156/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 13 став 1 и член 14 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2006 и 6/2007).

2. Мултиетничкиот синдикат на образование на Република Македонија МЕСО од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените законски одредби, кои се однесуваат на надоместок за превоз до и од работното место и на надоместокот за исхрана на вработените кај буџетските корисници од централната власт, се определувал дискриминаторски однос на државата кон наведените вработени со оглед дека им се утврдувале пониски надоместоци за превоз и исхрана отколку на вработените во стопанството и кои надоместоци не ги задоволувале елементарните потреби за намената за кои се доделувале. Тоа се правело преку суспендирање на правото на наведените надоместоци определени со Законот за работните односи, кој бил основен закон донесен согласно уставната определба од член 32 став 5, како и определени со колективните договори. Поради тоа, член 13 став 1 и член 14 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 и со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 13 став 1 од Законот, „надоместокот за превоз до и од работното место, по претходно дадена писмена изјава се исплатува за вработените и избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт и единките корисници чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км од работното место, но не повеќе од 900 денари месечно.“ Во член 14 од Законот се определува дека „надоместокот за исхрана (доколку исхраната не е организирана) за вработените кај буџетските корисници од централната власт и единките корисници изнесува 2.300 денари месечно. Надоместокот за исхрана се исплатува по претходно доставени списоци до Министерството за финансии од страна на буџетските корисници од централната власт и единките корисници.“

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Законот и неговите оспорени одредби престанале да важат со истекот на 2007 година, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, па согласно означената одредба од Деловникот на Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2007
20 февруари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски