224/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 во делот „на Република Македонија“ од Законот за заштита од бучава во животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „Република Македонија, како држава и територија, не може да биде конкретен субјект во управувањето со бучавата во животната средина, туку тоа може да биде некој од нејзините органи или сите нејзини органи, како што се: Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на државната управа“. Поради тоа, оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во Поглавје I посветено на Општите одредби. Притоа, таа одредба поблиску е разработена во тоа поглавје и во другите поглавја на Законот така што е определено дека спроведувањето на утврдената заштита од бучава ја вршат, покрај другите, и органите на државната управа (член 6); дека изработката,
донесувањето, користењето и чувањето на стратешките карти за бучава од главните патишта, главните железнички пруги, главните аеродроми е во надлежност на органот на државната управа од областа на животната средина (член 15 став 2 алинеја 2), а Владата на Република Македонија ги утврдува со свој пропис главните патишта, главните железнички пруги и главните аеродроми за кои треба да се подготвуваат стратешки карти за бучава (член 16); врз основа на стратешките карти за бучава, министерот за животна средина донесува акциони планови за бучава во животната средина (член 17 став 2 алинеја 2), при што органите на државната управа можат да преземат соодветни мерки за заштита од бучава (член 19 став 2). На органот на државната управа за животна средина му се определени надлежности и во Поглавјето VIII.-Мониторинг за бучавата (воспоставување на државна мрежа за мониторинг – член 26), Поглавјето IX.-Информативен систем (воспоставување и управување со единствен информативен систем за состојбата со бучавата (член 33 став 1), XI.-Финансирањето (работите од делокруг на органот на државната управа за животна средина се финансира од Буџетот на Република Македонија – член 43 став 1), XII.-Надзор (надзорот над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на него ги врши органот на државна управа за животна средина – член 45 став 1).

Од изнесените законски одредби произлегува дека правата и обврските на Република Македонија во однос на управувањето со бучавата во животната средина и заштитата од бучава во животната средина се прецизно разработени во Законот, согласно уставните овластувања на Владата на Република Македонија и на органите на државната управа определени во членовите 91, 95, 96 од Уставот на Република Македонија.

Имајќи ја предвид целината на Законот, Судот утврди дека членот 1 во делот „на Република Македонија“ од Законот е во согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.224/2007
6 февруари 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски