Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на
а) законитоста на член 4, точка А.1. Одделение за урбанизам и заштита на животната средина, во табелата под ред. бр. 3 – колоната „работно искуство“ од Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација во општина Штип, донесен на 13 февруари 2006 година под бр.040-431/1 и
б) уставноста на постапката за вработувње според огласот бр.62/2007 на урбанистички инспектор – советник во општина Штип.
2. Ленка Стојановска од Штип до Уставниот суд поднесе две иницијативи и тоа: едната иницијатива е поднесена за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорениот дел од Правилникот означен во точката 1 под а) од ова решение, а другата иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на постапката за вработување според огласот бр.62/2007.
Во иницијативата што се однесува за оспорениот дел на член 4од Правилникот се наведува дека при неговата изработка и донесување бил направен „намерен или ненамерен“ пропуст или превид во врска со утврдувањето на работното искуство како посебен услов за работното место советник – урбанистички инспектор. Пропустот се состоел во тоа што во Правилникот за ова работно место биле предвидени само 3 години работно искуство, додека не се предвидувало ова искуство да биде стекнато во вршење на работите од областа на просторното и урбанистичко планирање, како што било утврдено во Законот за просторното и урбанистичко планирање за општинскиот урбанистички инспектор. Понатаму, во оваа иницијатива се наведува дека и покрај ваквата неусогласеност на Правилникот со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Агенцијата за државните службеници на 23.02.2006 година дала писмена согласност. Меѓутоа, оваа согласност значела дека Правилникот е во согласност само со Законот за државните службеници и Законот за локалната самоуправа, а не и со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
На крајот од иницијативата, подносителката како заклучок наведува дека Правилникот не е законит бидејќи не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во иницијативата што се однесува за преиспитување уставноста на постапката за вработување на урбанистички инспектор – советник во општина Штип најнапред се наведува дека во текот на целата постапка биле направени „груби прекршувања, односно неприменување на уставната темелна вредност – владеењето на правото“, пред се од причина што во оваа постапка се одлучувало по Правилникот за систематзација кој не бил усогласен со Законот за просторно и урбанистичкото планирање.
Поради низата нерегуларности и пропусти на кои укажала подносителката на иницијативата и во првостепената и во второстепената постапка, таа смета дека кандидатот Финдаковска Билјана, која не ги исполнувала законските услови (го немала потребното работно искуство според Законот за просторното и урбанистичкото планирање) биланеправилно избрана и вработена на работното место советник – урбанистички инспектор во општина Штип.
3. Судот на седницата утврди дека содржината на Правилникот, чиј дел се оспорува со една од овие иницијативи, е поделена на четири дела: I – Основни одредби; II – Систематизација (распоред) на работните места; III – Опис на работните места и IV – Преодни и завршни одредби.
Во членот 4 од Правилникот кој е лоциран во делот II – Систематизација (распоред) на работните места, се утврдени работните места со звања, условите за нивно извршување и бројот на извршителите потребен за извршување на работите од надлежност на Општината. Во овој член, меѓу останатото, во точка А е предвиден Сектор за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина, а во точката А.1. е предвидено Одделение за урбанизам и заштита на животната средина, во чии рамки пак, под реден број 3 од табелата е утврдено рабното место советник – урбанистички инспектор, со завршен Архитектонски факултет и 3 години работно искуство (оспорен дел).
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и содржината на Правилникот за систематизација на работните места на општинската админстрација во општина Штип, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата за оценување на законитоста на оспорениот дел на овој правилник. Ова од причина што Правилникот со оглед на прашањата што се уредуваат со него, има карактер на интерен акт, а не на пропис во смисла на член 110 од Уставот.
Судот, исто така, утврди дека согласно наведените уставни одредби не е надлежен да одлучува ниту по барањето за оценување на уставноста на постапката за вработување според огласот бр.62/2007 на урбанистички инспектор – советник во општина Штип. За прашањата во врска со тоа дали постапката по определен оглас е спроведена согласно Устав и закон е надлежен да одлучува друг суд, а не Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.260/2007
6 февруари 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски