Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 точка 13 во делот „и народниот правобранител“ и член 50 став 1 точка 14 во делот „доколку поинаку не е определено со закон“ од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од ова решение од Законот за локалната самоуправа.
Според наводите на подносителот на иницијативата делот од одредбата од член 36 став 1 точка 13 „и народниот правобранител“ не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија, затоа што во одредбата од член 77 од Уставот на Република Македонија и Амандман XI на Уставот на Република Македонија не било предвидено – пропишано народниот правобранител да постапува по годишниот извештај за јавна безбедност на подрачјето на општината, а кој бил усвоен од советот на општината. Впрочем, таквата обврска на единицата на локалната самоуправа не била предвидена ниту со одредби од членовите од 114 до 117 од Уставот и Амандман XVI и XVII од Уставот на Република Македонија.
Делот од законската одредба на член 50 став 1 точка 14 од Законот „доколку поинаку не е определено со закон“ не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 5 и член 50 од Уставот, затоа што внесувал збрка, недоразбирање кој е тој друг закон со кој било предвидено градоначалникот да не одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација. Оттука, според подносителот оспорениот дел на наведената одредба, целата одредба ја правела нејасна, непрецизна, двосмислена и необразложена со што во практиката можело да дојде и до неправилна и незаконска примена на целата одредба на член 50 став 1 точка 14.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 36 од Законот за локалната самоуправа покрај другите надлежности на советот на единициата на локалната самоуправа во точка 13 е утврдено дека советот на единицата на локалната самоуправа „го разлгедува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и Народниот правобранител“ (оспорен дел).
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во функција на разработка на локалната самоуправа како темелна вредност, Уставот содржи посебна Глава V „Локална самоуправа“, во која се содржани одредби за локалната самоуправа, односно принципот на демократска локална самоуправа, на кој начин на граѓаните им се овозможува непосредно или преку избран претставнички орган да одлучуваат за работата од локално значење во единиците на локалната самоуправа.
Во членот 114 став 1 и 2 од Уставот е утврдено дека на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Согласно Амандман XVI точка 1 со кој е заменет ставот 5 на член 114, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Врз основа на наведените уставни одредби со Законот за локална самоуправа се уредуваат надлежности на општината, непосредно учество на граѓани во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината, општинската администрација, актите на органите, имотот на општината, надзорот над работата на органите на општината … и други прашања од значење за локалната самоуправа (член 1).
Согласно членовите 31, 32 став 1 и член 36 од наведениот закон советот на општината како претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината, покрај другото го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и до Народниот правобранител.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот според која советот на единицата на локална самоуправа усвоениот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината го доставува и до јавниот правобранител не може да биде доведено под сомнение во однос на наведените уставни одредби. Според Амандман XI точка 2 со кој се дополнува став 2 на член 77 од Уставот народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелото на недискриминација, соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.
Според став 4 на член 77 од Уставот, условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредува со закон.
Според член 2 од Законот за народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003) народниот правобранител е орган на Република Македонија кој ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и препуштање на дејствија од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и кој презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби.
Според членот 11 од Законот, Народниот правобранител во вршењето на работите од својата надлежност презема дејствија и мерки за кои е овластен со овој закон заради заштита на уставните и законските права на граѓаните или заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници кога се повредени од органите од членот 2 на овој закон.
Во членот 32 од Законот е уредено кои дејствија може да ги преземе Народниот правобранител кога ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите од членот 2 на Законот.
Тргнувајќи од анализата на наведените одредби од Законот, произлегува дека во нив се разработуваат случаите на можни дејствија што ги презема Народниот правобранител кога ќе покрене постапка по претставка, односно случаите на дејствија што тој може да бара да се преземат кога ќе констатира повреда на уставните и законските права на подносителот на претставката, кога ќе констатира дека се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедницата или се сторени други неправилности.
Во членот 33 став 1 од Законот е уредено кои дејствија може Народниот правобранител да бара да се преземат кога ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања или дека се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедницата во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби или пак се направени други неправилности и доколку оцени дека извршувањето на управниот акт ќе произведе ненадоместлива штета за правото на заинтересираното лице.
Имајќи го предвид наведеното во однос на содржината на оспорениот дел од Законот за локална самоуправа според кој советот на единициата на локалната самоуправа усвоениот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината го доставува и до Народниот правобранител, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани.
Имено, според мислењето на Судот во конкретниов случај не може да стане збор за проширување на надлежноста на Народниот правобранител, туку напротив, поднесениот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината е во насока на доследно остварување на надлежноста на Народниот правобранител кој врз основа на поднесениот извештај може да презема одредени дејствија во функција на остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на член 36 став 1 точка 13 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Судот, понатаму утврди дека во членот 50 од Законот за локалната самоуправа се утврдени надлежностите на градоначалникот на општината, притоа во точката 14 е предвидено дека градоначалникот одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација доколку поинаку не е определено со закон (оспорен дел).
Во членот 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципите на владеењето на правото и локалната самоуправа.
Согласно член 57 од Законот за локалната самоуправа, за извршување на работите од надлежност на органите на општината се организира општинска администрација чии делокруг и начин на извршување на задачите ги утврдува советот врз основа на предлог на градоначалникот.
Согласно член 58 од наведениот закон, за вработувањето, правата и должностите, системот на плати и надоместоци на плати, одговорностите, оценувањето и престанокот на работниот однос на вработените кои имаат статус на државни службеници ќе се применуваат одредбите од Законот за државните службеници, а за вработените во општинската администрација кои немаат статус на државни службеници ќе се применуваат одредбите од работното законодавство.
Во членот 50 од Законот, покрај другите надлежности на градоначалникот на општината е предвидено дека тој одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на ввработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за локалната самоуправа во кои е предвидена примена на Законот за државните службеници на вработените во општинската администрација кои имаат статус на државни службеници и примена на работното законодавство за вработените кои немаат статус на државни службеници, наспрема содржината на оспорениот дел на член 50 точка 14 во делот „доколку поинаку не е определено со закон“ во врска со прашањето за вработувањето, правата и обврските на наведените вработени, Судот смета дека наводите во иницијативата се неосновани. Имено, според Судот, во конкретниов случај станува збор на примена на начелото на супсидијарност кое е застапено односно предвидено во голем број на закони и неговото предвидување не може да претставува доволен основ за изрекување на сомнеж од уставно правен аспект.
Според Судот одредбата според која градоначалникот одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон, не е неприменлива и нејасна, а дали во праксата може да дојде до нејзина неправилна примена е прашање кое излегува надвор од уставно правна оценка.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата од член 50 став 1 точка 14 од Законот за локалната самоуправа со наведените уставни одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.243/2007
6 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски