Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седниците одржани на 27 февруари и 17 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 8 став 4, 13 став 2 и 34 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2007).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 8 став 4, 13 став 2 и 34 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 8 став 4 од Законот не била во согласност со Уставот поради тоа што во кој случај и под кои услови бил нарушен мирот можело да го утврди Собранието на Република Макеоднија, како носител на законодавната власт со закон, а не со подзаконски пропис на Владата на Република Македонија со што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членовите 51, 61 став 1, 68 став 1 алинеја 2, 88 и 99 алинеи 1 и 5 од Уставот.
Согласно член 13 став 2 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, ако службеното лице од ставот 1 на овој член бил полициски службеник на сторителот ќе му се изречела глоба во износ од 600 до 900 евра во денарска противвредност. Подносителот на иницијативата оспорениот став 2 го споредува со ставот 1 од истиот член и смета дека постои разлика во правната заштита помеѓу службеното лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата, од една страна, и ако тоа службено лице е полициски службеник, од друга страна, така што, полицискиот службеник, во однос на другото службено лице од ставот 1 на овој член, се заштитувал со построга и повисока прекршочна казна. Со тоа законодавецот направил разлика, нееднаков третман на граѓаните на Република Македонија во слободите и правата по однос на општествената положба. Со таквата законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот.
Оспорената одредба од член 34 од Законот била паушална и не јасна, затоа што не се знаело точно за кои прекршоци од овој закон се работи. Поради што во практиката оваа одредба можела да се злоупотребува или пак применува исклучиво на штета на родителот или старателот чие дете, односно штитеник поради занемарено грижење вршело прекршоци од овој Закон. Тешко или невозможно било да се утврди што се подразбирало под поимот „занемарено грижење“. Со оваа законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 14 став 1 и член 51 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 8 став 4, член 13 став 2 и член 34 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 став 4 од Законот, Владата на Република Македонија ќе донесе подзаконски пропис со кој ќе утврди во кој случај и под кои услови се смета дека е нарушен мирот од ставот 1 на овој член.
Според оспорениот член 13 став 2 од Законот, ако службеното лице од ставот 1 на овој член е полициски службеник на сторителот ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 900 евра во денарска противвредност.
Според оспорениот член 34 од Законот, родител или старател чие дете, односно штитеник поради занемарено грижење врши прекршоци од овој закон ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 61 став 1 од Уставот Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Во членот 91 алинеја 1 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а во алинеја 5 од овој член од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Законот за прекршоците против јавниот ред и мир ги утврдуваат прекршоците против јавниот ред и мир, прекшочните санкции, надлежниот прекршочен орган за изрекување на прекршочни санкции, посебните прекшочни мерки за повреда на јавниот ред и мир, како и постапката за приредување на огномет, факелијада или слични приредби.
Во членот 2 од Законот е утврдено дека прекршок против јавниот реди мир врши секој кој со своето однесување или постапка го нарушува мирот, работата или вообичаениот начин на живеење ги омаловажува, понижува и навредува граѓаните, на јавно место ја загрозува нивната безбедност или создава несигурност, го оневозможува непреченото движење на граѓаните на јавни места или го нарушува остварувањето на нивните права и обврски, ја попречува работата и извршувањето на надлежностите на државните органи и други институции кои вршат јавни овластувања, или вршењето на дејностите на правните лица или на друг начин го нарушува јавниот ред и мир.
Разгледувајќи ја оспорената одредба од член 8 став 4 од Законот, произлегува дека Владата на Република Македонија како носител на извршната власт со закон е овластена да донесе подзаконски пропис со кој ќе утврди во кој случај и под кои услови се смета дека е нарушен мирот од ставот 1 на членот 8 од Законот.
Тргнувајќи од цитираните уставни и законски одредби, а во контекст на наводите во иницијативата Судот оцени дека прекршоците против јавниот ред и мир, а особено кога се нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева, вклучувајќи го тука и периодот на нарушувањето на јавниот ред и мир се утврдени во Законот, поконкретно во ставот 1 на членот 8, а со оспорениот став 4 од членот 8 од Законот, Владата е овластена да донесе подзаконски пропис во функција на имлементација на ставот 1 на членот 8 од Законот. Според тоа, во конкретниот случај не станува збор за материја која согласно Уставот е во надлежност на Собранието на Република Македонија, туку подзаконски пропис со кој се операционализира законска одредба заради нејзино извршување која согласно членот 91 од Уставот е во надлежност на Владата на Република Македонија.
По однос на наводите во врска со оспорениот член 13 став 2 од Законот полициски службеник во однос на другите службени лица се заштитувал со построга и со повисока прекршочна казна Судот оцени дека не се основани од причина што тоа е прашање на целисходност на законодавецот какви прекршочни казни ќе утврди по однос на одредени прекршочни дела. Имено, со Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006) се уредуваат полициските работи, организацијата на полициските работи, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи. Во членот 2 од овој закон е утврдено дека полицијата е дел од Министерството во кој се вршат полициски работи преку полициски службеници, а во ставот 2 од овој член од Законот е определено дека полициски службеник е овластено службено лице согласно со одредбите од Законот за внатрешни работи, униформиран и неуниформиран припадник на полицијата со полициски овластувања, кој ги врши полициските работи во согласност со закон.
Имајќи го предвид фактот дека основна функција на полицијата (член 3 од Законот) е заштитата и почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштитата на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството, што значи дека законодавецот посебна тежина им придавал на полициските работи, па оттука и предвидел построга казна врз лицата кои омаловажуват или навредуваат полициски службеник во однос на другите службени лица. Оттука разликата во изрекувањето на глобата за прекршочно дело утврдено во оспорениот член 13 став 2 од Законот не значи нееднаквост меѓу граѓаните, односно не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот став 2 на членот 13 од Законот со членот 9 од Уставот, затоа што овие лица не се наоѓаат во иста правна положба.
Со иницијативата се оспорува одредбата на членот 34 од Законот, затоа што истата била нејасна и непрецизна. Наводите на подносителот на иницијативата според Судот не се основани од причина што со Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (член 2) е утврдено што значи прекршок, како и кој орган е надлежен за изрекување на прекршочните санкции.
Во членот 35 од Законот е утврдено дека за прекршоците утврдени со овој закон во случај кога сторителите се малолетници, прекршочната постапка ја води и прекршочната санкција ја изрекува надлежниот суд. Во членот 36 став 1 од Законот е утврдено дека за прекршоците предвидени со одредбите од членовите 4, 5, 6, 7, 8, 10 став 1, 11 став 1, 16, 20, 22, 24, 25, 26, 27, 28 став 1, 29, 30 став 1, 31 и 32 на овој Закон прекршочната постапка ја води комисија на Министерството за внатрешни работи. Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека комисијата од ставот 1 на овој член е составена од два члена и претседател на комисијата, а во ставот 3 на овој член од Законот е определено дека членовите на комисијата имаат завршено високо образование и работно искуство од најмалку четири години на предметната материја, а претседателот на комисијата е дипломиран правник со положен правосуден испит и работно искуство од најмалку шест години на предметната материја.
Според мислењето на Судот, од наведените законски одредби произлегува дека за изрекување на прекршочна санкција во случај кога сторител на прекршокот е малолетно лице, надлежен орган е судот, што значи дека во судска постапка се утврдува кога постои занемарено грижење на родител, односно штитеник, што би означувало, отсуство на родителска грижа што ќе резултира со вршење на прекршоци утврдени со овој Закон од страна на детето.
Според тоа, имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека наводите на подносителот на иницијативата за непрецизност на оспорената одредба од членот 34 од Законот се неосновани, поради што не го постави прашањето на согласноста на оспорената одредба од членот 34 од Законот со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.150/2007
27 февруари и 17 септември 2008
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски