Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.306-1-03 од 28 декември 2000 година, донесена од Управниот одбор на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП.
2. Зоран Величковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била во спротивност со член 146 од Законот за авторско право и сродните права, затоа што за неа не била дадена согласност од Министерството за култура, ниту пак истата била објавена во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука Управниот одбор на ЗАМП ја донел на седницата одржана на 20 декември 2000 година врз основа на Законот за заштита на авторските права и сродните права и член 38 алинеја 5 од Статутот на ЗАМП.
Со оваа одлука се утврдува минимумот за надомест на музиката за оркестри за свадби, забави и слично за искористување на авторски музички дела во висина од 1.520,00 денари во Скопје, а во другите градови низ Републиката минимумот изнесува 950,00 денари. Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.
Судот, исто така, утврди дека со Правилникот со Тарифа за користење на авторски музички дела донесен врз основа на член 167 став 2 од Законот за авторско право и сродните права, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007) во целост е регулирана висината на надоместокот за музиката за оркестри за свадби, забави и слично за искористување на авторските музички дела, односно утврден е начинот на кој таа се определува.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот на Република Македонија и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од тоа дека висината на надоместокот за музиката за оркестри за свадби, забави и слично за искористување на авторските музички дела целосно е регулирана со новиот Правилник со Тарифа за користење на авторски и музички дела, донесен врз основа на член 167 став 2 од Законот за авторско право и сродните права, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007, Судот утврди дека оспорената одлука не е повеќе дел од правниот поредок на Републиката, затоа што истата престанала да важи со влегувањето во сила на овој правилник. Поради тоа, во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.268/2007
6 февруари 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски