Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седниците одржани на 6 февруари 2008 година и 17 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 13-в став 1 точка 4 од Законот за Државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007 и 81/2007).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 став 10 и член 13-в став 1 точка 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 12 став 10 од Законот било предвидено дека на членовите на Испитната комисија што вршеле проверка на знаењето на инспекторите за вршење на инспекцискиот надзор, им следувал надоместок што го определувал министерот. Со оглед на тоа што во Законот немало мерила и критериуми за определување на висината на надоместокот, оспорената законска одредба всушност давала овластување на министерот со подзаконски акт да ги уредува овие прашања кои се законска материја, па поради тоа одредбата била неуставна, односно не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 91 алинеи 1 и 5 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.
Со иницијативата, исто така се наведува дека со оспорениот член 13-в став 1 точка 4 од Законот било предвидено дека членот на прекршочната комисија можел да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело. Со оглед на тоа што со наведената законска одредба се предвидувало како правна последица од осудата да се разреши членот на Комисијата по сила на законот, а не како забрана односно казна што ја изрекол надлежниот суд во својата пресуда, произлегувало дека одредбата не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 54 ставовите 1 и 2, амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 12 став 10 од Законот за Државен пазарен инспекторат, на членовите на Испитната комисија им следува надоместок што го определува министерот.
Според членот 13-в став 1 точка 4 од овој закон, член на Комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според членот 91 алинеи 1 и 5 Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Со членовите 13-а, 13-б и 13-в од Законот за Државен пазарен инспекторат, се уредени условите, организацијата и начинот на работа на прекршочните комисии, кои се надлежни за водење на прекршочна постапка за прекршоци од одделни области и за одделни подрачја во Република Македонија, во согласност со надлежноста на апелационите судови определена со Законот за судовите.
Според членот 8 став 3 од Законот, прекршочната комисија на Инспекторатот е составена од службени лица овластени од министерот.
Со оспорената одредба од членот 13-в став 1 точка 4 од Законот, е определено дека член на Комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.
Од анализата на оспорената одредба Судот оцени дека осудуваноста на лицето во текот на вршењето на работите и задачите како член на прекршочната комисија на Државниот пазарен инспекторат, е причина за негово разрешување од должноста член на комисијата. Оспорената одредба од Законот генерално се однесува за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.
Според Судот со оспорената одредба од Законот се ограничува по сила на закон правото на едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулацијата на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.
При оценувањето на уставноста на оспорената одредба од членот 13-в став 1 точка 4 од Законот основен критериум е постоењето на двата принципа на казнено-правниот однос утврден во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука, и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека за одредбата од членот 13-в став 1 точка 4 од Законот основано може да се постави прашањето за согласноста со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.
6. Според членот 1 од Законот за Државен пазарен инспекторат предмет на уредување на овој закон се начелата, надлежноста, организацијата на пазарната инспекција и постапките на инспекцискиот надзор.
Според членот 2, цел на овој закон е организирање на ефикасен систем на инспекциски надзор над економските активности кои се вршат на територијата на Република Македонија, а според членот 3 на овој закон, работите на пазарната инспекција ги врши Државниот пазарен инспекторат, како орган во состав на министерството надлежно за работите од областа на економијата, и Инспекторатот има ствојство на правно лице.
Според членот 4 од Законот, во постапката на инспекцискиот надзор се применува Законот за општа управна постапка, ако со овој закон поинаку не е уредено.
Со членот 12 од Законот се определени организацијата и условите кои треба да ги исполнува инспекторот за вршење на надлежностите. Според одредбите на овој член, инспекторот треба да има висока стручна подготовка и најмалку три години работно искуство во струката, а на секои три години се врши проверка на знаењето на инспекторот според постапка и начин за проверка на знаењето и програма за спроведување на испитот кои ги пропишува министерот на предлог на директорот на Инспекторатот.
Испитот за проверка на знаењето го спроведува Комисија за проверка на стручните знаења на инспекторот, која ја формира министерот, и брои пет члена со мандат од три години.
Во ставовите 7, 8 и 9 од овој член од Законот се утврдени условите, составот и организацијата на Испитната комисија.
Со оспорениот став 10 од овој член од Законот е определено дека на членовите на Испитната комисија им следува надоместок што го определува министерот.
Имајќи го предвид членот 4 од Законот, според кој постапката на инспекцискиот надзор е управна постапка, а со одредбите од Законот за општа управна постапка во Глава IX, се прецизно уредени трошоците на постапката, неспорно е дека прашањето на трошоците на постапката на инспекцискиот надзор е комплексно уредено прашање со наведените закони.
Имено, проверката на стручната способност на инспекторите не е стекнување на степен на стручна подготовка туку подразбира проверка на ниво на знаење и способност на лицата за вршење на инспекцискиот надзор на економските активности, и за тоа инспекторите добиваат соодветна оценка. Испитната комисија за вршење на испитувањето има посебен ангажман и испитувачите имаат трошоци за своето делување во текот на спроведувањето на испитувањето.
Овие трошоци се предизвикани во управната постапка на Државниот пазарен инспекторат, па оттука критериумите за трошоците кои се регулирани во Законот за општата управна постапка, се рамка во која министерот ќе може да се движи при определувањето на надоместокот за членовите на испитната комисија.
Тргнувајќи од напред наведената уставно судска анализа од аспект на наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 12 став 10 од Законот за Државниот инспекторат со Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот во однос на точката 1 го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 2 Судот го донесе решението во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов,
У.бр.184/2007
6 февруари и 17 септември 2008
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски