4/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) членот 45 став 2 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2005 и 70/2006) и

б) Критериумите за надомест на нематеријална штета поради смрт, телесна повреда и нарушување на здравјето од употреба на моторни возила, донесени во октомври 2006 година од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Владата на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иници-јатива на Слободан Илиќ и Трајче Китановски, адвокати од Скопје со Решение У.бр.4/2007 од 12 декември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 45 став 2 од Законот означен во точката 1 а) од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 4, со Амандманот XXV и членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот. Исто така, Судот, со истото решение поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Критериумите означени во точката 1 б) од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 52, Амандманот XXV и членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, со членот 45 став 2 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и членот 189 од Законот за облигационите односи.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 45 став 2 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Комисијата утврдува критериуми за надомест на штета поради смрт, телесна повреда и нарушување на здравјето и истите ги доставува до судовите заради одлучување при утврдувањето на надомест на штета поради смрт, телесна повреда и нарушување на здравјето.

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на Владата на Република Македонија на седница одржана на 24 октомври 2006 година, врз основа на оспорениот член 45 став 2 од Законот ги донела оспорените критериуми. Во нив се утврдени околности од кои ќе зависи висината на надоместокот за: претрпена физичка болка, претрпен страв, намалената животна активност, душевната болка поради нагрденост, претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице и надоместокот за душевна болка поради особено тежок инвалидитет на блиско лице. Исто така, во Критериумите е даден табеларен преглед на посебните видови на надоместоци со утврдување на минимален и максимален износ. По однос на доставувањето и примената на Критериумите во нив е определено дека, согласно оспорениот член 45 став 2 од Законот ќе се достават до сите основни и апелациони судови и Врховниот суд на Република Македонија, најдоцна до 15 ноември 2006 година, заради одлучување при утврдување надомест на штета поради смрт, телесна повреда и нарушување на здравјето. Во истиот рок Критериумите ќе се достават и до сите друштва за осигурување и Националното Биро за осигуру-вање заради задолжителна примена при решавање на барањата за надомест на штета во вонсудската постапка. Критериумите ќе се применуваат од 1 јануари 2007 година на сите предмети што се во постапка на одлучување (вонсудски и судски).

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од теме-лните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратифи-кувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во членот 88 од Уставот е предвидено дека Владата е носител на извршната власт, а според членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006 и 115/2007), со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите, основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

Од наведените одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, како носител на извршна власт има уставно и законско овластување во насока на реализација на законски одредби да разработи одделни одредби на закон и другите прашања заради нивно извршување.

Оттука, според Судот не е спорно дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, формирана од Владата, согласно член 44 од Законот за осигурување во сообраќајот може во функција на разработка на одделни законски одредби да носи подзаконски акти, кога за тоа постои реална и правно оправдана потреба.

Според членот 189 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003), за претрпени физички болки, за претрпени душевни болки поради намалување на животната активност, нагрденост, повреда на угледот, честа, слободата или правата на личноста, смрт на блиско лице, како и за страв судот, ако најде дека околностите на случајот, а особено јачината на болките, стравот и нивното траење го оправдува тоа, ќе досуди справедлив паричен надомест, независно од надо-местот на материјалната штета, како и во нејзино отсуство (став 1). При одлучувањето за барањето за надомест на нематеријална штета, како и за висината на нејзиниот надомест, судот ќе води сметка за значењето на повреденото добро и за целта за која служи тој надомест, но и за тоа со него да не им се погодува на стремежите што не се спојливи со неговата природа (став 2).

Тргнувајќи од анализата на наведената законска одредба произлегува дека критериумите од кои ќе зависи колкав надоместок ќе биде досуден во судска постапка се дадени во членот 189 од Законот за облигационите односи, пришто како ограничувачки фактори по однос на висината на надоместот на штета се јавуваат јачината на болките, стравот и нивното траење, значењето на повреденото добро и целта за која треба да служи надоместокот.

Оттаму, при ваква законска уреденост се поставува прашањето која е уставната оправданост во оспорениот член 45 став 2 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот воопшто да се предвиди овластување за Комисијата за автомобилска одговорност да утврдува критериуми за надомест на штета поради смрт, телесна повреда и нарушување на здравјето и истите да ги достави до судовите заради одлучување при утврдувањето на надомест на ваков вид штета.

Според оцена на Судот не постои уставна оправданост за нормативниот потег од оспорениот член 45 став 2 од Законот, а при состојба на јасно определени критериуми од кои зависи висината на досудениот износ на име нематеријална штета (околностите на случајот, јачината на болките, стравот и нивното траење), како и при состојба кога судовите според Амандманот XXV на Уставот се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори, ратификувани во согласност со Уставот.

Со оглед на тоа што не постои уставна издржаност на потребата од натамошна разработка на проблематиката особено не по однос на постапувањето на судовите при досудувањето на ваков вид надоместок, Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, односно владе-ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Дотолку повеќе ако се има предвид дека нематеријалната штета е штета која не може однапред да се определи во фиксен паричен износ утврден во закон. Таа преставува посебен вид на материјална сатисфакција која треба повторно да ја воспостави психичката рамнотежа која била нарушена со трпењето на некоја физичка или психичка болка, кога тоа е можно и е позната уште како pretaium foloris, pecunia doloris. Истата зависи од низа околности чие постоење, јачина, интензитет и времетраење во најголем број случаи се утврдува по пат на вештачење. Потоа судот врз основа на вештиот наод и мислење, имајќи ги предвид сите околности на случајот досудува справедлив паричен надоместок.

Според Судот прашање е дали осигурителните компании во исплатата на ваков вид штета имаат потреба од унифицирана насока или правни правила за воедначен пристап во исплатата на нематеријалната штета во вонсудска постапка за која намена донесените критериуми би можеле да имаат примена. Притоа, ако целта на законодавецот била да се разработат законски утврдените критериуми од кои би зависела висината на надоместокот на штета, во оспорените критериуми извршната власт отишла понатаму одредувајќи минимални и максимални износи на секој конкретен надоместок и определила критериумите да бидат доставени до судовите заради одлучување при утврдувањето на надоместокот. Меѓутоа, во законските одредби, вклучувајќи го и членот 45 став 2 од Законот не постои овластување за операционализација на висината на надоместокот, туку само за критериумите.

Оттаму, на судовите им се наметнува надоместокот да го определуваат не само врз основа на критериумите утврдени во законските одредби, туку и врз основа на критериуми и според рамка дадена во донесените критериуми. Ова не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 4 и Амандманот XXV на Уставот поради што се дове-дува во прашање поделбата на државната власт на извршна, законо-давна и судска, односно доаѓа до мешање на извршната во судската власт, како независна и самостојна власт.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорениот член 45 став 2 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 4, со Амандманот XXV и со членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот.

Имајќи предвид дека Судот не наоѓа уставно оправдан основ за егзистирање на членот 45 став 2 од Законот под сомнение се доведе и егзистенцијата на Критериумите како акт што произлегол од оваа законска одредба во функција на нејзина разработка.

Имено, анализата на Судот покажа дека во законските одредби и посебно во оспорениот член 45 став 2 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот не е дадено овластување во функција на разработка по однос на висината на овој вид надоместок. Исто така, при оцената на уставноста и законитоста на оспорените критериуми од аспект на принципот за поделба на државната власт, особено внимание привлекоа завршните одредби во кои е предвидено Критериумите да се достават до сите основни и апелациони судови и Врховниот суд на Република Македонија најдоцна до 15 ноември 2006 година, заради одлучување при утврдување на ваков вид надомест на штета и да се применуваат од 1 јануари 2007 година на сите предмети што се во постапка на судско одлучување.

Ваквата нормираност, според Судот преставува навлегу-вање на извршната во судската власт од причина што на судовите им се наметнува задолжителна примена на критериумите, како подзако-нски акт во кој се дадени критериуми и е определен минимален и максимален износ на нематеријална штета по однос на сите нерешени случаи сметано од 1 јануари 2007 година.

Оттаму, по однос на оспорените критериуми Судот оцени дека не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 52, Амандманот XXV и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, како и со членот 189 од Законот за облигационите односи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.4/2007
6 февруари 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски