144/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2008 и 22 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 247 став 1 алинеја 6 во делот „не постари од 10 години“ и „не постари од 15 години“ и алинеја 7 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008 и 106/2008-исправка).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 248 став 2, 251 став 2, член 261, 270 став 2, член 283 ставовите 2, 3, 4 и 5, член 284 ставовите 2, 3, 4, 5, 6 и 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 248 став 1, член 266 став 1 алинеја 1, член 267 став 1 алинеја 1, член 283 став 1, член 284 став 1 и член 285 од Законот означен во точката 1 од решението.

4. Трговско друштво за транспорт, туризам и трговија “Омега Адем” ДООЕЛ експорт-импорт – Гостивар претставувано од управителот Адем Исмани од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата член 247 став 1 алинеја 6 не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот, затоа што предвиденото законско решение без јасно дефинирање што се смета како работни и помошни простории, дава можност за најразлични злоупотреби од страна на Министерството за внатрешни работи кое како дискреционо овластување за утврдување на факти во смисла на тоа дали се исполнети условите од член 247 за да издаде лиценца за автошколата, можело најразлично да го толкува законот и на одредени правни или физички лица да им издаде лиценца, а на некои не.

Понатаму, подносителот наведува дека во услови кога автошколата има соодветно определена просторија (училница) и соодветно уреден простор за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на автошколата, потребата од помошни и работни простории не можела да се наметне како законска обврска, туку самата автошкола во зависност од обемот на работата ќе си определувала дали има потреба од други помошни и работни простории освен оние кои се законска обврска од член 247 став 1 алинеи 3 и 4, заради непречено функционирање на автошколата.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 247 став 1 алинеја 7 во делот “не постари од 10 години” и “не постари од 15 години” не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот, затоа што со ограничувањето на старосната граница на возилата се јакнеле монополската положба и однесување на пазарот на одредени субјекти поради што наведениот услов претставувал несоодветно наметнато законско решение. Имено, според подносителот на иницијативата најголем број од постојните авто-школи не ги исполнувале бараните услови во поглед на старосната граница на возилата, a сите анализи покажувале дека многу е мал, речиси занемарлив бројот на сообраќајните незгоди предизвикани со возила на авто школите, што значи старосната граница немала никакво влијание врз безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Според подносителот на иницијативата не требало да постои никаква законска пречка едно техничко исправно возило од категоријата “Б” постаро од 10 години или за останатите категории постари од 15 години за кое не постои никакво ограничување да се регистрира и користи во сообраќајот согласно членовите 326, 328, 357 и 358 од Законот, да не можело да се користат за оспособување на кандидати за возачи, особено ако се имал предвид фактот што кандидатите за возачи возилото го управувале под надзор. Понатаму, тој наведува дека законодавецот немал направено соодветна анализа за тоа колкав е бројот на кандидати кои се оспособуваат за возачи од категоријата Ц, Д и Е и дали во зависност од обемот на работатата кај автошколите би постоел интерес своите технички исправни возила постари од 15 години да ги заменат со нови.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 248 ставови 1 и 2 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 44 од Уставот. Ова затоа што во суштина со наведеното законско решение законодавецот ги условувал автошколите да вработуваат кадар кој во Република Македонија бил дефицитарен, a имајќи предвид дека за формирање и почеток со работа на испитните центри се барал кадар од ист профил се доведувало во прашање опстојувањето на автошколите, бидејќи тие кадри се помалку ќе биле заинтересирани за предавачи во автошколите отколку за претседатели и членови на испитните комисии. Потребата од вработување на стручен кадар требало да биде оставена на личен избор на основачот на автошколата во зависност од своите потреби. Образованието во смисла на средно, вишо или високо не требало да биде фактор од кој ќе зависи работењето на автошколите. Оттука, според подносителот со оспорените одредби се доведувало во прашање начелото на еднаквост, односно на граѓаните со закон им се ограничувале работните места и уставно загарантираното право на слободен избор на работа.

Подносителот на иницијативата од истите причини ги оспорува и членовите 266 став 1 алинеја 1 и член 267 став 1 алинеја 1 во делот (технички факултет сообраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет) со кој се вршело и ограничување на образованието. Имено поаѓајќи од фактот што во автошколите се вршело спроведување на оспособување на кандидати за возачи од соодветни категории во однос на образованието на лицата кои ја спроведуваат обуката на кандидати за возачи на преден план требало да биде специјалното образование за занимање возач-инструктор, a не кадар од определени факултети.
Според подносителот на иницијативата оспорените членови 251 став 2 и 270 став 2 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 55 од Уставот затоа што со законско решение Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за образование и наука да ги изготвува пробните тестови и тестовите за полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит се создавала монополска положба на Министерството за внатрешни работи без притоа да биде дадена можност и на другите правни и физички лица со претходна согласност на Министерството за образование и наука да можат да ги изготвуваат тестовите.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 261 од Законот, законодавецот ги ставал во нерамноправна положба граѓаните на Република Македонија, a со тоа и субјектите од областа на сообраќајот, бидејќи на едни им го ускратувал со Уставот загарантираното право на слободен избор при остварувањето на правото со стекнување на образование од оваа област, поготово кога со Уставот е дозволено остварување и функционирање на високо образовни институции-приватни факултети и други образовни субјекти. Од друга страна, пак, законодавецот ги фаворизирал одделни субјекти, по непознат основ, односно го иницирал монополизирањето на одредени субјекти, односно создавал монопол во оваа област, што било спротивно на Уставот и претставувало грубо кршење на одредени права на едни наспрема фаворизирање на други граѓани и правни субјекти.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови 283, 284 и 285 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 44 и член 32 став 1 од Уставот. Ова затоа што со законско решение возач-инструктор на секои четири години да врши проверка на стручност како и предвидената санкција за одземање на лиценцата создавало правна несигурност кај граѓаните. Специјалистичко образование стекнато согласно со програма за полагање на возач-инструктор не можело да биде одземено причини наведени во член 284 од оспорениот закон.

Според подносителот на иницијативата државата требало да се грижи за еднаков третман на своите граѓани со најразлични профили на образование, звања и титули. Меѓутоа, таа не можела да предвиди само возачите инструктори да го обновуваат своето знаење и стручност, a тоа да не важи за останатите профили и занимања како што се лекари, судии, адвокати, инженери и друго.

5. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 247 став 1 алинеите 6 и 7 од Законот, покрај другите услови што треба да ги исполни автошколата заради опособување на кандидати потребно е „да има други работни и помошни простории кои овозможуваат непречено оспособување на кандидати за возачи во сопственост на автошколата или под закуп“ и „да има најмалку две возила од категоријата „Б“ не постари од 10 години, а за останатите категории по едно сопствено возило или возило под закуп, не постари од 15 години“.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеење на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и со закон.

Co член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, a според ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монопоското однесување на пазарот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и содржината на член 247 став 1 алинеја 6 од Законот, според која како услов за вршење на дејноста обука на кандидати од страна на авто-школите, е потребно покрај соодветно опремена просторија (училница) уреден простор за прием на кандидати и за работа на стручниот раководител и сообраќаен автодром-сопствен или под закуп, автошколата “да има и други работни и помошни простории” чие значење не е определено ниту со Законот за бебедност на сообраќајот на патиштата, ниту со други закони, Судот оцени дека со основ може да се постави прашањето дали вака предвидениот услов не остава простор Министерството за внатрешни работи од случај до случај да цени и да определува кои се тие други работни и помошни простории, односно да одлучи дали одредена автошкола ги исполнува условите врз основа на што се издава лиценца за работа, на кој начин се доведува во прашање начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

По однос на оспорената одредба од член 247 став 1 алинеја 7 од Законот, според која автошколата може да обавува дејност на обука на кандидати за возачи со возила кои не се постари од 10 односно 15 години, Судот оцени дека со основ може да се постави прашањето за нејзината согласност со начелото на слобода на пазарот и претприемништвото.

Според мислењето на Судот, а имајќи ја предвид одредбата од член 55 од Уставот, законодавецот може да ги определи условите за обавување на определена дејност, меѓу кои може да ги предвиди и техничко експлоатационите услови на моторните возила кои учествуваат во сообраќајот, a со цел обезбедување на одреден степен на безбедност во сообраќајот.

Во одредбите од членовите 357 и 358 од Законот е предвидено дека заради проверување на техничката исправност на моторните и приклучните возила со кои се врши јавен превоз на патници, на возила за прва помош, превоз на опасни материи, возила за изнајмување и возилата на автошколите кои вршат обука на кандидати за возачи, технички преглед се врши на секои 6 месеци (вонреден технички преглед) со што според мислењето на Судот ваквата обврска има за цел учесниците во сообраќајот кои поинтензивно учествуваат во сообраќајот да возат технички исправни возила со што се обезбедува одреден степен на безбедност во сообраќајот.

Меѓутоа, ако вака предвидената засилена контрола на техничка исправност на возилата се однесува на горенаведените учесници во сообраќајот меѓу кои се и автошколите со основ се поставува прашањето која била целта на законодавецот предвидениот услов за горната старосна граница на возилата да се однесува само за возилата на автошколите, a не и за други учесници во сообраќајот.

Според мислењето на Судот, предвидениот услов во суштина значи ограничување на можноста за вршење на дејноста обука на кандидати за возачи на правните субјекти кои ја обавуваат оваа дејност со возила постари од 10 односно од 15 години на кој начин се создава можност од монополско однесување на субјектите на пазарот кои се во можност да поседуваат односно изнајмуваат возила чија старосна граница е под предвидениот максимум што е во спротивност со одредбите од членот 55 од Уставот, според која Републиката презема мерки против монополското однесување на пазарот.

6. Судот, понатаму утврди дека во членот 248 став 1 од Законот е предвидено дека стручен раководител од членот 247 став 1 алинеја 1 на овој закон може да биде лице кое: – има завршено високо образование, има работно искуство од најмалку три години на работи поврзани со образование, односно оспособување на кандидати за возачи и поседува возачка дозвола за инструктор за оние категории возила за кои во авто школата се оспособуваат кандидати за возачи.

Во оспорениот став 2 на наведениот член е предвидено дека предавач од членот 247 став 1 алинеја 1 на овој закон може да биде лице кое: има завршено високо образование (технички факултет, полициска академија, правен или педагошки факултет), има работно искуство од најмалку три години на работи поврзани со образование односно оспособување на кандидати за возачи и поседува возачка дозвола од категоријата “Б”.

Имајќи ги предвид одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 44 од Уставот, содржината на оспорениот член 248 став 2 од Законот во кој се утврдени условите што треба да ги исполнува лицето предавач на автошколата, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за извршување на одредени задачи за одредени работни места и да го утврди степенот на образованието и работното искуство, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

7. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 251 став 2 од Законот е предвидено “проверката од ставот 1 на овој член се спроведува писмено на претходно изготвен пробен тест од Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за образование и наука“.

Во оспорениот член 270 став 2 од Законот е предвидено: теоретскиот дел од возачкиот испит од ставот 1 на овој член се полага писмено, на претходно изготвен тест од Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за образование и наука.

Тргнувајќи од содржината на одредбите на член 68 став 1 алинеја 2, член 95 и член 96 од Уставот како и одделни одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за внатрешни работи произлегува дека Министерството за внатрешни работи е орган на државната управа кој работите од својата надлежност ги извршува во рамките на Уставот и законите. Во тој контекст покрај наведените закони, со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата односно во повеќе негови одредби се предвидени одредени ингеренции на Министерството за внатрешни работи меѓу кои е и регулирањето и контролата на сообраќајот на патиштата и други работи поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Co оглед на наведеното Судот оцени дека со оспорените одредби од членовите 251 став 2 и 270 став 2 во кој е предвидена проверка за тоа дали кандидатот поседува потребно знаење од правилата за сообраќајот на патиштата за да може да отпочне со практично управување со возилото (пробен тест) односно полагање на теоретски дел од возачкиот испит на посебни тестови кои ги изготвува Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за образование и наука, наспрема наводите содржани во иницијативата дека со наведените одредби не се создава монополска положба на Министерството за внатрешни работи во однос на другите субјекти на пазарот и не можат да бидат доведени под сомнение во однос на начелото на слободата на пазарот и претприемништвото и другите одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Ова оттаму што Министерството за внатрешни работи не настапува на пазарот како субјект со цел да оствари приход туку како орган на власта, a со цел пробните тестови и тестовите од теоретскиот дел од испитот изготвени од негова страна, a во согласност со Министерството за образование и наука да бидат воедначени за сите кандидати за возачи.

8. Понатаму, Судот утврди дека сo Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата односно во оспорениот член 261 како и членовите 262 и 263 од Законот, е уредено прашањето на организирање и спроведување на возачки испит за кандидати за возачи и проверка на стручноста на возачите-инструктори од страна на испитните центри кои се организираат во согласност со организацијата на соодветните организациони единици на Министерството за внатрешни работи.

Испитните центри можат да организираат и спроведуваат возачки испити на кандидати за возачи и проверка на стручноста на возачи инструктори по добивање на лиценца доколку ги исполнуваат со закон предвидените услови и кои услови се однесуваат на техничка и кадровска определеност на правните лица кои на јавен конкурс претендираат да ја обавуваат оваа дејност односно услуга.

Имајќи ги предвид одредбите од Уставот според кои Собранието на Републиката како носител на законодавната власт донесува закони во сите области на општествениот живот, што значи, меѓу другото, да ги уреди и прашањата и односите повразни со безбедноста на сообраќајот на патиштата, Судот оцени дека право е на законодавецот во оваа област да ги уреди и прашањата кои се однесуваат на тоа кој ќе го организира и спроведува возачкиот испит и испитот на проверка на стручноста на возачите-инструктори, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 261 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Притоа, дали законодавецот ќе се одлучи возачкиот испит и проверката на стручноста на возачот инструктор да го спроведува Министерството за внатрешни работи преку сопствени комисии, дали преку автошколата со учество на член во комисијата од страна на Министерството за внатрешни работи како што тоа беше случај до сега и за што во суштина подносителот на иницијативата се залага, или тој испит и проверка да ги спроведуваат испитните центри како што со оспорениот член е предвидено е прашање на целисходност, a не прашање кое може да се оценува од уставно правен аспект.

9. Судот исто така утврди дека во оспорениот член 283 став 2 од Законот е предвидено дека по спроведување на проверката од ставот 1 на овој член на која возачот-инструктор покажал задоволителни резулатит, добива лиценца за оспособување на кандидати за возачи од Министерството за внатрешни работи. Понатаму, во ставот 3 е предвидено дека проверката на стручноста од ставот 1 на овој член ја спроведува комисија формирана од овластен испитен центар. Според ставот 4 на наведениот член комисијата од ставот 3 на овој член е составена од претседател и два члена, од кои претседателот е претставник од Министерството за внатрешни работи, a членовите на комисијата се претставници од Министерството за образование и наука и овластениот испитен центар, а според став 5 од истиот член комисијата од ставот 3 на овој член проверката на стручноста на возачот-инструктор ја спроведува согласно со програма утврдена од министерот за образование и наука.

Во оспорениот член 284 став 2 од Законот е предвидено дека: проверката на стручнота од ставот 1 на овој член ја врши комисијата од членот 283 став 4 на овој закон. Според ставот 3 на овој член возачот-инструктор кој при проверката на стручноста не покаже задоволителни резултати ќе се упати на повторна проверка во рок од 30 дена од денот на добивањето на резултатите од првата проверка. Во ставот 4 пак на овој член е предвидено дека во периодот до спроведување на повторната проверка возачот-инструктор нема право да врши оспособување на кандидати за возач. Според став 5, пак, на возачот-инструктор кој нема да се подложи на проверка на стручноста, како и возачот-инструктор кој и по втората проверка на стручноста не покаже задоволителни резултати му се одзема лиценцата за оспособување на кандидати за возач и истиот нема право да врши оспособување на кандидати за возачи. Во ставот 6 од истиот член е предвидено дека решението за одземање на лиценцата од ставот 5 на овој член го доенсува министерот за внатрешни работи, а според ставот 7, решението од ставот 6 на овој член е конечно и против него може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

Имајќи ги предвид одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 и член 44 од Уставот, содржината на член 283 ставовите 2, 3, 4 и 5 и член 284 ставовите 2, 3, 4, 5, 6 и 7 од Законот во кој е уредено прашањето на спроведување на постапка за добивање на лиценца за оспособување на кандидати за возачи како и проверка на стручноста на возачите и инструкторите по истек на определен временски период, можноста за одземање на лиценцата од страна на Министерството за внатрешни работи како и правото на судска заштита против решение за одземање на лиценцата наспрема наводите од иницијативата дека со наведените членови се создава правна несигурност кај граѓаните, како и тоа дека Министерството за внатрешни работи не може да го одземе специјалистичкото образование, Судот оцени дека не се основани.

Според Судот право е на законодавецот да ги уреди прашањата на посебните постапки кои се однесуваат на добивање на лиценца за оспособување на кандидати за возачи, на проверка на стручноста на лицата кои вршат обука на кандидати за возачи, да го уреди прашањето на составот на комисиите кои спроведуваат проверка на стручноста, можноста за одземање на лиценца од страна на Министерството за внатрешни работи кое ја издало лиценцата како и правото на возачот-инструктор на кого му е одземена лиценцата да поведе управен спор.

По однос на наводите во иницијативата дека проверката на стручноста на возачот-инструктор треба да се спроведува во автошколата каде ова лице е вработено, a не пред испитен центар Судот оцени дека е прашање на целисходност, a не прашање кое може да се подведе и оценува од уставно правен аспект.

10. Во однос на наводите од иницијативата со кои се оспоруваат членовоте 248 став 1, 266 став 1 алинеја 1, 267 став 1 алинеја 1, 283 став 1 и 284 став 1 a кои се оспоруваат од истите причини како и причините наведени во иницијативата по предметот У.бр. 130/2007, a за кои Уставниот суд не најде основ за поведување на постапка за оценување на нивната уставност, Судот оцени дека согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли.

Воедно, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли и по однос на член 285 од Законот, затоа што во иницијативата не се наведени причини за неговата несогласност со Уставот.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

12. Решението од точката 1 во однос на член 247 став 1 алинеја 6, точките 2 и 3 е донесено во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

13. Решението по точката 1 во однос на член 247 став 1 алинеја 7 е донесено со мнозинство гласови
во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2007
5 март и 22 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски