонија, претставуваат повреда на работните должности и повлекуваат дисциплинска одговорност на лицето, во постапка пропишана со закон. Во оваа смисла, повлекувањето на дипломатско – конзуларниот службеник од дипломатско – конзуларното претставништво пред истекот на рокот за кој истиот бил упатен, значи враќање на државниот службеник на работно место во Министерството за надворешни работи, на соодветно работно место, а во зависност од причините за неговото враќање, понатаму може да следува водење на дисциплинска постапка или постапка за одземање на дипломатско-конзуларното звање.

Според Судот, враќањето на дипломатско – конзуларниот службеник од дипломатско-конзуларното претставништво пред истекот на рокот, претставува мерка во функција на заштита на угледот и достоинството на државата, позната во меѓународните акти што ја обврзуваат Република Македонија и во вообичаените правила што важат во меѓународното право, за која постои законска рамка за нејзино доуредување со подзаконски акт на министерот за надворешни работи, поради што пропишувањето на услови и постапка за враќањето на овие државни службеници од страна на министерот за надворешни работи, е во функција на разработка на Законот заради негова операционализација и не претставува навлегување на извршната во законодавната власт, како што се наведува во иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 69 од Законот за надворешни работи со одредбите на член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 32 став 5, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.223/2007
13 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски