215/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 26 и 27 став 1 точки 3 и 11 од Статутот на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, донесен од Надзорниот одбор на Друштвото бр.02-2709/1 од 7 април 2006 година.

2. Александар Петроски – адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 26 и член 27 точки 3 и 11 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Статутот со кој е предвидено генералните директори колективно да одлучуваат во прв степен за поединечни права, обврски и одговорности на вработните се повредувало со Устав гарантираното право на приговор (жалба) на работникот бидејќи по приговорот во втор степен се предвидувале да одлучува ист орган што одлучувал во прв степен, на кој начин се повредувале членовите 8 и 15 од Уставот на Република Македонија и членовите 86, 93 и 181 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 26 од Статутот на Електростопанство на Македонија АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија е предвидено дека „друштвото го застапуваат двајца членови на Управниот одбор колективно (генерални директори) или еден член на управниот одбор (генерален директор) заедно со едно лице на кое му е дадено генерално полномошно („прокурист“) именуван од Надзорниот одбор.

Во оспорениот член 27 од наведениот Статут се утврдени надлежностите на генералните директори при што, покрај другото, во точката 3 е утврдено дека тие ја утврдуваат одговорноста на работниците, а во точката 11 е утврдено дека тие одлучуваат во прв степен за поединечни права, обврски и одговорности на вработните.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото, Судот смета дека во конкретниот случај Статутот нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, туку е интерен акт со кој се уредуваат прашања од значење за работата на Друштвото во согласност со закон.

Со оглед на тоа што Статутот нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.215/2007
5 март 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски