240/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапкз а оценување на уставноста на членовите 94-а ставови 1 и 2, 94-б, 94-в,, 94-г и 94-д од Законот за изменување и дополнување на Законот за пресоналниот данок од доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 94-а став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Панче Нефтенов, адвокат од Скопје и Стојан Белчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му пдонесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативите, со оспорените одредби од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, како и Амандманот XXV на Уставот. Имено, според наводите во иницијативата, со оспорените одредби произлегувало дека органот за јавни приходи имал ексклузивно право надвор од поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, за свои неутврдени побарувања да води своја постапка за утврдување на истите и притоа да определува казна, иако истата во оспорениот член 94-д била наведена каматна стапка, надвор од единствениот систем на казни уреден со друг закон и во друга постапка. За разлика од тоа за сите останати учесници во правниот промет Законот предвидувал постоење на решение за присилна наплата кој термин бил познат во Законот за извршување. Оттука, произлегувало дека Управата за јавни приходи била ставена во привилегирана положба во однос на другите субјекти учесници во платниот промет без соодветна постапка за докажување на основаноста и утврдување на висината на своето побарување, истовремено да наплатува покрај казнената камата од 0,1% дневно и дополнителна камата од 70%, која можност ниту еден друг доверител, ниту со утврдено побарување, ја немал. Со ваквиот двоен режим, на учесниците во платниот промет, останатите учесници се доведувале во нерамноправна положба и со тоа се повредувал принципот на владеење на правото, како и уставната определба за еднавка правна положба на субјектите на пазарот.

Поради наведеното, се предлага да се поништат сите оспорени законски одредби и истовремено Судот да определи времена мерка, односно да донесе решение за запирање на извршување на овие одлуки, со цел спречување на ненадоместлива штета кај даночните обврзници.

4. Судот на седницата утврди дека според член 94-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за персонален данок од доход кога лице поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, односно имотот кој го поседува и средствата со кои располага потекнуваат од приходи на кои не е утврден данок или не е доволно утврден, органот за јавни приходи може да покрене посебна постапка за задолжување со данок на тој имот или приход.

Во постапката од ставот 1 на овој член лицето е должно на органот за јавни приходи да му ги презентира доказите за изворите на средствата од кои е набавен имотот и средствата со кои располага лицето.

Постапката од ставот 1 на овој член може да се покрене доколку со одредбите на овој закон не настанала застареност на правото за утврдување на данок.

Според член 94-б од истиот закон, решението за покренување на посебна постапка го донесува органот за јавни приходи на чие подрачје лицето има живеалиште.

Против решението од ставот 1 на овој член може да се изјави жалба до Министерството за финансии.

Во член 94-в од Законот е предвидено дека ако во постапката се утврди дека имотот, односно средствата се стекнати од неоданочени или нецелосно оданочени приходи, органот за јавни приходи донесува решение за утврдување на данокот.

Со член 94-г од Законот се предвидува дека основа за пресметување на данокот претставува разликата меѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за нејзино стекнување.

Во член 94-д од истиот Закон е предвидено дека данокот на непријавните приходи се пресметува по стапка од 70%.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, изршна и судска.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополското однесување на пазарот.

Според точката 1 на Амандманот XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 1 од Законот за пресоналниот данок од доход, со овој закон се воведува персонален данок од доход и се уредува начинот на оданочување на доходот на граѓаните.

Според членот 2 од истиот Закон, персонален данок од доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите исвори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон.

Со Законот за персонален данок на доход е регулирано дека органот за јавни приходи врши утврдување и наплата на данокот на доход, а обврзникот на данокот од доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за доходот што го остварил. Ова со оглед на тоа што предмет на оданочување е доходот кој бил остварен од страна на даночниот обврзник.

Во членот 7 став 1 од истиот закон, е предвидено дека обврзник на данокот од доход е секое физичко лице резидент во Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.

Според членот 69 став 1 од Законот, обврзникот на данокот од доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за остварениот доход по истекот на годината за која се утврдува данокот најдоцна до 15 март наредната година.

Основот за утврдување на данокот е всушност остварениот доход во годината за која се однесува данокот, при што е разработен систем на пресметување на аконтација на данокот на доход во текот на годината. За предвидените два вида аконтации и тоа аконтација на данокот по одбивка и аконтација на данокот по решение, Законот го пропишал начинот на утврдување и наплата на данокот.

Од анализата на оспорениот член 94-а од Законот, произлегува дека органот за јавни приходи може да покрене постапка за задолжување со данок на оној имот кој е поголем од оданочениот, односно имот кој го поседува лицето и средствата со кои располага потекнуваат од приходи на кои не е утврден данок или не е доволно утврден. Ваквото законско решение, според Судот, е во согласност со Уставот на Република Македонија, односно со член 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Оттука, со оспорениот член 94-а ставовите 1 и 2 од Законот, се утврдува уставната обврска на секој граѓанин да плаќа данок и други јавни давачки.

По однос на оспорениот член 94-б од Законот, според Судот, истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија, бидејќи од содржината на истиот произлегува дека решението за покренување на посебна постапка го донесува органот за јавни приходи на чие подрачје лицето има живеалиште, кое е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4, од причина што во конкретниов случај станува збор за управна постапка, која се води согласно одредбите од Законот за општата управна пстапка како lex specialis. Оттука, неприфатливо е тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните бидејќи тие согласно со законот се должни да ги пријават приходите за оданочување, а органот за јавни приходи има обврска да утврди и наплати данок од годината во која требало да ги утврди даночните обврски.

Оспорените членови 94-в и 94-г од Законот, всушност го разработуваат начинот на кој се спроведува постапката за утврдување на данокот и ослободување за негово пресметување, што според Судот е во согласност со уставните норми. Имено, со оспорените одредби, всушност се уредува посебната постапка за задолжување со данок на непријавен имот и приход, а не се однесува на постапката за присилна наплата, на што се алудира во иницијативата.

Од анализата на оспорениот член 94-д од Законот, според Судот, право е на законодавецот да ги определи начинот и висината на стапката на данокот на непријавените приходи. Интенцијата на ова законско решение, според Судот е зајакнување на даночната дисциплина на даночните обврзници редовно и целосно да го пријавуваат својот имот и да ја исполнуваат својата уставна обврса регулирана во членот 33 од Уставот.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба на членот 94-а став 3 од Законот, била предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредбите од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата и Судот со Решение У.бр.17/2006 од 26 април 2006 година не повел постапка за оценување на уставноста на ставот 3 на член 94-а од Законот.

Имено, според ставот на Судот, со оспорениот дел од одредбата не настапувало повратно дејство на законот, ниту се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните, со оглед на фактот што тие имале обврска да ги пријават во целост своите приходи за оданочување. Во тој контекст органот за јавни приходи имал право да ги презема сите неопходни мерки, пред настапувањето на застареност на правото на утврдување на данок, за наплата на даночната обврска која со Устав е предвидена.

Со оглед на тоа, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување по однос на оспорениот член 94-а став 3 од Законот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр240/2007
5 март 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски