239/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 во делот „освен, ако во согласност со закон, за одделни одредби кои се однесуваат на даночна обврска е пропишано да имаат повратно дејство“ од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006).

2. Панче Нефтенов – адвокат од Скопје и Стојан Белчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во првата иницијатива, со оспорениот дел од законската одредба „се овозможува ретроактивна примена на Законот спротивно на уставното начело за забрана на повратно дејство на законите, со што се внесува правна несигурност во даночната сфера, како и можност за арбитрерност и злоупотреби. Ова особено што самата примена на оваа законска одредба тоа недвосмислено го потврдува“. Поради тоа, оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 52 ставовите 1, 2, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во втората иницијатива, со оспорениот дел од член 7 став 1 на Законот „практично се овозможува арбитрерност, како во изборот на даночната стапка со која ќе биде оданочен даночниот обврзник, така и во изборот на тоа кои одредби кои се однесуваат на даночните обврски може да имаат повратно дејство“. Тоа, пак, не било во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 ставовите 1 и 2, член 13 став 1, член 51 ставовите 1 и 2 и со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека членот 7 став 1 од Законот е систематизиран во Глава втора посветена на „Начелата на даночната постапка“, при што со него се определува дека „Даночната обврска се утврдува врз основа на законите кои биле во сила во време на нејзиното настанување, освен, ако во согласност со закон, за одделни одредби кои се однесуваат на даночна обврска е пропишано да имаат повратно дејство“.

Судот исто така утврди дека со Решение У.бр.237/2006 од 19 септември 2007 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 во делот „освен, ако во согласност со закон, за одделни одредби кои се однесуваат на даночна обврска е пропишано да имаат повратно дејство“, затоа што оцени дека оваа одредба допушта повратно дејство на законите доколку тоа е поповолно за граѓаните, што е во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорениот дел од член 7 став 1 на Законот веќе бил предмет на одлучување, кога Судот оцени дека одредбата допушта повратно дејство на законите во ситуација ако тоа е поповолно за граѓаните (Решение У.бр.237/2006 од 19 септември 2007 година), а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека овие иницијативи треба да се отфрлат согласно наведената одредба од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.239/2007
6 февруари 2007 година
С к о п ј е
лкЈу

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски