75/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 февруари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 2 став 2 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.75/2007 од 28 ноември 2007 година поведе постапка за оценување уставноста на член 2 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 2 став 2 од Законот за управните спорови, во управен спор судот одлучува за законитоста на актите на државните органи, Владата и на носителите на јавни овластувања, донесен во форма на пропис ако тие ги уредуваат поединечните односи.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и другите институции што вршат јавни овластувања.

Во членот 50 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Глава IV „Уставен суд на Република Македонија“ односно во членовите 108-113 од Уставот на Република Македонија се уредени сите релевантни прашања за местото, улогата и надлежноста на Уставниот суд. Овој орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, има уставно утврдени ингеренции, така што неговата надлежност не може да биде предмет на законско уредување.

Со Законот за управните спорови се утврдува дека заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, Управниот суд во управните спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечните управни работи, како и за актите донесени во прекршочна постапка ( член 1).

Со член 2 од наведениот закон, децидно е утврдена надлежноста на Управниот суд. Така, се утврдува дека Управниот суд одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон (став 1). Понатаму, Управниот суд, во управен спор одлучува за законитоста на актите на државните органи, Владата и на носителите на јавни овластуавња, донесени во форма на пропис, ако тие ги уредуваат поединечните односи (став 2). Според став 3 на истиот член, во управен спор судот решава и одлучува за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одредбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки, кои се од јавен интерес и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општините и градот Скопје, склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служба (управни договори). Во управен спор судот одлучува и против поединечните акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања),кога за решавање во втор степен против таквиот акт не е обезбедена друга правна заштита (став 4). Во управен спор судот одлучува и за судир на надлежност меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините и градот Скопје и по спорови настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавни овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита (став 5).

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, произлегува дека целта на формирањето на Управниот суд, како посебен суд во судскиот систем на Република Македонија, е во насока на подобрување на ефикасноста, ажурноста и економичноста на судската контрола над поединечните управни акти, во однос на тоа дали се донесени во согласност со прописите од соодветната материјална област, како и тоа дали се донесени согласно постапка пропишана со закон, на кој начин се обезбедува заштита на законитоста на поединечните управни акти, а со тоа и заштита на правата и обврските на граѓаните во соодветна постапка.

Оттука, ако целта на законодавецот била со формирањето на Управниот суд да се обезбеди судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица заради обезбедување на законитоста на поединечните управни акти, пред Судот се постави прашањето која била целта на законодавецот на Управниот суд да му довери надлежност утврдена во член 2 став 2 од Законот, според која Управниот суд е надлежен да ја цени законитоста на актите донесени во форма на пропис, ако тие уредуваат поединечни односи.

Имено, поаѓајќи од околноста дека со пропис се уредуваат поединечни односи на општ начин, односно се уредуваат правни правила на однесување на определен број субјекти врз основа на кои се решава за конкретни ситуации, односно се решава за права и обврски на физички и правни лица, произлегува дека со оспорената одредба, со која на Управниот суд му се дава надлежност да ја цени законитоста на прописите со кои се уредуваат поединечни односи, се остава простор за навлегување во надлежноста на Уставниот Суд на Република Македонија, утврдена во член 110 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што од содржината на оспорената одредба, произлегува дека Управниот суд ги цени прописите со кои се уредуваат поединечни односи на општ начин, наместо да ги цени само оние акти со кои се решава за конкретни права и обврски..

Оттаму, според Судот Управниот суд не може да биде надлежен за оценување на законитоста на прописите со кои се уредуваат односи, што е надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, туку е надлежен да одлучува за правата и обврските на физичките и правните лица повредени со актите на носителите на јавни овластувања во поединечните управни работи.

Со оглед на наведеното, а имајќи ги предвид уставните одредби за надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, во однос на одредбите од Законот за управните спорови со кои е утврдена надлежноста на Управниот суд и посебно содржината на оспорената одредба од член 2 став 2 од Законот, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е доволно прецизна и јасна и дека остава простор за погрешно толкување на надлежноста на Управниот суд, со што се доведува во прашање начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и позицијата на Уставниот суд на Република Македонија утврдена со член 110 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски, и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.75/2007
13 февруари 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски